Протестите во Албанија против туристичкиот проект во Звернец, поврзан со Џаред Кушнер, се претворија во пошироко движење против владеењето на премиерот Еди Рама, пишува „Вашингтон пост“.
Според весникот, проектот на Кушнер бил само „последната капка“ што ја поттикнала акумулираната незадоволност кај младите Албанци, кои протестите ги претвориле во симбол на отпор кон, како што наведува, корупцијата, клиентелизмот и политичкиот естаблишмент.
Во текстот се наведува дека протестите започнале по инцидент во Звернец, каде приватно обезбедување насилно отстранило локален жител кој протестирал против оградувањето на јавна плажа во заштитено природно подрачје. Демонстрациите потоа се прошириле во Тирана, а фламингото – птица што живее во областа – станало нивен симбол.
Авторот пишува дека протестите ги обединиле граѓани со различни политички убедувања, кои сметаат дека владејачката елита и формалната опозиција со години управуваат во интерес на тесни кругови, а не на јавноста.
Весникот наведува дека Рама ги брани луксузните туристички инвестиции како модел за економски развој, но дека голем дел од младите сметаат оти тие ги збогатуваат само добро поврзаните бизнисмени, додека сè повеќе Албанци ја напуштаат земјата во потрага по подобар живот.
Во анализата се посочува и дека обидите на Рама да ги исмее демонстрантите или да го присвои симболот на протестите не дале резултат и дека, за првпат по повеќе од една деценија на власт, тој изгледа не успева да ја контролира јавната дебата.
Авторот заклучува дека, иако следните парламентарни избори се очекуваат дури во 2029 година, протестите веќе успеале да го нарушат имиџот на Рама како политичар кој секогаш успева да ја наметне својата политичка агенда.

