11.8 C
Скопје
12 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Студентите сакаат реформи, Вучиќ обвинува: Почна растурањето на безбедносниот сектор на Србија

Српскиот претседател во заминување Александар Вучиќ во четвртокот ги обвини победниците на парламентарните избори дека се обидуваат да го разградат одбранбениот и безбедносниот сектор на Србија, тврдејќи дека дејствуваат по налог на странски разузнавачки служби.

Вучиќ, носител на изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, во видеопорака објавена на Инстаграм ги критикуваше предлозите на Студентската листа за реформи во армијата и безбедносните институции.

„Зошто оваа хајка и прогон? За да се скрие вистината, а вистината е дека целта е да се растури државата Србија“, рече Вучиќ, пренесоа српските медиуми.

Тој ги обвини и невладините организации финансирани од странство дека преземаат водечка улога во, како што рече, прогонот на луѓето кои размислуваат поинаку и кои ја штителе државата.

Вучиќ не приложи докази за своето тврдење дека странски разузнавачки служби стојат зад предложените реформи.

РЕФОРМИ ВО БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР

Директорот за истражувања во Белградскиот центар за безбедносна политика, Предраг Петровиќ, во четвртокот за Радио-телевизија Србија изјави дека на земјата ѝ е потребна темелна реформа на безбедносниот сектор.

Како еден од клучните чекори тој го посочи одземањето на полициските овластувања на безбедносно-разузнавачките служби.

Вучиќ ја критикуваше оваа иницијатива, оценувајќи дека таа би довела до распаѓање на безбедносно-разузнавачкиот систем.

Поранешниот претседател се спротивстави и на предлогот на Студентската листа за доброволно служење воен рок во траење од шест месеци, наместо задолжителниот воен рок од 75 дена, чие воведување го најави претходната власт.

„Студентите ни предлагаат укинување на предвидениот воен рок од 75 дена. Нашите касарни ќе останат празни“, рече Вучиќ.

СОРАБОТКАТА СО ИЗРАЕЛ И КИНА

Вучиќ ги критикуваше и ставовите на претставници на студентското движење во однос на воената соработка на Србија со Израел и Кина.

Еден од претставниците на студентите во блокада претходно изјави дека треба да се запре работата на фабриката за склопување беспилотни летала, која Србија ја отвори во соработка со Израел.

„Не сакаат соработка со Израел, не сакаат соработка со Кина, не сакаат соработка со оние што ги имаат најмоќните армии и најмоќното оружје во светот. Кому му ја предаваме државата и од кого и како ќе можеме да се одбраниме?“, праша Вучиќ.

Тој направи паралела со периодот од 2000 до 2012 година, пред Српската напредна партија да дојде на власт.

Изјавите на Вучиќ доаѓаат по изборната победа на Студентската листа, со која беше ставен крај на 14-годишната политичка доминација на Српската напредна партија.

Во програмата на Студентската листа не се предвидува воведување задолжителен воен рок, туку доброволно служење во траење од шест месеци.

 

Related posts

Лидер на младината на Левица казнет со 550 евра по приведување за палестинско знаме

admin

Инфлацијата во еврозоната 1,9%: најниска во Данска, највисока во Романија

admin

Минута по минута: Како се одвиваше американскиот ноќен напад врз Иран?

admin

ЕСП ѝ фрла ракавица на ДУИ

admin

МЛАДИТЕ, ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

admin

Шји ги повика светските сили да помогнат Русија и Украина да го обноват директниот дијалог

admin