Совет на јавни обвинители во вторникот даде позитивно мислење за четворица од петтемина кандидати за нов државен јавен обвинител, со што тие ја продолжуваат трката, додека поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, беше дисквалификуван поради неисполнување на законските услови.
Позитивно мислење добија актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ, како и судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека сите кандидати биле оценувани според законските критериуми и дека четворицата ги исполнуваат условите предвидени во Законот за јавното обвинителство.
„Согласно законот, ги разгледавме сите пријавени кандидати и утврдивме дека четворица ги исполнуваат условите. Станува збор за лица со долгогодишно искуство – од 15 до 25 години работен стаж – и затоа дадовме позитивно мислење“, изјави Бесими.
Панчевски беше исклучен од постапката уште на почетокот, откако Советот утврди дека нема најмалку десет години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право, што е законски предуслов. Според Бесими, кај него биле констатирани прекини во вршењето на судиската функција.
На прашањето зошто не биле спроведени интервјуа со кандидатите, иако тоа го дозволува Деловникот, Бесими рече дека членовите на Советот ги познаваат професионалните кариери на пријавените и дека интервју не е законска обврска.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари. По истекот на рокот за пријавување, кандидатурите беа доставени до Владата, која побара мислење од Советот.
Согласно законската процедура, Владата, по добивањето на образложените мислења, треба да предложи еден од кандидатите со позитивно мислење до Собранието, кое го врши конечниот избор.
Функцијата државен јавен обвинител се смета за клучна во правосудниот систем, имајќи ја предвид улогата во гонењето на организираниот криминал и високата корупција, во период кога реформите во владеењето на правото остануваат во фокусот на европската интеграција на земјата.

