Поранешниот вицегувернер на Народната банка и поранешен претседател на Фискалниот совет, Глигор Бишев, повика на итна продажба на Алта банка Битола, предупредувајќи дека одолговлекувањето на процесот и продолженото повлекување на депозитите можат дополнително да ја усложнат состојбата во банката.
Во интервју за „Трилинг“, Бишев оцени дека Народната банка треба да ја постави промената на сопственикот како приоритет, а доколку е потребно, Собранието да интервенира и со законски измени за да се забрза процесот.
„Гувернерот треба да оди со некоја мини брза програма, доколку е потребно таа програма да ја верификува и Собранието, меѓутоа тоа да се реализира не подоцна од наредните 10 дена. Доколку тоа се одолговлекува, тогаш состојбите ќе стануваат покомплицирани“, рече Бишев.
Тој предупреди дека продолжената неизвесност кај штедачите може да ја намали атрактивноста на банката за потенцијалните купувачи.
„Кога продавате банка, вие продавате актива и пасива. И сега ако оваа нервоза продолжи и депонентите ги повлечат своите средства, вие немате што да продавате“, изјави Бишев.
БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ ОСТАНУВА СТАБИЛЕН
Бишев оцени дека проблемите во Алта банка Битола не претставуваат системска банкарска криза и дека стабилноста на македонскиот банкарски сектор останува висока.
Според него, информациите за апсењето на крајниот сопственик на банката, српскиот бизнисмен Давор Мацура, и одземањето на дозволата за работа на банката во Србија предизвикале вознемиреност кај депонентите во Северна Македонија.
„Банкарска паника е кога сите се плашат за своите депозити и постои трчање во банките да се подигнат депозитите, и тоа кај сите банки. Значи, овдека далеку сме од тоа и стабилноста на банкарскиот систем во целина е висока“, рече Бишев.
Тој додаде дека Народната банка има обврска континуирано да ја следи подобноста на сопствениците да управуваат со банките и да интервенира кога ќе се променат околностите врз основа на кои биле издадени соодветните дозволи и согласности.
Според Бишев, проблемите во Алта банка претставуваат ризик со кој банкарскиот систем во целина може да се справи.
„Ние се соочуваме со еден, јас би рекол прифатлив ризик, а тоа е дека една мала банка се соочува со потешкотии“, изјави тој.
БИШЕВ: НЕМА ВРЕМЕ ЗА ОДЛОЖУВАЊЕ
Говорејќи за можноста за преземање на Алта банка Битола од друг инвеститор, Бишев посочи дека брзината на постапката е клучна за успешно реструктуирање.
Како пример го наведе случајот со швајцарската банка Кредит Свис, чие преземање од страна на УБС во март 2023 година беше договорено во рок од неколку дена, со интервенција на швајцарските власти и регулаторните институции.
„Доколку тоа се одолговлекува, тоа е како вие да сте во прединфарктна состојба и велите: ќе чекам долго време за операција“, рече Бишев.
Запрашан што би се случило доколку српската страна не се согласи со продажбата на банката, тој оцени дека треба да се изнајде правно решение врз основа на постојната меѓународна практика.
Бишев не посочи конкретен потенцијален купувач, ниту правен модел според кој би се реализирало преземањето.
РАЗЛИКИ СО АФЕРАТА ТАТ
Бишев направи разлика меѓу актуелната состојба во Алта банка Битола и колапсот на штедилницата ТАТ во 1997 година, кој предизвика големи финансиски загуби за штедачите.
Тој посочи дека во случајот со ТАТ сопственичката истовремено го водела и секојдневното работење на штедилницата, додека во Алта банка Битола оперативното работење го извршуваат банкарски професионалци со долгогодишно искуство.
Втората разлика, според него, е уделот што ТАТ го имала во расположливото штедење на населението во период кога старите девизни штедни влогови биле замрзнати.
„Тие вработени и во минатото, јас верувам дека и сега професионално се однесувале, така што тоа е голема разлика во однос на ТАТ“, рече Бишев за вработените во Алта банка Битола.
СЛУЧАЈОТ АЛТА ПРЕДИЗВИКА ПОЛИТИЧКИ ОБВИНУВАЊА
Проблемите во Алта банка Битола предизвикаа меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за околностите под кои српската Алта банка ја презела поранешната Стопанска банка АД Битола, како и за проверките на потеклото на капиталот.
ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги обвинуваат поранешната влада на СДСМ и ДУИ и лица поврзани со семејството на Али Ахмети за деловни врски со Алта банка Белград.
СДСМ ги отфрла обвинувањата, наведувајќи дека преземањето на Стопанска банка Битола се случило во есента 2025 година, за време на актуелната влада.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ претходно соопшти дека државните институции работат на решение за заштита на банката и средствата на граѓаните, но не наведе конкретен рок за надминување на проблемите.
БИШЕВ БАРА И ПОСТЕПЕНО НАМАЛУВАЊЕ НА БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ
Во интервјуто Бишев се осврна и на состојбата со јавните финансии и предлог-буџетот за 2027 година, оценувајќи дека Северна Македонија има сè поограничен простор за управување со јавниот долг и буџетскиот дефицит.
Тој рече дека намалувањето на дефицитот и промената на структурата на јавните расходи треба да се спроведуваат постепено, во рамките на среднорочна фискална стратегија.
Според него, расходите поврзани со пензиите, здравството и платите зафаќаат меѓу 65 и 70 проценти од државниот буџет, што го ограничува просторот за брзи приспособувања.
Бишев оцени дека Владата треба постепено да го зголемува уделот на инфраструктурните инвестиции, но и да ја подобрува ефикасноста на јавната потрошувачка.
Тој посочи дека покрај фискалните мерки се неопходни структурни реформи во здравството, образованието и другите јавни сектори.
„Сега прашање е дали тоа ќе го правиме смислено, организирано, долгорочно, за да не применуваме шок-терапии“, рече Бишев.
Предлог-буџетот за 2027 година предвидува расходи од околу 7,2 милијарди евра, дефицит од 3,5 проценти од БДП и капитални инвестиции од околу 664 милиони евра.
Фискалниот совет претходно предупреди дека планираниот буџетски дефицит од околу 732 милиони евра повторно го надминува износот предвиден за капитални расходи.

