Премиерот Христијан Мицкоски изјави во понеделникот дека очекува „Алта банка“ АД Битола да добие нов сопственик и да продолжи со работа, оценувајќи дека продажбата на банката е решение што ќе ги заштити интересите на клиентите и доверителите.
Мицкоски, кој во изминатите денови лично учествувал во разговори за иднината на банката, рече дека е голем оптимист оти друга финансиска институција ќе стане нејзин сопственик.
„Голем оптимист сум дека ќе имаме финансиска институција, банка, која ќе биде сопственик на Алта банка. Значи, ќе ја спасиме банката“, изјави премиерот при посетата на Охрид.
Тој најави дека аукцијата за продажба на акциите би можела да се одржи кон крајот на ноември или на почетокот на декември.
Мицкоски објасни дека постапката за продажба зависи од исполнувањето на законските процедури и од комуникацијата со регулаторните институции.
Според него, завршил тридневниот рок за известување на регулаторот во Србија, а во тек е десетдневниот рок за добивање согласност за натамошната постапка со акциите.
Потоа би следувал период од пет дена за лиценцирање на потенцијалните понудувачи, по што би можела да биде закажана аукцијата.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, претходно соопшти дека шест инвеститори покажале интерес за преземање на банката, меѓу кои и два домашни субјекта.
Мицкоски прифаќа истрага, но ги отфрла обвинувањата
Одговарајќи на барањето на СДСМ Обвинителството да отвори предмет за преземањето на банката, Мицкоски рече дека нема ништо против таква постапка.
Тој смета дека истрагата би можела да ги разјасни околностите и да одговори на обвинувањата што ги изнесува опозицијата.
Истовремено, премиерот го обвини СДСМ дека со своите јавни настапи создава несигурност кај граѓаните и ја поткопува довербата во банката.
Според него, опозицијата очекувала банката да заврши во стечај, но Владата работи на решение што ќе овозможи продолжување на нејзиното работење.
СДСМ, пак, бара да се утврди дали при влезот на српската „Алта банка“ во поранешната Стопанска банка Битола биле исполнети сите законски услови и дали надлежните институции соодветно ги провериле сопствениците и потеклото на капиталот.
Партијата најави кривични пријави доколку Обвинителството не постапи.
Спор и околу деловните активности на Мацура во Австрија
Мицкоски ги отфрли критиките за српскиот бизнисмен Давор Мацура, повикувајќи се на неговите претходни деловни активности во Австрија и односите со меѓународни финансиски институции.
Според премиерот, Мацура ги исполнувал законските услови за учество на македонскиот банкарски пазар. Тој ја посочи и неговата поврзаност со стекнувањето акции во австриската „Адико банка“, како и деловните односи со „Рајфајзен банка“.
Меѓутоа, официјалната документација за стекнувањето акции во „Адико банка“ покажува дека австриските и европските регулатори претходно утврдиле неправилности во пријавувањето на акционерското учество на компанијата „Алта пеј груп“.
Во август 2024 година, Европската централна банка утврдила дека „Алта пеј груп“ и „Дипломат пеј“ дејствувале усогласено при стекнување вкупно 19,62 проценти од акциите во „Адико банка“, без навремено известување на надлежниот регулатор.
Поради тоа, гласачките права поврзани со тие акции биле привремено суспендирани.
Во февруари 2025 година ЕЦБ констатирала дека координираното дејствување престанало по продажбата на акциите на „Дипломат пеј“ во декември 2024 година, по што суспензијата на гласачките права престанала да важи.
ВМРО-ДПМНЕ отвори обвинувања за „Еуростандард банка“
Паралелно со расправата за „Алта банка“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ изнесе обвинувања за финансиски трансакции преку „Еуростандард банка“ во периодот на претходната власт.
Пратеникот Бране Петрушевски тврдеше дека во 2019 година биле префрлени 110 милиони евра од Венецуела и дека постоел план преку банката да поминат вкупно 1,6 милијарди евра.
Според неговите наводи, трансакциите биле поврзани со компании и деловни структури блиски до поранешната власт, а дел од средствата биле насочувани и преку сметки во Србија.
Петрушевски ги обвини СДСМ и поранешниот премиер Зоран Заев за политичка одговорност, поврзувајќи ги овие тврдења со актуелните критики на опозицијата за „Алта банка“.
Банката во Битола останува под привремена администрација
„Алта банка“ АД Битола е под привремена администрација на Народната банка, воведена по одземањето на дозволата за работа на нејзиниот мнозински сопственик во Србија.
Македонскиот регулатор соопшти дека банката е ликвидна и високо капитализирана и дека мерките имаат цел да го зачуваат нејзиното работење и да ги заштитат клиентите.
Во понеделникот беа отворени и дополнителни шалтери во Тетово и Струмица, додека неделниот лимит за користење на платежните картички беше зголемен од 10.000 на 15.000 денари.
Во меѓувреме е повторно активирано и електронското и мобилното банкарство.
Иако премиерот најавува позитивен исход, конечната продажба ќе зависи од регулаторните согласности, интересот на инвеститорите и условите под кои ќе се реализира преземањето.
Дотогаш, отворени остануваат и прашањата за постапката со која српскиот инвеститор ја презел битолската банка и за евентуалните проверки што треба да ги спроведат надлежните институции.

