Аналитичарот Џелал Незири оцени дека последната реконструкција на Владата не претставува вистински ресет на кабинетот, туку политичко репозиционирање на партиите во пресрет на можни предвремени парламентарни избори во 2027 година.
Во интервју за „Трилинг“, Незири рече дека со промените во Владата се зголемува моќта на ВМРО-ДПМНЕ, особено ако се гледаат буџетите и ресурсите на министерствата што партијата ќе ги контролира.
Според него, ВЛЕН формално ќе управува со шест министерства, но реалната политичка и буџетска моќ на коалицијата е намалена, особено по загубата на Министерството за здравство.
„Здравството беше значаен ресор што го имаше ВЛЕН, но при последната реконструкција изгледа тој ресор го трампаа за култура, кој исто така е значаен, но има далеку помал буџет“, рече Незири.
Незири оцени дека реконструкцијата испраќа контрадикторни пораки, бидејќи дел од министрите кои не покажале значајни резултати останале или добиле нови позиции, додека функционери кои, според јавната перцепција, започнале системски реформи биле сменети.
„Не сите, туку неколкумина од нив. Од друга страна, имавме министри кои покажаа резултати, а беа сменети. Конкретно, земете го Министерството за здравство. Таму, барем според перцепцијата во јавноста, министерот Азир Алиу почна систематски и методолошки да пристапува кон решавање на некои од клучните проблеми и се создаде впечаток дека одредени процеси почнуваат да функционираат. Значи, сменет е министер кој покажа дека постои потенцијал за решавање на системските проблеми“, изјави Незири.
Според него, ваквиот потег покажува дека партиските интереси повторно добиле предност пред интересите на граѓаните.
„Ова е навистина разочарувачко, бидејќи партиските интереси се ставаат над интересите на граѓаните. Образованието и здравството не трпат чести кадровски промени, не само во еден мандат, туку и во повеќе последователни мандати“, рече Незири.
Тој оцени дека фокусот на ВЛЕН врз кадри од Тетово покажува дека градот останува клучна политичка арена меѓу партиите на етничките Албанци.
„Симболиката на Тетово е многу силна во однос на тоа кој е легитимен претставник на Албанците“, изјави Незири.
Коментирајќи ги најавите на Христијан Мицкоски и Али Ахмети за можно повлекување од партиските функции, Незири рече дека таквите изјави треба да се земат со резерва.
„Не мислам дека Ахмети ќе се повлече од ДУИ, ниту дека Мицкоски ќе се повлече од ВМРО-ДПМНЕ без нова политичка улога во државата“, рече тој.
Незири оцени дека на македонската политичка сцена ѝ е потребна нова генерација политичари, повеќе прагматична и европски ориентирана, која ќе гради консензус за клучните државни прашања.
Тој предупреди дека падот на излезноста на изборите е опасен сигнал за демократијата, бидејќи покажува дека граѓаните сè помалку веруваат дека политичарите ги исполнуваат ветувањата.
Според Незири, политичките партии во земјата често ја губат идеолошката смисла и функционираат како „бизнис екосистем“, наместо како организации засновани на јасни политички вредности.

