Најмалку едно лице, меѓу кои и конзул на странска држава, е приведено утрово во акција на Финансиската полиција поради сомнежи за местење тендери вредни стотици милиони денари во РЕК Битола, дознаваат локални медиуми.
Неофицијално, приведениот конзул е сопственик на компанија од Битола ангажирана за ископни работи во комбинатот, која се сомничи дека незаконски добила тендер вреден околу 100 милиони денари. Според објавените информации, компанијата во минатото добивала повеќе договори со РЕК Битола, при што опозициските партии обвинуваа дека фирмата заработувала и до 63 илјади евра дневно од ангажман на десет булдожери.
Во соопштение, РЕК Битола соопшти дека ниту еден член од тековното раководство не е приведен, додавајќи дека осомничените се дел од поранешниот менаџмент. Компанијата изрази поддршка за институциите во расветлување на случајот и побара од медиумите да прават разлика меѓу сегашното и претходното раководство.
Основното јавно обвинителство Битола поднесе наредба за спроведување истрага против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Според Обвинителството, петмина службени лица – меѓу кои и поранешниот директор на комбинатот и четворица раководители во погонот „Рудници“ – во текот на 2023 година организирале јавна набавка спротивно на законот и овозможиле една компанија да биде единствен понудувач.
Тројца од раководителите и едно друго службено лице се осомничени и за измама во службата, откако потпишувале извештаи за извршена работа иако биле свесни дека фирмата не ги реализирала договорните обврски. Врз основа на тие извештаи, компанијата наплатила 106,2 милиони денари од РЕК Битола.
Обвинителството ќе предложи притвор за двајца осомничени – сопственикот на фирмата и еден раководител од „Рудници“, додека за други четворица се бараат мерки на претпазливост, вклучувајќи одземање на патни исправи и редовно јавување во суд. Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друг предмет.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека апсењата ја потврдуваат нивната долготрајна критика за, како што наведуваат, „тендерите местени од СДСМ и нивната омилена компанија ‘Марковски’“. Партијата тврди дека фирмата добила 200 милиони евра од државата во последните две години и дека „правдата полека, но сигурно доаѓа“.

