Шпанија ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ја убедил земјата да ги зголеми трошоците за одбраната, по серијата контрадикторни изјави дадени по Самитот на НАТО во Анкара.
Трамп претходно ја критикуваше Шпанија како „ужасен партнер“ затоа што не го поддржа планот сите членки на Алијансата во следната деценија да издвојуваат 5% од бруто-домашниот производ за одбраната. Тој дури најави дека ќе побара прекин на трговските односи со Шпанија.
Американски претставник потврди дека Министерствата за финансии и трговија подготвувале список на шпански производи кои би можеле да бидат предмет на ембарго, но неколку часа подоцна Трамп го ублажи својот став.
Во изјава дадена во авионот „Ер Форс Уан“, тој рече дека Шпанија „се вратила целосно“ и дека „го испочитувала барањето за големи плаќања“.
Овие изјави предизвикаа збунетост во Мадрид.
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека не знае на што мисли Трамп и додаде дека само американскиот претседател може да го објасни тоа.
Владини претставници подоцна појаснија дека Шпанија не презела никакви нови финансиски обврски, туку претпоставуваат дека Трамп се повикувал на исполнувањето на веќе преземената цел земјата да издвојува 2% од БДП за одбраната.
Според шпанската влада, од 2018 година буџетот за одбрана е тројно зголемен, а придонесот на земјата во НАТО е меѓу најзначајните во Алијансата.
Шпанија моментално има најголем број распоредени војници на источниот фронт на НАТО и предводи неколку стратешки мисии, меѓу кои Поморската компонента на Сојузничките сили за брза реакција и Мултинационалната бригада во Словачка.
Ова не е првпат Трамп да се закани со економски мерки против Шпанија.
Во февруари тој најави прекин на економската соработка откако Мадрид не дозволи американските сили да ги користат заедничките воени бази за операции против Иран. Слични закани беа упатени и минатата година поради ниските издвојувања за одбраната.
Ниту една од тие мерки не беше реализирана.
Шпанските и европските претставници потсетуваат дека Соединетите Американски Држави не можат еднострано да воведат трговски санкции само кон Шпанија, бидејќи земјата е дел од Европската Унија, која настапува како единствен царински и трговски блок.
Портпарол на шпанската влада изјави дека Мадрид и натаму има „одлични економски односи“ со САД и дека не постои намера тие да се нарушат.

