Претепувањето на 26-годишната Сара од Охрид предизвика силни реакции во јавноста, барања за институционална одговорност и повици за протест против насилството врз жените, додека обвинителството и полицијата продолжуваат со истрагата за нападот.
Случајот во понеделникот доби нов пресврт, откако медиумите објавија дека осомничениот 31-годишен Кристијан Корабоски бил повторно приведен, а подоцна и дека против него е поднесено обвинение и му е определен притвор.
Првичната одлука осомничениот да се брани од слобода со мерки на претпазливост предизвика незадоволство кај граѓаните, политичките партии и организациите за заштита на жените од насилство.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека обвинителството ги презема сите неопходни дејствија за целосно расветлување на случајот и дека конечната правна квалификација на делото ќе зависи од доказите собрани во истрагата, објави Дојче веле.
Тој посочи дека во оваа фаза не би било соодветно да се шпекулира дали станува збор за потешко кривично дело од она за кое првично беше поведена постапката.
ТЕШКИ ПОВРЕДИ И ИСТРАГА ЗА ОКОЛНОСТИТЕ НА НАПАДОТ
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, нападот се случил на 15 ноември, по претходна расправија меѓу осомничениот и 26-годишната девојка.
Насилството продолжило и откако возилото во кое се наоѓале било запрено, при што девојката изгубила свест и се здобила со тешки телесни повреди.
Таа најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во Специјалната болница „Св. Еразмо“, каде што лекарите констатирале тешки телесни повреди.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, соопшти дека кај осомничениот биле измерени 1,29 промили алкохол во крвта, поради што против него ќе биде поднесена и дополнителна пријава.
Полицијата извршила разговори со повредената девојка, осомничениот и лица кои можат да имаат сознанија за настанот.
Прегледани се и снимки од безбедносни камери, а во рамките на истрагата е одземено возилото поврзано со случајот.
Против осомничениот првично беше поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда, а Основниот суд во Охрид му изрече мерки на претпазливост.
Токму одлуката тој да остане на слобода предизвика најголем дел од реакциите во јавноста.
Во меѓувреме, полицијата поднесе кривична пријава и против член на семејството на повредената девојка поради сомнение за загрозување на сигурноста, откако биле пријавени закани кон семејството на осомничениот.
СОМНЕВАЊА ЗА СЕМЕЈНО И ПОЛИТИЧКО ВЛИЈАНИЕ
Случајот предизвика дополнителни реакции по јавното сведоштво на мајката на Сара, која изнесе сомневања за обиди за прикривање на настанот и влијание врз медицинската документација.
Опозицискиот СДСМ побара да се испитаат овие наводи, обвинувајќи дека семејните и политичките врски на осомничениот можеби влијаеле врз постапувањето на институциите.
Партијата соопшти дека осомничениот е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, и на Гоце Корабоски, инспектор во Управата за јавни приходи.
СДСМ побара да се утврди дали имало обиди за заштита на осомничениот и да се обезбеди итна и ефективна заштита на повредената девојка.
„Таа заслужува заштита, мир и услови за закрепнување. Не страв дека повторно ќе биде нападната“, соопшти партијата.
Наводите за политичко влијание врз истрагата и медицинската документација засега не се потврдени од надлежните институции.
Пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, побара обвинителството да иницира одземање и вештачење на мобилни телефони за да се утврди дали имало комуникација меѓу осомничениот и членовите на неговото семејство поврзана со случајот.
Таа посочи дека во проверките може да биде вклучен и секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА БАРААТ ОДГОВОРНОСТ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го осуди нападот и побара целосно расветлување на случајот, како и одговорност доколку се утврдат пропусти или обиди за влијание врз истрагата.
„За насилството врз жените нема и нема да има место во Македонија“, соопшти партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија критики и кон обвинителството поради првичното пуштање на осомничениот на слобода со мерки на претпазливост.
Партијата соопшти дека ќе бара одговорност од сите институции и службени лица кои нема да постапуваат во согласност со законите.
Опозициската Левица, пак, го критикуваше првичното постапување на обвинителството, прашувајќи зошто сериозноста на повредите не била доволна за да се побара притвор.
„Колку треба да биде претепана една жена за државата да ја сфати сериозно?“, прашаа од локалниот огранок на Левица во Охрид.
Министерството за правда оцени дека случајот претставува уште едно предупредување за потребата од решителен институционален одговор на насилството врз жените.
Министерството ги повика надлежните институции да постапуваат професионално, навремено и без привилегии за кого било.
ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ: ПОЛИТИЧКИТЕ ВРСКИ НЕ СМЕАТ ДА ОБЕЗБЕДУВААТ НЕKАЗНИВОСТ
Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во заедничка реакција побараа темелна проверка на институционалното постапување.
Организациите ги посочија правната квалификација на делото, проценката на ризикот за жртвата и првичната одлука осомничениот да се брани од слобода како прашања што бараат дополнително испитување.
Тие побараа да се проверат и јавно изнесените наводи за евентуални обиди за влијание врз постапката.
„Јавната функција, партиската блискост и пристапот до институциите не смеат да станат семејни ресурси за избегнување одговорност“, се наведува во заедничката реакција.
Организациите побараа од Основното јавно обвинителство во Охрид да ја испита евентуалната вмешаност на други лица, да обезбеди целосна заштита за жртвата и да утврди одговорност за секој евентуален институционален пропуст.
Тие потсетија и на неодамнешниот фемицид на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци, оценувајќи дека јавноста во краток период сведочи на нови тешки случаи на насилство врз жени.
ОХРИД НАЈАВУВА ПРОТЕСТ
Социјалните мрежи се преплавени со пораки за поддршка на Сара, барања за целосно расветлување на случајот и критики за првичната одлука осомничениот да остане на слобода.
Граѓаните најавија протест во Охрид за вторник, 17 ноември, во 18 часот, во знак на солидарност со повредената девојка и со сите жени жртви на насилство.
Форумот на жени на СДСМ исто така повика на протест, барајќи институционална одговорност и гаранции дека политичките, партиските или семејните врски нема да влијаат врз спроведувањето на законот.
Случајот со Сара се случува во период кога во Северна Македонија се води расправа за законски измени за поефикасна заштита од семејно и родово базирано насилство, вклучувајќи ја и можноста за електронски надзор на насилниците.
Според податоците на МВР, пренесени од Дојче веле, бројот на пријави за семејно насилство е зголемен за повеќе од 70 проценти.
Додека Сара закрепнува од повредите, граѓанските организации бараат институциите да обезбедат не само кривична одговорност за нападот, туку и долгорочна сигурност и заштита на жртвата.

