Политичките партии и денеска не постигнаа договор за измените на Изборниот законик, откако останаа поделени околу гласањето на дијаспората, бројот на изборни единици, финансирањето на кампањите и механизмите за приговори.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека е подготвена да прифати сè што опозициските партии ќе усогласат меѓу себе, доколку се обезбеди модел што ќе ѝ овозможи на дијаспората помасовно да гласа.
СДСМ го отфрли таквиот предлог, оценувајќи дека носењето на Изборниот законик е обврска на власта и дека сите партии треба да седнат на заедничка маса. Пратеничката Јована Тренчевска рече дека дијаспората и сега гласа, но дека моделите што ги предлага власта отвораат простор за изборни злоупотреби.
Левица предложи една изборна единица и гласање на дијаспората по пошта само за претседателските избори, како пилот-проект. Пратеникот Борислав Крмов рече дека ВМРО-ДПМНЕ го прифатила овој дел од предлогот, но изрази сомнеж дека постои договор меѓу поголемите партии да не помине една изборна единица.
ДУИ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се повлекла од две претходно договорени точки – електронско гласање на дијаспората и носење на подзаконските акти во ДИК со консензус. За ДУИ, тоа е неприфатливо.
Албанската лига на Зијадин Села бара осум изборни единици и право на дијаспората да гласа електронски или по пошта на претседателски, парламентарни и локални избори.
ВЛЕН, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, инсистира дијаспората да може да гласа преку безбеден и транспарентен модел, оценувајќи дека иселениците не смеат да се третираат само како извор на дознаки.
Рокот за усвојување на новиот Изборен законик како дел од Реформската агенда истече на 30 јуни, но премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека има простор за договор до 15 јули.
Без политички консензус, изборната реформа останува блокирана, а прашањето за гласањето на дијаспората се претвори во главна точка на судир меѓу власта и опозицијата.

