Различни оценки го следат петтиот конгрес на Демократската унија за интеграција (ДУИ), за кој партијата оцени дека бил успешен и ја потврдил нејзината висока политичка зрелост и капацитет за длабоко, одржливо и сеопфатно реформско преструктуирање.
Реизборот на Али Ахмети и пораката за континуитет
„Повторниот избор и реафирмацијата на претседателот, Али Ахмети, претставуваат континуитет, стабилност и сигурно лидерство во реформскиот процес. Овој процес беше реализиран колегијално од страна на раководството и широкото членство на ДУИ, со што се потврдува високо ниво на политичка одговорност и заедничко авторство во донесувањето на одлуките“, соопшти партијата.
Од ДУИ потенцираат дека на конгресот биле усвоени суштински промени, како во структурен и кадровски аспект, така и во основните акти на партијата.
„За првпат, во Претседателството на Генералниот совет (Централното претседателство) се вклучени 20 нови членови (над 60 % од составот), кои за првпат стануваат дел од овој висок раководен орган. Истовремено е постигната достоинствена родова застапеност, каква што досега немало, со 10 жени членки (околу 30 %), што јасно ја потврдува нашата посветеност на инклузивност и еднаквост. Едни од авторите на реформската иницијатива се токму оние кои денес направија чекор назад и го отстапија местото на новата генерација“, велат од ДУИ.
Дали верувате дека ќе ни веруваат?
На социјалните мрежи членови на партијата ги споделуваат нивните впечатоци за решенијата на Конгресот.
Имране Велиу Алиу, една од поактивните членови на ДУИ од Чаир, со воодушевување го коментира вклучувањето на младите.
„Младите на ДУИ не се декорација, туку сила која не е само набљудувач, туку кокреатор на политичката насока. Ова е предност, ова е вистинска демократија и ова е начинот ДУИ да се одржи жива, силна и во служба на земјата“, оцени таа.
Додека едни ракоплескаат, други не го делат истиот впечаток. Валмир Азири, еден од функционерите на ДУИ во Тетово и поранешен државен секретар во Министерството за култура, во објава на Фејсбук јавно ја праша партијата: Дали навистина верувате дека ќе ни веруваат?
Критики: Реформа или политичко шоу?
Тој оценува дека во паријата на се случила реформа, туку шоу.
„’Реформата’ беше прогласена за завршена, а сцената се затвори со организиран аплауз. ‘Новите’ членови ги зазедоа своите места, не како производ на отворен и демократски процес, туку како продолжение на внатрешна ротација што се продава како промена. Новото беше спакувано во зборови, но содржината остана стара. Во овој процес, реформата не беше изградена врз анализа, одговорност и справување со неуспесите, туку врз потребата да се зачува политичката моќ во рамките на организацијата, давајќи ѝ поинакво лице. Промената на имињата и позициите не произведува доверба, напротив, го продлабочува сомневањето дека сè е направено за шоу“, смета Азири.
Посочува дека довербата не произлегува од затворени конгреси ниту од рециклираниот речник за најавени реформи, туку од вистинска одговорност, од признавање на грешките и од вистинската промена во начинот на водење политика.
„Без ова, секоја ‘реформа’ останува само претстава, секое ‘ново’ останува само етикета, а секој конгрес само уште едно поглавје од истата излитена приказна“, оценува Валмир Азири.
Испрана облека не е нова облека
Ротацијата има во Претседателството на Генералниот совет (Централното претседателство). Досегашниот потпретседател на партијата, Арбер Адеми, е избран за нов Генерален секретар на ДУИ, а досегашниот Генерален секретар, Фатон Ахмети, е избран за нов потпретседател.
Потпретседателската функција ја задржа Бујар Османи, кој на локалните избори беше кандидат за градоначалник на Општина Чаир, но беше поразен од Изет Меџити од ВЛЕН.
За потпретседатели се избрани и Арта Билали-Зендели, Арбана Пашоли и Еркан Арифи. Поранешниот државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Неби Реџепи, е избран за нов Организациски секретар, а Арбеша Влаши за секретарка за еднакви можности.
