Седницата на Собранието за избор на нови министри во рамките на реконструкцијата на Владата беше проследена со навреди, вербални судири и напуштање на салата од дел од опозициските пратеници, по обвинувањата дека Иван Стоилковиќ упатил понижувачки зборови кон повеќе пратеници.
Според СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, Стоилковиќ за време на расправата и во текот на паузата вербално ги нападнал пратениците Фатмир Битиќи, Митко Трајчулески и Арбана Пашоли.
Стоилковиќ не се извини јавно за своето однесување, а извинување во Собранието упати премиерот Христијан Мицкоски.
„Како претседател на Владата, сакам да ви се извинам вам, на пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека ова никогаш повеќе нема да ни се повтори“, рече Мицкоски пред гласањето за министрите.
Опозициските партии оценија дека извинувањето на премиерот не е доволно бидејќи, според нив, директниот учесник во инцидентот не презел одговорност.
СДСМ: Извинувањето не ги брише навредите
СДСМ соопшти дека извинувањето на Мицкоски не може да ги избрише навредите што премиерот и претставници на власта претходно ги упатувале кон граѓаните и политичките противници.
Од партијата го обвинија Мицкоски дека се обидува со „извинување во празна сала“ да ја ублажи политичката штета од собраниските инциденти.
„Не можете граѓаните да ги нарекувате отпад, глодари, медиокритети и мекотели, а потоа со едно изнудено извинување да се преправате дека сè е заборавено“, соопшти СДСМ.
Партијата оцени дека вистинското извинување подразбира признавање на грешката и промена на однесувањето, а не само обид за создавање впечаток дека случајот е затворен.
ДУИ: Напад врз достоинството на жените и Албанците
ДУИ соопшти дека вербалниот напад врз Арбана Пашоли не е само напад врз една пратеничка, туку и врз достоинството на жените во политиката и врз политичкото претставување на Албанците.
Партијата побара политичка одговорност од Стоилковиќ и реакција од Владата, оценувајќи дека молчењето може да се протолкува како прифаќање на таквото однесување.
Според ДУИ, особено загрижува фактот што Стоилковиќ, кого партијата го обвинува за претходни антиалбански изјави, бил предложен за уште повлијателна функција во Владата.
Алијансата за Албанците бара институционална истрага
Алијансата за Албанците оцени дека однесувањето на Стоилковиќ било арогантно, понижувачко и недостојно за јавен функционер.
Партијата побара Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да утврдат дали во неговите изјави имало елементи на закана, говор на омраза или друго казниво однесување.
„Ниту една жена не треба да се соочува со понижувачки зборови поради својот политички ангажман. Почитувањето на достоинството не смее да зависи од партиската припадност“, соопшти Алијансата.
Опозицијата ја напушти седницата
По инцидентите, пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците ја напуштија седницата во знак на протест.
Тие претходно побарале да биде усвоен заклучок со кој Собранието ќе го осуди однесувањето на Стоилковиќ и тој лично ќе се извини. Откако тоа не се случило, опозицијата одлучила да не присуствува на гласањето за новите министри.
Дел од критиките беа насочени и кон собранискиот претседател Африм Гаши, кого опозицијата го обвини дека не реагирал навреме и не го заштитил достоинството на пратениците и на законодавниот дом.
Инцидентот дополнително ја заостри политичката атмосфера во Собранието, каде што реконструкцијата на Владата наместо со дебата за програмите и одговорностите на новите министри, заврши во сенка на навредите и меѓупартиските обвинувања.

