29.9 C
Скопје
7 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

До лекар со такси, врски или пари на рака: како руралните жени се снаоѓаат во здравствениот систем

Автор: Кристијан Трајчов

Да се разболиш во селото Лубница, Општина Конче, значи да влезеш во лавиринт од расипани апарати, затворени врати и непријавени трошоци. Жителките на ова место сведочат за здравствен систем кој сè почесто ги остава без основна заштита кога им е најпотребна. Наместо навремена нега, тие се соочуваат со долги чекања, нефункционални термини и горчливото сознание дека квалитетното здравство е достапно само преку приватни клиники или силни врски.

Руралните жени се чувствуваат како граѓани од втор ред, принудени да патуваат со километри дури и за најобична дијагностика.

„Сакав да направам мамографија, ми рекоа да одам во Штип. Отидов, ама таму апаратите не работат. Па како ќе знам што ми е ако нема со што да ме прегледаат? Во Радовиш, на пример, рендгенот работи само до 12 или 13 часот. Ако не дај боже скршиш нога, мора веднаш да се оди во Струмица или Штип. Како да сме граѓани од втор ред“, вели една од руралните жени.

Ситуацијата дополнително ја отежнуваат сведоштвата за неформални плаќања и недовербата на пациентките дека можат безбедно да се спротивстават или да пријават неправилност. Жените раскажуваат дека често не прашуваат за фискална сметка, не знаат кои услуги треба да бидат бесплатни и се чувствуваат принудени да платат за да добијат преглед.

„Кога влегуваме во болница, ние сме како уплашени. Не прашуваме за фискална сметка, не прашуваме за закон. Што ќе ми рече докторот, тоа правиме. Ако ми побара 1.000 денари на рака, му ги давам, само за да ме прегледа и да си заминам со мирна глава“, сведочи жена од село Лубница.

Една од жените тврди дека за одредени услуги кај матичен лекар редовно се бараат неформални плаќања од 200 до 500 денари.

„Сите знаеме како е, ама молчиме за да имаме кај кого да отидеме. Ти бараат пари за брисеви, а всушност ни ја наплаќаат сопствената мака. Секој доктор си има своја тарифа, како на пазар да сме“, вели таа.

Меѓу машкиот шовинизам и системската заборавеност

Реалноста на руралните жени останува заглавена во децениски проблеми-од неможноста да поседуваат имот, преку целосната социјална изолација поради лошиот превоз, па сè до корупцијата во здравството.

Во селото Мустафино, Општина Свети Николе, локалниот „Женски кружок“ се обидува да ја придвижи работата од мртва точка, но предизвиците често се чинат посилни од активизмот. Тања Штериовска, претставничка на овој кружок, открива зошто руралната жена и понатаму е една од најранливите категории во нашето општество.

Еден од клучните проблеми е економската зависност која произлегува од нерешените имотно-правни односи во семејствата.

„Најголемите предизвици на руралните жени е тоа што ја работат земјата, а немаат на нивно име ништо. Поради тоа не можат да дојдат до финансии, не можат да остварат пензиско и инвалидско осигурување, затоа што немаат на нив макар пет декари земја“, вели Штериовска.

Според неа, коренот на овој проблем лежи во длабоко вкоренетите патријархални сфаќања во руралните средини.

„Дојдено е тоа поради тој машки шовинизам – жената се замислува само за дома, за во куќа, не е за на поле или да има на нејзино име нешто. Мажите се над нас и колку и да се бориме, тој шовинизам преовладува“, додава таа.

Отсечени од здравство и основни услуги

Освен економската маргинализација, еден од најгорчливите проблеми со кои се соочуваат жените во Мустафино е ограничениот пристап до медицинска нега и основни услуги.

„Имаме амбуланта, немаме доктор. Пошта имаме, а не можеме пензиите да си ги земеме“, алармира Штериовска.

Таа објаснува дека само за да стигнат до Свети Николе, жените мораат да платат 1.000 денари за такси превоз, сума која за многумина е недостижна. Дополнително, дури и кога ќе успеат да стигнат до болница, наидуваат на лавиринтите на системот „Мој Термин“ и отворена корупција.