Реакции од ВЛЕН
Изет Меџити од опонентската ВЛЕН оцени дека по изборниот дебакл, Конгресот на ДУИ станал театар во кој од никого не била побарана политичка одговорност.
„Наместо размислување, конгресниот театар делеше памфлети со ‘главни теми’ за да го прикрие неуспехот, но уште полошо – да избегне дискусија за суштинското прашање: кој е одговорен за губењето на изборите?! Видовме рециклирање на стари имиња што Конгресниот театар се обиде да ги претстави со ново пакување, нарекувајќи го реформа процесот на центрифугирање. Но, испрана облека не е нова облека!“, пишува Меџити.
Смета дека бил контроверзен и процесот на делегирање на делегати, без трошка транспарентност за процесот на номинирање и кандидатура, со што Конгресот се трансформирал во фарса.
Двоен легитимитет
Кои беа главните теми што произлегоа и од обраќањето на старо-новиот партиски претседател Али Ахмети? Тој порача дека единството не се гради врз механичко мнозинство и мајоризација, туку врз двоен легитимитет, консензус и заемна почит.
Во таа насока, предложи три мерки за обезбедување правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор.
Прво: избор на Владата со двојно мнозинство: секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници.
Второ: примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд: Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието да не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав.
Трето: продлабочување на децентрализацијата, со понатамошен пренос на надлежности во областа на образованието, здравството, локалниот развој и управувањето со јавните добра, и финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат.
На дел од овие ставови реагираше Социјалистичката партија на Македонија, која оцени дека конгресните предлози што формулирал Ахмети се насочени кон рушење на уставниот поредок и слабеење на државата.
„Тој бара да се подреди државата и системот под владеење на ДУИ. Да се минимизира важноста на мнозинството во државата, а да се мајоризира малцинството. Апсурдни неприфатливи барања кои не постојат во ниту еден правен систем (…) Наместо унитарна ДУИ предлага нестабилна држава каде малцинството ќе го подреди мнозинството и ќе предлага одлуки кои ќе ја блокираат државата, а се и против интересите за нејзиниот раст и развој“, посочи партијата.
Оттаму наведуваат дека СПМ се залага за правна и демократска држава на сите граѓани согласно со Уставот и законите, што е веќе уредено и признато во меѓународни рамки.

Ветинг за сите
Ахмети во обраќањето се заложи за владеење на правото и доверба во институциите и го реактуелизираше барањето за целосен ветинг со меѓународен надзор, за сите носители на јавни функции во последните 34 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители и припадници на полицијата.
Повика на проверка на имотот и потеклото на имотот за секој јавен функционер, за темелна истрага на процесот на приватизација кој, како што рече, создал недопирливи олигарси, но и истрага за дејствувањето на државните безбедносни служби и нивните службеници од 1945 година до денес.
Национален договор за напредок
Претседателот на ДУИ порача дека државата сега е пред ново поглавје – мирот не е доволен, потребен е и напредок.
„На светот му го дадовме Охридскиот договор, со кој обезбедивме мир и соживот. Покажавме политичка зрелост со Договорот од Преспа и со Договорот за добрососедски односи. Секое од овие достигнувања произлезе од мудрост, жртва и длабоко уверување дека мирот е темелот на секое добро. Но денес стоиме пред ново поглавје – поглавје во кое мирот сам по себе не е доволен, ниту стабилноста сама по себе е доволна. Граѓаните бараат повеќе. Нашите деца заслужуваат повеќе. Затоа дојде време за нов историски договор – договор не за опстанок, туку Национален договор за напредок“, порача Ахмети.
Наведе дека тој договор не е само политичка програма, туку заедничка обврска на сите заедници и експерти, како морално ветување кон идните генерации и визија за држава во која достоинството е гарантирано, а соништата остварливи.
„Овој договор нека биде нашето следно национално достигнување – моментот кога стабилноста ќе се претвори во прогрес, а мирот во напредок“, рече Ахмети, потсетувајќи дека и членството во ЕУ е стратешка и неповратна државна определба.
Извор: Дојче Веле

