Државниот завод за ревизија (ДЗР) му даде позитивно мислење на Врховниот суд за финансиските извештаи и усогласеноста со законите за 2024 година, но во извештајот предупредува на сериозни структурни проблеми кои можат да влијаат врз независноста и ефикасноста на судската власт во Северна Македонија.
Најзначајниот наод се однесува на финансирањето на судството. Ревизорите утврдиле дека за судската власт во 2024 година биле одобрени околу 2,65 милијарди денари, што претставува само 0,3% од бруто домашниот производ, далеку под законски утврдениот минимум од 0,8% од БДП. Според ДЗР, тоа значи дека судството добило околу 63% помалку средства од законскиот лимит.
Ревизијата предупредува дека ваквата состојба создава ризик за стабилно и долгорочно финансирање на судската власт, за нејзината уставна независност и за спроведувањето на реформите во правосудството. Дополнително, ревизорите нотираат дека во текот на 2024 година, и покрај законската забрана, судскиот буџет бил намален за 42,6 милиони денари преку ребаланс и прераспределба на буџетски средства.
Извештајот покажува дека Врховниот суд продолжува да функционира со сериозен кадровски дефицит. Од предвидени 28 судиски места, на крајот на 2024 година биле пополнети само 11, додека во мај 2025 година бројот се зголемил на 14 судии, вклучувајќи го и претседателот на судот. Ревизорите оценуваат дека пополнувањето на испразнетите судиски позиции е неопходно за понатамошно подобрување на ефикасноста на судот.
И покрај недостигот на судии, статистиката покажува подобрување во работењето. Бројот на нерешени предмети се намалил од 956 во 2021 година на 652 во 2024 година, додека стапката на решени предмети достигнала 87,6%, што е највисоко ниво во анализираниот четиригодишен период.
Ревизијата идентификува и административни слабости. Врховниот суд нема судски администратор од септември 2023 година по пензионирањето на претходниот носител на функцијата. Иако работното место е предвидено во плановите за вработување, не била обезбедена согласност за негово пополнување. Според ревизорите, отсуството на оваа позиција влијае врз организацијата и функционирањето на судот.
Дополнително, Министерството за правда сѐ уште нема донесено обрасци за оценување на судската полиција, а постојните подзаконски акти не предвидуваат оценување на судските администратори, иако тоа е законска обврска.
Посебно внимание ревизорите посветуваат на состојбата во судската полиција. Од осум систематизирани работни места пополнети се само пет. Поради кадровскиот недостиг, во 2024 година биле исплатени 781 прекувремен час над законски дозволениот максимум, што според ревизијата укажува на потреба од дополнително екипирање.
Извештајот нотира и потенцијален финансиски ризик за Врховниот суд. Во тек се 28 судски постапки во кои судот е тужена страна по барања на вработени поврзани со права од работен однос во вкупна вредност од 4,28 милиони денари. Бидејќи постапките сѐ уште не се завршени, ревизорите наведуваат дека нивниот исход и идните финансиски импликации остануваат неизвесни.
Иако ДЗР не констатира неправилности кои би наложиле резервирано мислење, извештајот покажува дека највисокиот суд во државата работи во услови на недоволно финансирање, хроничен недостиг од кадар и нерешени системски прашања кои се повторуваат со години. Наодите доаѓаат во период кога реформата на правосудството останува еден од клучните услови во процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.

