7.8 C
Скопје
1 ноември, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНА

Душан Јањиќ за Инбокс7: Дијалогот со Косово нема да биде итен, Белград ќе бара самоуправа за Србите

Србија по изборите на 25 октомври влегува во нова политичка фаза, во која граѓаните постепено се ослободуваат од стравот, додека идната власт ќе мора да се соочи со сериозни економски, институционални и безбедносни предизвици, оценува српскиот политички аналитичар Душан Јањиќ.

Во интервју за Инбокс7, Јањиќ вели дека промените во српското општество веќе се видливи, но предупредува дека новата влада ќе наследи економија и институции кои, според него, се во процес на саморазградување.

Тој очекува темелни реформи во разузнавачките и безбедносните служби, борба против корупцијата и организираниот криминал, како и преиспитување на државните договори и инвестициите реализирани за време на владеењето на Александар Вучиќ.

Според Јањиќ, новата влада ќе ѝ даде приоритет на Европа, ќе ги подобри односите со соседните земји, вклучително и со Северна Македонија, и ќе ја замени досегашната соработка меѓу политичките лидери со поинтензивни економски и општествени врски.

Во однос на Косово, тој оценува дека обновувањето на дијалогот за нормализација нема да биде меѓу најитните приоритети. Сепак, очекува поголема транспарентност и отворање на прашањата за самоуправувањето на српската заедница, Заедницата на општини со српско мнозинство, имотот, пензиите и социјалната заштита.

Инбокс7: Каква ќе биде Србија по овие избори?

Душан Јањиќ: Уште денес општествениот живот и однесувањето на луѓето во Србија се поинакви отколку пред изборите на 25 октомври.

Видливо е ослободувањето од притисокот и стравот што ги ширеа медиумско-пропагандната машинерија на власта на Александар Вучиќ, полициската тортура и заканите за употреба на војската и полицијата против незадоволните граѓани.

Преку ноќ беше прекината вистинска разузнавачко-шпионска војна што се водеше против неистомислениците и противниците на власта.

Зголемениот ентузијазам на граѓаните се претвори во нови форми на ангажирање, вклучително и алармирање на јавноста за појави како уништување документи.

Се бараат оставки и кривично гонење на оние што ги прекршувале Уставот и законите, ја злоупотребувале власта, особено на оние што соработувале со организираниот криминал и поттикнувале корупција.

По конституирањето на Собранието, што се очекува да се случи на 9 или 10 ноември, и изборот на новата влада набргу потоа, следува период на соочување со големи предизвици.

Најпрво, потребно е сеопфатно согледување на вистинската состојба што ја остави зад себе власта на Српската напредна партија (СНС). Станува збор за економија и институции кои влегле во процес на саморазградување.

Потоа следуваат обезбедување финансиска и монетарна стабилност, соочување со зголемувањето на невработеноста на десетици илјади граѓани кои денес се „лажно вработени“ или се вработени на работни места без економска покриеност, санација на пропаднатите банки и отплата на доспеаните надворешни и внатрешни долгови.

Исто така, претстои воспоставување процедури и започнување среднорочна, политички и социјално многу ризична борба против криминалот и корупцијата.

Потребно е и започнување сеопфатна реформа на разузнавачкиот и безбедносниот систем, пред сè на Безбедносно-информативната агенција (БИА) и Советот за национална безбедност, како и јасно дефинирање на улогата на претседателот на Републиката.

Следуваат и избори за националните совети на националните малцинства, претседателски, покраински и локални избори. Без нив нема оживување на институциите кои се практично парализирани.

Сè на сè, има многу работа, и тоа под будното око на ангажираната јавност.

Што се однесува до Александар Вучиќ, водачот на Србија и на сите Срби, односно „Аца Србинот“, нему и на неговите најблиски им е потешко отколку на јавноста да се навикнат на фактот дека повеќе го нема во секое време, во секоја пригода и на секое место.

Инбокс7: Каква ќе биде надворешната политика на новата влада кон Западот и Истокот?

