Косово денеска ја одбележува 18-годишнината од прогласувањето независност со воена и полициска парада, честитки од меѓународни партнери и пораки за заштита на суверенитетот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио упати честитка до граѓаните на Косово, нагласувајќи ја „непоколебливата поддршка“ на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
Тој изрази подготвеност за проширување на економската соработка и оптимизам за уште посилно партнерство во годините што следат.
Главната церемонија се одржа кај споменикот NEWBORN, симбол на косовската државност. Претседателката Вјоса Османи изјави дека Косово е „слободна и суверена држава, решена да ја брани својата слобода во секој дел од својата територија“.
Премиерот Албин Курти рече дека земјата верува во правда, но „не прифаќа препишување на историјата“, алудирајќи на судските процеси во Хаг против поранешни лидери на ОВК.
Тој додаде дека одбранбениот буџет е зголемен, инвестирани се над 450 милиони евра во модерна опрема и дека Косово ги продлабочува партнерствата со САД и земјите членки на НАТО.
Австрија исто така упати честитка, оценувајќи дека партнерството со Косово е „силно и втемелено во пријателство“.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај изјави дека Косово денес е „неповратна реалност“ и суверена држава изградена врз жртва и истрајност.
Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година и е признато од повеќе од 100 држави, но не и од Србија. Европската унија посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина со цел нормализација на односите, што е клучен услов за нивниот европски пат.

