Северна Македонија сè уште не ги усвоила уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот, обврска преземена со заклучоците на Советот на ЕУ во јули 2022 година, се наведува во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската Унија.
Во нацрт-извештајот, во кој имаше увид Радио Слободна Европа, се нагласува дека властите во Скопје постигнале ограничен напредок во владеењето на правото и борбата против корупцијата, и дека реформите во судството и јавната администрација треба да се интензивираат.
„Северна Македонија треба да ги засили напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата,“ стои во документот.
Во извештајот, Европската комисија посочува дека Црна Гора останува најнапредна во процесот на пристапување кон Унијата, откако ги отвори сите 33 поглавја и затвори седум, додека Србија има забавено реформи, особено во усогласувањето со надворешната политика на ЕУ и во односот кон Русија.
За Босна и Херцеговина, Комисијата оценува дека политичките тензии и неуставните закони во ентитетот Република Српска го блокираат напредокот, додека Косово, кое сè уште нема статус на земја-кандидат, бележи напредок во усогласувањето со надворешната политика на ЕУ.
„Корупцијата продолжува да претставува значаен предизвик што земјите во процесот на проширување мора да го решат како приоритет,“ наведува Европската комисија, предупредувајќи и на ризикот од „заробување на државата“ во Србија и Босна и Херцеговина.
Извештајот оценува дека процесот на проширување на ЕУ сега се движи побрзо отколку во последните 15 години, а Европската Унија планира да издвои шест милијарди евра во 2024 година преку „Планот за раст“ за земјите од Западен Балкан, со цел да се забрза нивниот економски развој и интеграција.

