Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара итна истрага за четири договори во вкупна вредност од над 3,4 милиони евра што, според партијата, биле доделени од Општина Чаир на компанија основана во јули 2024 година.
Во соопштение до јавноста, ДУИ наведува дека компанијата „НУМ Констракшн ЛТД“, регистрирана на 10 јули 2024 година, во краток временски период добила четири јавни набавки од Општина Чаир во вкупна вредност од 212,9 милиони денари или околу 3,46 милиони евра.
Според партијата, првиот договор изнесувал 88,4 милиони денари, вториот 59,8 милиони денари, третиот 61,1 милиони денари, а четвртиот 3,5 милиони денари.
ДУИ тврди дека особено загрижувачки е фактот што компанијата била основана само неколку месеци пред да почне да добива милионски договори од општината.
Партијата посочува дека две од договорите биле склучени за време на мандатот на градоначалникот Висар Ганиу, а другите два во период кога, како што наведува, општината била под контрола на политички структури поврзани со Изет Меџити.
„Ова отвора сериозни сомнежи дека не станува збор за изолиран случај, туку за континуитет на ист модел на функционирање и исти интересни кругови“, наведува ДУИ.
Партијата дополнително тврди дека седиштето на компанијата е регистрирано на адреса на улицата „Дижонска“ бр. 5/Х во Чаир, која според нивните информации претставува приватен станбен објект. ДУИ наведува и дека на истата адреса се регистрирани други деловни субјекти поврзани со членови на исто семејство.
Во соопштението се поставуваат прашања за тоа како компанија основана во 2024 година добила договори вредни над 3,4 милиони евра, какви биле нејзините референци и капацитети во моментот на доделување на тендерите, кој ја проверувал исполнетоста на условите и дали биле испитани евентуални деловни, семејни или политички врски.
ДУИ бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство да ги проверат сите околности поврзани со договорите и јавно да ги објават своите наоди.
Партијата најави дека ќе ги информира и Делегацијата на Европската Унија, Европската комисија, европратениците и другите меѓународни партнери за, како што наведува, непостапувањето на институциите во случаи на сомнежи за корупција.
Од Општина Чаир засега нема реакција на обвинувањата на ДУИ.

