20.3 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИХРОНИКА

Алармантни бројки: над 600 случаи на сексуална злоупотреба на деца

Јавното обвинителство објави нов случај на сексуално насилство врз дете во Гостивар, во кој 14-годишно момче е осомничено дека во два наврати извршило обљуба врз својата 13-годишна сестра, отворајќи нови прашања за заштитата на децата и ефикасноста на институциите.

Според Обвинителството, случајот се случил во февруари годинава, кога малолетникот го искористил отсуството на родителите. Претходно, како што наведуваат од ЈО, тој подолг период ѝ испраќал пораки со експлицитна содржина на жртвата.

Овој случај доаѓа по неколку други тешки случаи на сексуална злоупотреба на деца, во кои осомничени се возрасни лица, меѓу нив и лица од средини во кои децата требало да бидат заштитени.

Анализа на Народниот правобранител покажува дека во последните шест години во земјата се регистрирани 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца. Во периодот од 2020 до 2024 година биле евидентирани 508 случаи, а само во 2025 година – 96 деца жртви.

Најголем дел од жртвите се девојчиња, додека најризична е возрасната група од 11 до 15 години. Во извештајот се наведува дека реалниот број може да биде повисок, бидејќи дел од случаите остануваат непријавени поради страв, срам и недоверба во институциите.

Народниот правобранител предупредува дека институционалниот одговор е фрагментиран и недоволно координиран. Центрите за социјална работа, полицијата, здравствените и образовните институции често не дејствуваат како единствен систем, што го отежнува раното препознавање и заштитата на децата.

Дополнителен проблем е начинот на постапување со жртвите. Според анализата, децата често се изложени на повеќекратни сослушувања, што може да предизвика дополнителна траума. Во земјата има само осум специјализирани простории за сослушување, а мал дел од децата биле интервјуирани во услови приспособени на нивната возраст и состојба.

Правобранителот оценува дека се потребни стандардизирани процедури, континуирана обука на кадарот и подобра меѓусекторска координација за навремена заштита на децата и спречување на повторна виктимизација.

Related posts

Мерц: Не би им препорачал на моите деца да одат во Америка

admin

Американски функционери го критикуваа Берлин поради класификацијата на АфД како десноекстремна партија

admin

Објавени 161 таен документ за НЛО и вонземски феномени

admin

Германија: Бизнис модел на „лажен татко“

admin

Опозицијата зајакна, партијата на Курти изгуби позиции на локалните избори во Косово

admin

Тетовасот објави нов скандал: Касами продал јавен паркинг за само 190.000 евра

admin