Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика развојот на вештачката интелигенција (ВИ) доследно да се води според човечките вредности, нагласувајќи дека луѓето и нивното достоинство мора да останат во центарот на политичките напори за управување со брзиот технолошки напредок.
Говорејќи на Дигиталниот самит на германската влада, одржан во понеделникот во Берлин, Мерц истакна дека институциите често изгледаат бавни во своите реакции, но дека тоа не е знак за неспособност за дејствување, туку израз на промислен процес во кој човечките потреби и основните општествени вредности го одредуваат темпото.
Под мотото на самитот „Обликување на вештачката интелигенција: безбедна, суверена, конкурентна“, Мерц повика на поголем дигитален суверенитет на Германија и Европа.
Тој најави стратегија заснована на два пристапа. На краток рок, таа предвидува развој на модели на вештачка интелигенција применливи во индустријата, со цел да се зачува конкурентноста на компаниите. Истовремено, ќе се интензивираат истражувањата за идните модели на вештачка интелигенција, на пример во областа на физичката вештачка интелигенција.
Мерц ја нагласи важноста на меѓународната соработка, особено со земји како Франција и Канада, за размена на знаења и диверзификација на синџирите на снабдување.
Тој го истакна и огромниот економски потенцијал на Германија како деловна и инвестициска локација, особено во машинската и електронската индустрија.
Германскиот канцелар посебно се осврна на општествената димензија на дебатата за вештачката интелигенција. Повикувајќи се на цитат од папата Лав XIV, тој предупреди на опасноста на системите за вештачка интелигенција некритички да им се доверува преголема одговорност.
Мерц нагласи дека политиката, бизнис-секторот и општеството имаат заедничка одговорност самите да ги утврдат правилата за дигиталната трансформација и да ги заштитат технолошките темели на слободата.

