Демократската унија за интеграција (ДУИ) повторно ја повика коалицијата ВЛЕН да се изјасни за барањето за предвремени парламентарни избори, обвинувајќи ја дека избегнува изборно соочување со граѓаните.
„Поминаа 24 часа од барањето за предвремени парламентарни избори. Од ВЛЕН сè уште ниту збор“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Партијата тврди дека ВЛЕН нема политички легитимитет меѓу етничките Албанци и оценува дека владејачката коалиција треба да ја провери својата поддршка на избори.
„Тие што го погазија легитимитетот, сега се кријат штом од нив ќе се побара легитимитетот да го измерат пред граѓаните“, соопшти ДУИ.
Од партијата го обвинија ВЛЕН дека неговото учество во власта зависи од поддршката на политичките партнери, а не од, како што велат, мнозинската волја на албанските гласачи.
„Ако добиле дозвола, нека ги прифатат предвремените избори“, порача ДУИ, додавајќи дека молчењето на ВЛЕН го толкува како страв од изборниот резултат.

