Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека правната служба на градската администрација сè уште разгледува дали постои законска можност за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку тој присуствува на Генералното собрание на ОН во септември.
Во интервју за подкастот „The Interview“ на New York Times, Мамдани рече дека останува на ставот изнесен за време на изборната кампања.
„Верувам дека премиерот Нетанјаху треба да биде во Хаг. Тој е воен злосторник против кого Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење“, изјави Мамдани.
На прашањето дали американските закони му дозволуваат такво дејствување, тој одговори дека тоа е предмет на активна анализа.
„Тоа е разговор што го водиме со нашиот правен сектор. Ние немаме намера да дејствуваме надвор од рамките на законот“, рече тој.
Меѓународниот кривичен суд во 2024 година издаде налог за апсење на Нетанјаху и други израелски функционери под обвинение за воени злосторства поврзани со војната во Газа по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
САД не се потписнички на Римскиот статут, основачкиот договор на МКС, и затоа немаат обврска да ги спроведуваат налозите за апсење на Судот.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во последните недели дополнително ги засили критиките кон МКС, а државниот секретар Марко Рубио најави дека Вашингтон ќе работи на „демонтирање“ на Судот.
Мамдани, кој е долгогодишен критичар на израелската влада, повеќепати ја нарече војната во Газа „геноцид“, што Израел категорично го отфрла.
Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека изјавите на Мамдани претставуваат обид за пренасочување на вниманието од неговите политички проблеми.
Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Волц, ги оцени најавите како „чист политички театар“, потсетувајќи дека САД не се членка на Меѓународниот кривичен суд.
Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, порача дека Нетанјаху ќе отпатува во Њујорк, ќе се обрати пред Генералното собрание и ќе го брани правото на Израел да ги штити своите граѓани.