Душан Јањиќ: Уште сега е видливо дека доаѓа време на промени, сеопфатна соработка и подобри односи со соседите, особено со земјите од Западен Балкан.

Видливи се и знаци на подобра соработка на Србија со меѓународната заедница, како и позитивни промени во односот на меѓународната заедница кон Србија.

Судејќи според програмата на Студентската листа, новата влада на Србија ќе води „повеќевекторска политика“.

Ќе се промени редоследот на приоритетите, но не и партнерите со кои ќе се соработува.

Новиот редослед на приоритетите ќе биде следниот: прво, Европа, сфатена како обединета Европа, односно односите со Европската Унија и другите европски земји, вклучително и соседите; второ, Соединетите Американски Држави; трето, Русија; четврто, Кина; и петто, другите земји, особено таканаречените средни сили, како Јапонија, Јужна Кореја и Канада, како и земјите од глобалниот Југ.

Ветувањето на Студентската листа е дека надворешната, како и внатрешната политика, ќе поаѓа од интересите за стабилизација, демократизација и развој на Србија.

За таа цел ќе следува преиспитување на многу аранжмани што ги склучила претходната власт.

Тоа се однесува и на меѓудржавните договори и на деловните аранжмани, особено на инвестициите во инфраструктурната изградба, енергетиката и експлоатацијата на водните ресурси и ретките минерали.

Инбокс7: Какви ќе бидат односите на Белград со соседните земји, вклучително и со Северна Македонија?

Душан Јањиќ: И овие односи ќе се воспоставуваат во согласност со потребите и интересите на Србија, со почитување на меѓународните обврски.

Соработката повеќе нема, како досега, да се сведува само на соработка меѓу политичките раководства и владејачките партии.

Тоа значи дека соработката ќе биде поинтензивна и повеќе насочена кон економијата, како и кон поттикнување на соработката меѓу граѓаните.

Инбокс7: Што ќе се случува во односите на Србија со Косово?

Душан Јањиќ: Обновувањето на замрениот дијалог за нормализација на односите со Косово, објективно, не е меѓу најитните приоритети.

Ќе следува период на запознавање со обврските што властите на Србија ги презеле во досегашниот дијалог.

Потоа јавноста во Србија ќе биде информирана за преземените обврски.

Несомнено е дека и во самата Србија и во овој дијалог ќе се воведе принципот на транспарентност и активно вклучување на јавноста, вклучително и припадниците на српската заедница во Косово.

Се наметна и потребата да се разјасни досегашното непочитување на текстот и духот на поглавјето 5 од договорот за вклучување на Србија во Европската Унија.

Очекувам ова прашање да биде решено како претходно прашање, пред обновувањето на дијалогот за нормализација.

Извесно е дека новата власт, како и јавноста во Србија, ќе инсистира на занемарените прашања за статусот на српската заедница, односно остварувањето на самоуправа или самоуправување на српската заедница.

Тоа го вклучува и спроведувањето на досега постигнатите договори за Заедницата на општини со српско мнозинство.

Исто така, ќе се отворат прашањата за меѓусебните побарувања, вклучително и досегашниот пренос или приватизација на имотот, како и решавањето на проблемите со пензиското, здравственото и социјалното осигурување.

Сè на сè, овој дијалог повеќе нема да се сведува само на прашањето за статусот на Косово.

 

Related posts

Лидерски амбиции во СДСМ има, но сè уште се тактизира

admin

Собранието избра двајца нови министри, Муртезани преминува во кабинетот на премиерот

admin

Сиљановска отвори нова дилема: Дали јавноста погрешно го чита договорот со Бугарија?

admin

Анализите за водата во Гостивар завршија: Мицкоски бара одговорност од градоначалникот надолу

admin

Мицкоски со порака до граѓаните: Ако има метеж – летувајте дома

admin

Германскиот трговски гигант влегува во битка со Big Tech – влогот е 11 милијарди евра

admin