Дијалогот меѓу Курти и Вучиќ со години тапкаше во место, бидејќи и двајцата имаа внатрешнополитичка корист од неспроведувањето на Договорот. Затоа, доколку новата власт во Србија продолжи по старата песна на Вучиќ, и Курти би можел да се покаже како помагач на таквиот став.
Пишува: Шкелзен Малиќи
Изборите во Србија за мене не беа изненадување. Автократските режими почнаа да паѓаат како домино (Додик, Орбан…). А бидејќи во Србија веќе неколку години непрекинато се одржуваа масовни протести, кои во последните две години станаа уште поинтензивни, се очекуваше и Вучиќ да претрпи убедлив пораз.
Барем во оној дел од светот што е усогласен со НАТО, но и во земјите што НАТО ги смета за составен дел од својата интересна сфера, режими како оние на Додик, Орбан и Вучиќ не можат уште долго да опстанат доколку станат закана за безбедноста на воената Алијанса или кокетираат со Русија.
Тоа не значи дека овие режими се соборуваат поради интервенции однадвор, туку затоа што и околностите и внатрешната опозиција наметнуваат промена на курсот.
Сите овие режими беа соборени преку избори.
Што се однесува до ориентацијата на новата власт во Србија, која сè уште не е конституирана, студентите победија на изборите, но тие нема да преземат раководни функции. За кандидати предложија експерти и професори од различни области. Сè уште не се знае кој ќе биде премиер, а кои ќе бидат министрите, па затоа не можам да дадам јасни предвидувања.
Но, во општи црти, уште од времето на изборната кампања е познато дека победничката платформа на студентското движење претставува еден вид амалгам. Тие одлучија, слично како Зоран Ѓинѓиќ, кој во 1997 година создаде широка коалиција од сите партии на левицата, центарот и десницата за да го собори Милошевиќ од власт, да го поразат Александар Вучиќ со широка платформа на ставови што ќе го задоволат целиот спектар негови противници – од левицата, центарот и десницата.
Така, оние што ќе дојдат на власт ќе започнат со разновидни ставови, а уште сега се појавуваат и со противречни позиции. Некои зборуваат за промена на курсот кон сите соседи, додека други задржуваат крути ставови, особено кога станува збор за прашањето на Косово.
Внатрешни проблеми и предизвици
На внатрешен план, новата власт ќе има многу проблеми, бидејќи во сите министерства и другите полуги на власта, постојаниот административен кадар е исполнет со симпатизери на партијата на Вучиќ. Нивното масовно отстранување ќе биде тешко, а во моментов не може јасно да се процени како ќе се одвива тој процес без да се знае кој ќе ги заземе клучните функции.
Што се однесува до соседите, мислам дека новата влада ќе се обиде да ги релаксира односите со Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Со Северна Македонија верувам дека ќе води внимателна политика, додека односите со Албанија нема да бидат толку блиски како во претходните фази од владеењето на Вучиќ, кога Рама и Вучиќ беа двигатели на проектот „Отворен Балкан“, кој, за волја на вистината, веќе не е активен.
Тука се и другите аспекти на воспоставувањето безбедност и стабилност, а на тој план клучен фактор ќе биде Брисел, преку олеснување и забрзување на членството на земјите од Балканот во Европската Унија.
Косово – клучниот проблем на новата влада
Клучниот проблем на новата српска влада ќе биде Косово, бидејќи Студентската листа како изборно ветување даде цврста заложба дека Уставот на Србија нема да се менува, а тој го смета Косово за неотуѓив дел од земјата.
Од друга страна, ќе има силен притисок за спроведување на Охридскиот и Бриселскиот договор, кои гарантираат признавање на независноста на Косово, ако не де јуре, тогаш де факто.
Во однос на ова прашање, единствено неподготвеноста на Албин Курти да го финализира спроведувањето на Охридскиот договор, кој вклучува формирање на Заедницата на српските општини како специфичен облик на автономија, би можела повторно да стане дополнителен фактор за застој.
Дијалогот меѓу Курти и Вучиќ со години тапкаше во место, бидејќи и двајцата имаа внатрешнополитичка корист од неспроведувањето на Договорот.
Затоа, доколку новата власт во Србија продолжи да ја пее старата песна на Вучиќ, и Курти би можел да се покаже како помагач на таквиот став, иако не ми е јасно како и понатаму ќе ја брани својата позиција дека со неговите политики на блокада го ослободил северот на Косово.
Во моментов, генерално позитивните случувања во Србија носат многу непознаници за да можат да се дадат појасни предвидувања, освен дека сепак ќе има промени, но не знаеме со каква динамика и интензитет ќе се одвиваат тие.
*Шкелзен Малиќи е косовски филозоф, политички аналитичар, публицист и еден од истакнатите интелектуалци и критички гласови во Косово и поширокиот регион. Со децении се занимава со анализа на политичките и општествените процеси, меѓуетничките односи, демократизацијата и односите меѓу Косово и Србија. Автор е на бројни есеи, политички анализи и публикации, а познат е и по својот придонес во културниот и интелектуалниот живот на Косово.
Овој авторски текст е напишан ексклузивно за Инбокс7.

