СДСМ на својот 32. програмски конгрес ја усвои новата идеолошка платформа „Твоја држава, твоја шанса“, при што претседателот на партијата Венко Филипче порача дека партијата останува доследна на основните вредности на социјалдемократијата – правда, солидарност и еднакви можности за граѓаните.
Во своето обраќање, Филипче оцени дека СДСМ мора повторно да стане „совест на државата, глас на трудот и заштита на понижениот човек“, нагласувајќи дека на партијата не ѝ е потребен нов политички речник, туку нов морален завет кон граѓаните.
Тој најави дека СДСМ ќе врши континуиран притисок врз Владата во три клучни области: отворање на кластерите и поглавјата во пристапните преговори со Европската Унија, понуда на социјалдемократска алтернатива на економските политики и мобилизација на пошироката прогресивна јавност.
Осврнувајќи се на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Тиват, Филипче рече дека проширувањето повторно добива политички моментум кој државата не смее да го пропушти.
Во говорот тој упати и директни критики кон Владата, обвинувајќи ја за институционален застој, слаб економски напредок и недостиг на визија.
„Времето на изговори истече. Македонија нема повеќе години за трошење. Ако не сте способни да го искористите моментот, ако не сте способни да ја придвижите државата напред, ако не сте способни да изградите доверба, тогаш тргнете се од патот на државата“, изјави Филипче.
Тој оцени дека државата не смее да остане заложник на политичка неодлучност во период кога европската интеграција повторно е високо на агендата на Европската Унија.
Конгресот беше проследен и со присуство на претставници на сестрински социјалдемократски и прогресивни партии од регионот, кои учествуваа со свои обраќања и пораки за регионална соработка и европска интеграција.

