19 C
Скопје
12 јули, 2026
Inbox7.mk
КУЛТУРА

Кон првиот том од десеттомната едиција „Белешки и анализи”

Пишува: Свето Стаменов

Денеска македонската јавност се збогати со уште едно дело на проф. д-р Трајан Гоцевски, насловено како „Белешки и анализи – Том 1“. Овој најнов проект на професорот Гоцевски претставува едиција од 10 тома, посветена на 75-годишнината од неговиот живот и 50 години творење.

Значаен авторски потфат, затоа што објавувањето на белешки, но и анализи, на настаните од 50 години творење, ниту оддалеку не е едноставен, ниту лесен потфат.

Треба да направите хронологија на настаните за еден цел работен век. Предизвикот за авторот на овој обемен и многу значаен труд е навистина голем. Тоа го можат само луѓе со истенчен осет за хронологијата на настаните, огромно искуство и квалитетна наобразба од секаков вид.

За љубопитните читатели, тежината на оваа едиција произлегува и од самата „тежина“ на личноста на авторот, проф. д-р Трајан Гоцевски: универзитетски професор, со два доктората и една академска титула од странска академија на науки, долгогодишен декан на Филозофскиот факултет, заменик-директор на меѓународниот борд на Универзитетот Кембриџ, член на меѓународниот комитет на DCAF од Женева за реформи на безбедносните системи на земјите од ЈИЕ, министер за одбрана во првата Влада на независна Македонија, под чие непосредно раководство е формирана Армијата на Република Македонија, човек кој на 18 мај 1992 година, на Советот за безбедност, прв го даде предлогот за зачленување на Македонија во НАТО како наша стратешка цел, во три мандати член на Советот за безбедност на Р. Македонија, и многу други позиции во домашни и странски институции и тела.

Но, почетоците се од Делчево.

Работните позиции и функциите што ги имал се значајни и бројни: раководител во „Фротирка“ – Делчево, претседател на Извршниот совет на Општина Делчево, самостоен советник во Владата на СРМ за подготовките на стопанството на Македонија за одбрана, планирање и финансирање на одбраната и државните резерви, секретар на Републичкиот одбор за сообраќај и врски, универзитетски професор и долгогодишен декан на Филозофскиот факултет, член на првата Влада на независна Македонија и министер за одбрана, член на Советот за безбедност на Р. Македонија во мандатите на претседателите Глигоров, Трајковски и Пендаровски, претседател на престижната меѓународна научно-културна манифестација „Гоцеви денови“ и многу други позиции.

Тие придонесоа авторот да биде дел од многу процеси што се случуваа во државата, а кои би биле полезно четиво за нас и за генерациите што доаѓаат после нас, за да сфатат дека на Македонија никој и никогаш ништо не ѝ подарил, туку таа самата, со огромни напори и одрекувања, со огромни жртви, го стекнувала тоа што денес го имаме.

Поопширно за овие и многу други предизвици со кои се соочувал авторот на оваа едиција се дадени во предговорот на првиот том, кој деновиве излезе од печат.

Да резимирам: Авторот вели: „Размислував одамна, размислувам и сега, како да ги искористам стотиците страници мои записи и анализи од настаните каде што јас сум учествувал, некои настани кои сум ги водел и настани за кои сум одлучувал, а ги има многу, и според мене, дел од нив се многу битни за нашата најнова историја. Се водев и од размислувањата дека, сепак, книгата е национално благо.“

Ете затоа се одлучил да публикува најголем дел од белешките, анализите и размислувањата што се однесуваат на неговиот животен и работен пат, и, се разбира, на неговиот придонес кон независноста на Р. Македонија и градењето на нејзините институции.

Приказната започнува со првиот том, кој е насловен: „Од с. Селник, Делчево до Универзитетот во Скопје“.

Вториот и третиот том, кои се подготвени за печат, носат наслови: „Југославија на крстопат – Том 2“ и „Македонија оди кон независност – Том 3“.

Четвртиот том, кој е во подготовка, ја содржи приказната за „Воспоставувањето на суверенитетот над територијата на Македонија“, што започна со прогласувањето на независноста со референдумот од 8 септември 1991 година, донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 година и донесувањето на Законот за одбрана на 14 февруари 1992 година.

Целата едиција опфаќа околу 3.500 страници уреден текст.

 

Related posts

Клупска изложба на фотографии „Елема 2023“

ninja

“Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание”

admin

Светот низ карикатури

admin

Десет книги што богатите ги читаат за да станат уште побогати

admin

Извонреден концерт со Благој Нацоски, Паола Кампоново и Алфредо Блесано во Сан Квирино ди Порденоне

admin

Во џебот си ставил фантастични 315.000 евра, тврдат македонските филмаџии

admin