Пишува: Џелал Незири
Кога во 90-тите години од минатиот век се појави Интернетот, медиумите не беа свесни дека тоа е само почеток на целосна трансформација на начинот на кој функционира комуникацискиот систем во целина. За кратко време, Интернетот стана главна платформа за дистрибуција на медиумски содржини, тренд што ги натера традиционалните медиуми да се приспособат на новите околности создадени во медиумскиот екосистем. Многу од нив, кои одбиваа да се менуваат под притисок на новото време, беа принудени да стават катанец на своите врати, додека оние што се приспособија сфатија дека овој процес на адаптација, всушност, никогаш не завршува.
Интернетот донесе нова динамика во медиумската сфера, која ја промени и природата на самата професија. Брзината, а не точноста, стана најважна, додека содржината мораше да се приспособи на „мрзливите очи“ на новата публика што се создаваше со Интернетот. Со текот на времето, се менуваше и начинот на известување и раскажување новинарски приказни, при што технологијата заземаше сè поголем простор.
Новите технологии постојано го менуваа новинарството, а професијата стануваше сè подинамична, поконкурентна, поинтерактивна, но и похаотична. За разлика од технологијата на традиционалните медиуми (телевизија, радио и печатени медиуми), Интернетот овозможи интеракција, односно двонасочна комуникација со публиката, поголема брзина, поголема слобода, прекугранична дистрибуција на содржини, надминување на јазичните бариери, како и значително пониски трошоци за основање и одржување медиуми.
Оваа нова реалност стана плодна почва и за појави што не беа толку распространети пред појавата на Интернетот. Станува збор за дезинформациите и злоупотребата на новите медиуми како оружје во современите хибридни војни, кои го одбележуваат почетокот на XXI век. Ако пред интернет-ерата медиумот ја верификуваше информацијата пред да ја објави, денес од читателот се очекува самиот да ја изврши таа верификација. Ако во традиционалните медиуми постоеја најмалку три нивоа на проверка пред објавувањето на веста, денес се појавува потребата од медиумска писменост, која од граѓаните бара да ја проверуваат точноста на информациите преку повеќе извори.
Сепак, медиумите немаа многу избор: или да се приспособат на новите технолошки достигнувања, или да бидат заборавени. Затоа, вештачката интелигенција (ВИ) повеќе не е технологија на иднината. Таа веќе е присутна во редакциите, институциите, образованието, економијата и секојдневната комуникација. Алгоритмите денес влијаат врз начинот на кој се создаваат информации, како се носат одлуки и како граѓаните ја перципираат реалноста.
Исто како и Интернетот, и ВИ има двојна природа: конструктивна и деструктивна. Затоа се наметнува потребата вештачката интелигенција да биде употребувана, а не злоупотребувана – да се користи одговорно, транспарентно и во служба на човекот.
Овој прирачник е создаден како практичен и етички водич за разбирање на можностите, ризиците и одговорностите што ги носи развојот на вештачката интелигенција, особено во медиумите, комуникацијата и јавниот простор. Тој се темели врз меѓународните стандарди и современите регулаторни пристапи, пред сè врз Препораката на УНЕСКО за етиката на вештачката интелигенција, усвоена во 2021 година како прв глобален нормативен инструмент во оваа област.
УНЕСКО нагласува дека развојот и употребата на ВИ мора да бидат засновани врз човековите права, човековото достоинство, транспарентноста, недискриминацијата, одговорноста и човековиот надзор. Документот предупредува дека системите за вештачка интелигенција можат истовремено да донесат значителни придобивки, но и сериозни ризици – од дезинформации и пристрасност до нарушување на приватноста и демократските процеси.
Во медиумската сфера, овие предизвици се особено чувствителни. Генеративната вештачка интелигенција отвора нови можности за продукција на содржини, анализа на податоци и автоматизација на редакциските процеси, но истовремено поставува прашања за кредибилитетот, авторството, проверката на фактите и довербата на јавноста. Затоа, прирачникот се потпира и врз практиките и етичките стандарди на глобалните медиумски организации Ројтерс и Томсон Ројтерс, како и врз академските анализи поврзани со европската регулатива за вештачка интелигенција и новинарството во дигиталната ера.
Целта на овој прирачник не е да ја претстави вештачката интелигенција како закана или како апсолутно решение, туку како технологија што бара критичко разбирање, институционална одговорност и етичка зрелост. Само преку јасни правила, транспарентни политики и развој на дигиталната и медиумската писменост, ВИ може да стане алатка што ќе придонесе за поинформирано, поправедно и поинклузивно општество.
Овој прирачник е наменет за новинари, медиумски работници, истражувачи, студенти, институции и за сите што сакаат подобро да ги разберат етичките, правните и општествените аспекти на вештачката интелигенција.
(Предговор на авторот во прирачникот „ЕТИЧКА И ПРОФЕСИОНАЛНА УПОТРЕБА НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО НОВИНАРСТВОТО“)
Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор.

