Членството на Црна Гора во Европската Унија до 2028 година е можно и реално, порачаа во петокот европските и црногорските лидери по Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, оценувајќи дека земјата влегува во завршна фаза од пристапниот процес.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека самитот испратил силна порака дека политиката на проширување повторно е стратешки приоритет на Европската Унија.
„Со целосно уверување сметам дека целта Црна Гора да стане дел од Унијата до 2028 година е реална и достижна“, рече Милатовиќ.
Тој оцени дека членството на Црна Гора би било потврда за успешноста на реформите, но и охрабрување за другите земји од Западен Балкан дека европскиот пат е остварлив.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека Европската Унија минатиот месец почнала со подготовка на пристапниот договор за Црна Гора, што, според него, е прв таков чекор од 2013 година.
„За првпат по повеќе од една деценија навистина одбројуваме до следното проширување“, рече Кошта.
Тој додаде дека ЕУ разгледува нови идеи за да го направи процесот на проширување поефикасен и да ја зајакне довербата кај земјите кандидати.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека реформите во Црна Гора се „импресивни“ и дека целта земјата да стане членка на ЕУ во 2028 година е достижна.
Таа рече дека проширувањето останува процес заснован на заслуги и дека реформите може да бидат наградени со конкретна интеграција, вклучувајќи пристап до делови од заедничкиот пазар, SEPA и постепено укинување на роамингот.
„Процесот на проширување значи како сонот да се претвори во стварност“, рече Фон дер Лајен.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека Црна Гора најмногу напреднала во европските интеграции меѓу земјите од регионот, но нагласи дека Загреб очекува напредок во отворените билатерални прашања.
Тој ги посочи обештетувањето на поранешните логораши, имотно-правните прашања на хрватски семејства, спомен-плочата во Морињ, школскиот брод „Јадран“ и прашањето за границата.
Самитот во Тиват се одржа на 20-годишнината од обновувањето на независноста на Црна Гора и беше претставен како еден од најважните дипломатски настани во земјата во последните години.
На собирот учествуваа повеќе од 35 делегации, меѓу кои лидери на земји членки на ЕУ и претставници од Западен Балкан.
Милатовиќ по завршувањето на самитот изјави дека Црна Гора покажала организациска зрелост и државна сериозност.
„Пред нас е завршницата на европскиот пат. Тоа е работа на институциите, општеството и нашата генерација“, рече Милатовиќ.