„Нема термини кај специјалисти, а кога има, докторот може да не дојде на работа. Корупцијата е многу доминантна. Дури и да дадеш пари на рака, тоа не е гаранција. Докторот ќе ти ги земе парите, ама не ти гарантира дека ќе ја заврши работата. Здравствениот систем е во очајна состојба“, децидна е Тања.

Празни изборни ветувања и патот до рамноправност

Штериовска смета дека институциите ги забораваат руралните средини веднаш штом ќе поминат изборите, оставајќи ги жителите сами да се снаоѓаат со своите проблеми.

„Кога треба да ги бираме ветуваат сè и сешто, ама кога треба да ја завршат работата, ги нема никаде, се кријат. Како што викаат старите: ’Од ветување куче не се рани’. Решението е едноставно – институциите да го направат тоа што сме го барале, а не само да поминуваат мандатите без никаков резултат“, вели таа.

Иако „Женскиот кружок“ во Мустафино прави постојани напори за едукација и охрабрување на жените, Штериовска признава дека борбата за суштинска промена е бавна.

„Жената кај нас сè уште се плаши од мажот. Ја замислуваат само како домаќинка што треба да раѓа деца. Тоа мора да се смени – жената мора да биде рамноправна во секој поглед“, заклучува Штериовска.

Руралните жени поизложени на корупција во здравството

Извештајот на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), објавен во март годинава, ја открива суровата реалност дека корупцијата е длабоко нормализирана како „снаоѓање“, а граѓаните од руралните средини се принудени да плаќаат за услуги кои законски им следуваат бесплатно.

Истражувањето насловено „Снаоѓање или корупција? Неформални плаќања, врски и подароци во здравствениот систем“ (спроведено кон крајот на 2025 година на репрезентативен примерок од 1.040 испитаници) открива загрижувачки трендови кои го поткопуваат правото на здравствена заштита.

„Кога пациентите сметаат дека единствен начин да добијат навремен преглед е преку подарок, пари или врски, тогаш корупцијата станува дел од секојдневното функционирање на системот. Токму така ја доживуваат голем дел од граѓаните, кои овие практики ги гледаат како „снаоѓање“, а не како корупција. Причина за тоа се долгите чекања, недостигот на кадар и недовербата во институциите. Стравот од одмазда дополнително ги обесхрабрува пациентите да ги пријавуваат неправилностите. Најранливи категории се жените, сиромашните и жителите на руралните средини. Затоа се потребни системски промени што ќе обезбедат еднаков пристап до здравствената заштита за сите“, велат од ЕСЕ.

Поголем ризик поради недостиг на алтернативи

Податоците покажуваат дека патот до доктор во руралните средини е поскап и покомплициран. Според извештајот, 7% од жителите на руралните средини лично понудиле корупција, што е трипати повеќе во споредба со жителите на урбаните средини (2,3%).

„Разликата меѓу руралните и урбаните средини не треба да се чита како поголема „склоност“ на жителите на руралните средини кон корупција, туку како показател за нееднаков пристап до здравствена заштита. Во урбаните средини граѓаните најчесто имаат повеќе можности, односно повеќе здравствени установи, повеќе лекари, поголема достапност на специјалистички услуги и, во одредени случаи, поголема можност да побараат второ мислење или алтернативна установа. Во руралните средини тој избор е значително ограничен“, појаснуваат од ЕСЕ.

Оваа состојба е особено ризична за жените кои живеат во сиромаштија и во рурална средина.

„Жените имаат почести контакти со здравствениот систем, особено преку гинеколошко-акушерските услуги, бременоста, породувањето и грижата за децата и семејството. Ако жената живее во рурална средина и нема доволно финансиски средства, секое дополнително патување, секој одложен термин и секоја потреба да оди во друга установа претставува сериозен товар. Во таква ситуација, неформалното плаќање или барањето „врска“ може да се доживее како единствен начин да се обезбеди навремена услуга. Корупцијата најчесто се појавува таму каде што граѓаните се најзависни од системот, а пристапот до услугите е ограничен. Кога здравствената услуга не е лесно достапна, кога нема јасни информации, кога нема доверба дека системот ќе постапи еднакво кон сите, неформалните канали стануваат замена за институционалниот пристап“, потенцираат од Здружението.

