Балканските земји повторно се најдоа во центарот на вниманието на Евровизија 2026, откако Албанија, Бугарија и Романија се пласираа во големото финале по втората полуфинална вечер во австриската престолнина.
Во арената „Винер Штатхале“ во Виена, каде што се одржува 70. издание на натпреварот, настапите од регионот беа меѓу најкоментираните – од романскиот метал и бугарскиот поп, до емотивната албанска балада посветена на мајката.
Романската претставничка Александра Капитанеску предизвика силни реакции со рок-песната „Choke Me“, која уште пред натпреварот отвори дебати поради текстот и сценскиот настап. Албанскиот претставник Алис се пласираше со песната „Nan“, емотивна приказна за мајката и семејството, додека бугарската пејачка Дара ја крена атмосферата со динамичната „Bangaranga“.
Во финалето се пласираа и Австралија, Данска, Кипар, Чешка, Малта и Норвешка, додека Ерменија, Азербејџан, Летонија, Луксембург и Швајцарија останаа без место во завршницата.
Овогодинешната Евровизија се одржува во атмосфера на силни политички тензии. Ирска, Исланд, Шпанија, Словенија и Холандија го бојкотираа натпреварот поради учеството на Израел и воените операции во Газа, што повторно ја отвори дебатата дали политиката и музиката можат да се одвојат.
И покрај контроверзиите, балканските држави годинава ја користат Евровизија како простор за културна афирмација и регионална видливост во Европа. За многу земји од регионот, настапот на Евровизија одамна е повеќе од музички натпревар – тоа е сцена за национален имиџ, идентитет и мека дипломатија.
Организаторите велат дека Евровизија повеќе од седум децении била простор за „гласот на маргинализираните“, а годинашното издание повторно покажува дека европската музичка сцена тешко може да остане изолирана од глобалните политички судири.
Големото финале ќе се одржи в сабота, а според обложувалниците, Финска и Австралија остануваат меѓу главните фаворити за победа.

