9.8 C
Скопје
14 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Државниот врв и родителите на загинатите од „Пулс“ на седница во Собранието

Во Собранието денес продолжи седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот по претставката на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Родителите бараат трагедијата да се третира како повреда на човековите права и да се спроведе брза и темелна истрага.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа изземање на претседателот на комисијата, Димитар Апасиев, оценувајќи дека не може да гарантира непристрасност, но тој го одби барањето.

На седницата присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши.

Комисијата, свикана од Апасиев, ја разгледува претставката на здружението „16 март 2025 Кочани“ за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени пред девет месеци.

Родителите бараат „вистинска правда“

Марија Петрушова, мајка на една од жртвите, изјави дека трагедијата е резултат на системски пропусти и предупреди дека институциите сослушале само поранешни, но не и актуелни функционери. Таа побара случајот да се третира како сериозна повреда на правото на живот.

„Ова не е политика, ова е борба за живот. Државата мора да ја исправи неправдата“, рече Петрушова, додавајќи дека родителите и по еден месец немаат одговор од Владата за барањето за институционална еднократна помош.

ВМРО-ДПМНЕ ја критикува работата на комисијата

Пратеничката Иванка Василевска предупреди дека сведочењата пред комисијата немаат правна тежина за покренување одговорност и обвини дека процесот може да се искористи за „нечие изземање од вина“. Таа повтори дека Апасиев е пристрасен поради неговите јавни коментари за обвинението.

Апасиев ја отфрли критиката и рече дека писмото од јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој оцени дека нова анкетна комисија е непотребна во овој момент, не се однесува на постојаната комисија што тој ја води.

Во Собранието паралелно е формирана и друга анкетна комисија која ќе ги утврдува околностите околу повеќе трагедии: пожарот во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, несреќата со автобусот „Беса Транс“ и сообраќајката кај Ласкарци.

Судскиот процес продолжува

Во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за пожарот во „Пулс“. Обвинети се 35 лица и три фирми за „предизвикување тешки дела против општата сигурност“.

Меѓу обвинетите се поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, еден државен секретар, повеќе службеници од Министерството за економија, актуелниот министер без ресор Шабан Салиу, поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување и локални инспектори.

На последното рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се виновни.

Обвинителот Борче Јанев изјави дека трагедијата е резултат на „низа поврзани пропусти“ и не може да се смета за случаен настан. Според обвинението, еден од осомничените наводно примил поткуп за издавање лажни дозволи за работа на дискотеката.

Related posts

Шолц се подготвува за ретка средба со Вучиќ, целта – финализирање на договорот за литиум

admin

Ужасен топлотен период во Аризона, 55 дена температурите не се спуштија под 45 степени целзиусови

admin

Триесетдневен притвор за врховниот судија Наќе Георгиев

admin

Ескобар: Добивме уверување од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат

admin

Олигарсите му го вртат грбот на Путин, Мелниченко го нарече “парија”

admin

Иџет Мемети призна вина и се спогоди со Обвинителството

admin