За да се надмине ова, од ЕСЕ нагласуваат дека решенијата мора да бидат системски:

„Потребна е подобра достапност на здравствени услуги во руралните средини, повеќе специјалистички услуги надвор од поголемите градови, јасни информации за правата на пациентите, функционални механизми за пријавување и силен институционален надзор. Само ако граѓаните имаат реална, навремена и еднаква можност да добијат здравствена услуга, ќе се намали потребата да бараат „врски“ или да нудат нешто за да добијат грижа што им следува“.

Бесплатни услуги што во пракса се наплаќаат

Особено ранлива категорија се бремените жени и мајките на мали деца. Истражувањето открива дека речиси секоја петта жена (19%) која се соочила со корупција изјавила дека „бременоста или грижата за мало дете создале дополнителен притисок да побараат побрз пристап до услуга, дури и ако тоа значело давање корупција“.

Шокантната реалност ја потврдуваат и учесничките во фокус-групите:

„Кога си бремена, не можеш да ризикуваш да не те примат. Затоа многумина плаќаат без збор“.

Иако прегледите кај матичен гинеколог (вклучувајќи ехо и колпоскопија) се бесплатни за сите пациентки, во руралните средини тоа речиси и не постои како пракса. Извештајот нотира дека дури 94% од жените во руралните средини изјавиле дека матичниот гинеколог им ги наплатил прегледите.

„Одредени услуги кај матичниот гинеколог, како гинеколошки преглед, ЕХО преглед, колпоскопија и земање брис, не треба да се наплаќаат на пациентките. Меѓутоа, нашите наоди покажуваат дека во практиката жените многу често плаќаат токму за овие услуги. Голем дел од жените не се доволно информирани кои услуги се бесплатни и кои права ги имаат кај матичниот гинеколог. Воедно, постои и нерамнотежа на моќ меѓу пациентката и давателот на здравствена услуга. Жените, особено во руралните средини, често зависат од мал број матични гинеколози и немаат реална можност лесно да изберат друг лекар. Ако најблиската ординација е единствената достапна опција, жената потешко ќе се спротивстави на наплатата, бидејќи се плаши дека тоа може да влијае врз понатамошниот третман или пристапот до услуги“, изјавија тие.

Дополнителен товар се индиректните трошоци: изгубено време, патување до град, плаќање превоз и потребата да се обезбеди грижа за децата дома.

„Дури и кога знаат дека одредена услуга не треба да се наплати, тие често немаат капацитет да бараат алтернатива, да пријават или да влезат во постапка со институциите. Правото на бесплатна услуга нема реална вредност ако жената не знае дека го има, ако нема каде безбедно да пријави, ако нема друга достапна здравствена опција и ако институциите не вршат редовна контрола“, објаснуваат од ЕСЕ.

Апсолутен молк и создавање двоен здравствен систем

Најпоразителниот податок во целиот извештај е дека ниту еден испитаник (100%) на кој му била побарана корупција не ја пријавил случката. Причината не е незаинтересираност, туку вкоренет страв од одмазда и целосна недоверба во системот.

„Кога ниту едно лице на кое му била побарана корупција не ја пријавило случката, тоа не значи дека граѓаните не го препознаваат проблемот. Напротив, тоа покажува дека тие често не веруваат дека пријавувањето ќе донесе резултат, дека институциите ќе ги заштитат или дека лицето кое побарало корупција ќе биде санкционирано. Во такви услови, молчењето станува рационален избор за пациентот, особено кога неговото здравје или здравјето на близок член од семејството зависи од истиот систем. Институциите не смеат да очекуваат дека граѓаните сами ќе пријавуваат корупција ако не постојат безбедни, доверливи и ефикасни механизми за пријавување“, сметаат експертите.

Од друга страна, за оние кои одбиле да дадат поткуп, последиците биле директни: 13,6% целосно се откажале од здравствената услуга, а 27,1% биле принудени да одат на приватно, што создава огромен финансиски товар.

„Кога пациент кој одбил да даде поткуп е принуден да побара приватна здравствена услуга, тоа значи дека пристапот до здравствена заштита почнува да зависи од финансиската можност на граѓанинот. Оние што имаат пари можат да платат приватно и да продолжат со лекувањето, додека сиромашните лица, жените со ниски приходи, невработените, пензионерите и жителите на руралните средини многу почесто се соочуваат со одложување или целосно откажување од здравствената услуга. На тој начин се создава двоен систем на здравствена заштита: еден за оние што можат да платат, да најдат врска или да побараат приватна услуга, и друг за оние што немаат таква можност“, заклучуваат од ЕСЕ.

Институциите признаваат: Руралните жени се соочуваат со поголеми пречки

Жените кои живеат во рурални и оддалечени средини се соочуваат со далеку поголеми предизвици при користењето на здравствените услуги. Ова го признаваат и од Министерството за здравство, од каде на нашите прашања ни одговорија дека најавуваат „мерки за подобрување на достапноста и искоренување на практиката за барање здравствена нега преку лични врски и неформални контакти.“

Како што велат: „Институцијата е свесна за секојдневните бариери со кои се судираат овие пациентки: оддалеченоста од здравствените установи, ограничениот јавен превоз, алармантниот недостиг од матични гинеколози во одредени региони, како и дополнителните финансиски трошоци за патување.“

„Правото на здравствена заштита е еднакво за сите граѓани, без оглед на местото на живеење“, нагласуваат од Министерството, посочувајќи дека континуирано се работи на подобрување на достапноста преку превентивни програми, скрининг-прегледи, патронажна служба, матична здравствена заштита и дигитални алатки како системот „Мој термин“.

Нулта толеранција за врски и повик за пријавување корупција

Во однос на секојдневните реакции на граѓаните дека до преглед полесно се доаѓа со познанства отколку со регуларен упат, Министерството децидно тврди дека не поддржува никаква пракса во која пристапот до здравје би зависел од неформални влијанија.

„Здравствената услуга мора да биде достапна врз основа на медицинска индикација, приоритет, итност и редовна процедура, а не врз основа на личен контакт“, наведуваат тие.

Оттаму ги повикуваат пациентите да не молчат и да ги пријавуваат сите случаи на барање поткуп, подароци или други форми на притисок до здравствените установи, самото Министерство за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) или до Фондот за здравствено осигурување.

Како механизам за спречување на ваквите појави, надлежните најавуваат поголема транспарентност на листите за чекање, подобро искористување на „Мој термин“, појасни критериуми за приоритетни прегледи и зајакнати внатрешни контроли во самите установи.

Системот мора да стане проактивен

Министерството посочува дека веќе се спроведуваат програми кои ги опфаќаат и жените од руралните средини, како што се програмите за рана детекција на рак (на грло на матка и на дојка) и Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца. Сепак, признаваат дека системските дупки остануваат длабоки.

„Најголемите предизвици во обезбедувањето здравствени услуги за руралното население се поврзани со географската оддалеченост, недоволната сообраќајна поврзаност, ограничениот број здравствени кадри во одредени региони, недостигот на матични гинеколози во помали населени места, стареењето на населението, сиромаштијата, ниската здравствена писменост и недоволната информираност за превентивните програми“, појаснуваат од институцијата.

Поради сите овие причини, надополнети со семејните обврски, стравот од дијагноза и општата недоверба во системот, голем дел од жените ги одложуваат неопходните прегледи.

„Приоритет во следниот период е системот да стане попроактивен, односно да не се чека жената сама да побара услуга, туку таа навремено да биде информирана, поканета, закажана и следена низ здравствениот систем“, ветуваат од Министерството за здравство.

Според нив, клучот за решавање на овој децениски проблем не лежи само во отворањето нови ординации, туку во засилена теренска работа, едукација, дигитализација и директна вклученост на локалните заедници во грижата за здравјето на жените во руралните средини.

 

Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на оваа сторија е исклучива одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement).

Related posts

Зелената агенда во сенка на одбраната и бизнисот во ЕУ

admin

“Во борбата со дезинформациите нема подобар одговор од транспарентноста и вистината”

admin

Трамп планира радикална одлука: Ќе ги затвори вратите на САД и за легалните имигранти 

admin

Русија продолжи со нападите врз главниот град Киев

ninja

Калас: Американско-руските разговори може да го зголемат притисокот врз Украина за отстапки

admin

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ дефокусира поради наводни врски со санкциониран бизнисмен

admin