21 C
Скопје
19 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Фатос Нано: Човекот што ја пушеше политиката како пура и ја остави кога му здосади

Во Албанија на транзициските години, малку фигури сјаеле толку силно, и изгореле подеднакво, како Фатос Нано. Интелектуалец што зборуваше пет јазици, професор кој четири пати стана премиер, човек што основа рок-група во земја каде што самиот рокенрол се сметаше за морален прекршок.

Нано не беше само политичар: тој беше мит, скандал и шега во исто време — сè што албанската политика требаше истовремено да го сака и да го мрази.

Tој ја обликуваше посткомунистичката политика и ја воведе културата на оставка во регион каде што лидерите ретко се повлекуваат. Почина на 73-годишна возраст.

Лидерство во бурни времиња 

Нано, кој ја водеше Социјалистичката партија на Албанија низ бурните 1990-ти, останува запаметен како архитект на нејзината трансформација од Комунистичката партија на трудот во проевропска социјалдемократска сила. И обожуван и оспоруван, Нано се повлече од политиката пред две децении, но неговото влијание и понатаму се чувствува во кревкото демократско ткиво на земјата.

Роден на 16 септември 1952 година во Тирана, Нано дипломирал политичка економија на Универзитетот во Тирана, а подоцна студирал и во Виена. Во 1990 година, кога комунистичкиот режим се распаѓаше, тогашниот претседател Рамиз Алија го именува за премиер — позиција што ќе му ја отвори историјата.

Во јуни 1991 година, Нано претседаваше со историскиот конгрес на кој беше распуштена Партијата на трудот и создадена Социјалистичката партија на Албанија, со цел да се дистанцира од тоталитарното минато и да се приближи кон западноевропската социјалдемократија. Неговото раководство ја спаси левицата од политичка изолација и ѝ овозможи да стане дел од демократскиот процес.

Кариерата на Нано доживеа пресврт во 1993 година, кога владата на Сали Бериша го затвори под обвиненија што јавноста ги сметаше за политички мотивирани. Од затворската ќелија, Нано продолжи да ја води својата партија и по четири години излезе како симбол на отпорност и упорност. Кога социјалистите победија на изборите во 1997 година, тој се врати на премиерската функција, ветувајќи помирување и реформи во земја погодена од економски колапс и политичко насилство.

За разлика од многу негови современици, Нано не се плашеше да поднесе оставка. Тој повеќепати се повлекуваше од врвните функции, убеден дека политичкиот живот бара достоинство и обновување. „Тој беше единствениот албански лидер што знаеше кога треба да се повлече,“ изјави негов поранешен соработник.

Остроумен економист со склоност кон иронија и дистанца од патосот, Нано често влегуваше во судири и со сојузници и со противници. Но, неговото владеење донесе тон на плурализам и толеранција — ретки квалитети во албанската политика исполнета со конфликти.

По поразот на изборите во 2005 година, тој целосно се повлече од јавниот живот, но остана референтна точка за многумина — реформатор кој ја гледаше власта не како лична сопственост, туку како одговорност.

„Фатос Нано ѝ покажа на Албанија дека премиер може да поднесе оставка без да ја изгуби честа,“ напиша политичкиот аналитичар Скендер Минџожи по неговата смрт. „Во политичка култура опседната со контрола, тоа останува неговото најголемо наследство.“

Бунтовник во комунистичко семејство 

Роден во во семејство од комунистичката номенклатура, татко му Танас Нано беше директор на Албанската радио-телевизија, додека неговиот единствен син учеше да свири гитара и да ги пее Битлси – гест кој во шеесеттите имаше повеќе политичко отколку естетско значење.

На Универзитетот во Тирана се истакна како еден од најдобрите студенти по политичка економија. Наскоро стана професор, реформатор, а потоа и затвореник. Во јули 1993 година, Нано беше уапсен под обвинение за „злоупотреба на функцијата“. Тоа беше почеток на една деценија во која политиката и затворите беа двете страни на иста паричка.

Во затворот во Бенча, тој водеше дневник, читаше и, како што сведочат неговите сопатници, раскажуваше досетки со елеганција на актер што никогаш не го заборава својот публикум. Избричен, понизен, но не и скршен.

Кога излезе од затвор, беше покрупен, со брада и со присуство што ја мешаше лукавоста на Макијавели со хуморот на боемски уметник.

Нано ќе ја водеше владата четири пати, воведувајќи го за првпат концептот на „оставка како чин на граѓанска доблест“ во политика каде што никој не си заминуваше доброволно. Тој беше човекот кој ја прифати поразот – и го направи тоа со цигара во рака.

И приватниот живот му беше спектакл

Во приватниот живот, Нано ги предизвикуваше нормите исто толку колку и во политиката. Првиот брак со Режина, младешката љубов со која имаше две деца, заврши по 27 години. Вториот, со Џоана – жена 21 година помлада од него – се претвори во јавен спектакл што го вознемири конзервативниот албански менталитет. „Не ја судете љубовта според годините,“ рече тој тогаш, со насмевка на човек кој повеќе нема потреба да се оправдува.

Во задимените кафулиња преферираше кубански пури и „Марлборо“, а на вечера – џин со тоник. Беше навивач на Партизани, Интер и Битлси.

Во политиката, неговиот вечен ривал беше Сали Бериша – противникот што го почитуваше како дел од една игра што само тие двајца целосно ја разбираа.

Во 2004 година, неговата средба со Џорџ В. Буш во Белата куќа го означи врвот на неговата меѓународна кариера. „Буш го продолжи состанокот подолго од планираното,“ напишаа тогаш медиумите – знак дека Нано, со својата духовитост, успеал да го освои и американскиот претседател.

По 2005 година, тој се повлече од власта, но не и од митот. За едни остана „првиот политички затвореник на транзицијата“, за други „реформаторот што ја модернизираше албанската левица“.

Во секој случај, приказната за Фатос Нано не е само биографија на еден човек: тоа е сага за една Албанија што ја бараше Европа со кафе и цигара во рака, и со „Јестеrдеј“ под тивко мрморење.

По неговата смрт, Нано ја остави Албанија поблиску до Европа од кога било, а неговата партија, предводена од најдолговечниот премиер Еди Рама, кого токму тој го воведе на албанската политичка сцена.

Related posts

Брисел подготвува радикална промена: ЕУ фондовите под една контрола

admin

Адеми: Дурмиши ја призна неoдговорноста на Бектеши

admin

Марио Варгас Љоса: Џинот на латиноамериканската литература со удар кој одекна

admin

Централен регистар им ја отежни работата на новинарите

admin

Градоначалникот на Струга тужен поради албанско знаме

admin

Русија продолжи со нападите врз главниот град Киев

ninja