Европската Унија ја разгледува можноста поранешната германска канцеларка Ангела Меркел да биде вклучена како посредник во евентуални преговори меѓу Украина и Русија, објави украинскиот провладин медиум United24 Media, повикувајќи се на информации од германски „Шпигел“.
Според европски извори, Меркел се смета за можен кандидат поради познавањето на рускиот јазик, долгогодишното искуство во разговори со рускиот претседател Владимир Путин и фактот што повеќе не е активна во дневната политика.
Од канцеларијата на Меркел соопштиле дека таа засега не добила формална понуда за таква улога, но не ја исклучиле можноста да ја прифати доколку биде побарано.
Меркел, која ја водеше Германија од 2005 до 2021 година, по почетокот на руската инвазија врз Украина повремено ја осуди Москва, но не призна дека направила грешки во претходната политика кон Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ја критикуваше Меркел поради поддршката за гасоводот „Северен тек 2“ и пошироката политика кон Кремљ. Тој ја покани да ја посети Буча по ослободувањето на градот, но таа не отпатува во Украина по почетокот на целосната руска инвазија.
Во своите мемоари и јавни настапи, Меркел повтори дека „треба да се разговара со Русија“ и ја бранеше својата иницијатива од 2021 година за самит ЕУ–Русија, која тогаш беше блокирана од Полска и балтичките земји.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно предложи друг поранешен германски канцелар, Герхард Шредер, како можен посредник, но европски претставници ја отфрлија таа идеја поради неговите блиски врски со Путин и руските енергетски компании.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас изјави дека не би било „многу паметно“ Кремљ да го избира посредникот.
Експерти оценуваат дека секој можен посредник мора да има широка поддршка во ЕУ, особено од источноевропските и балтичките земји, кои традиционално се најкритични кон политиката на отстапки кон Москва.
Разговорите за можна посредничка улога на Меркел доаѓаат во време кога европските земји бараат поголема улога во мировната дипломатија, паралелно со напорите предводени од САД.

