Универзитетите можат да имаат значајна улога во економскиот развој, особено преку техничкото образование, технологијата и научното истражување, но за тоа е потребен автономен, отворен универзитет, ориентиран кон критичко размислување. Ова го оценува Димитар Николовски, извршен директор на Центарот за европски стратегии ЕВРОТИНК, говорејќи за улогата и иднината на универзитетите во Северна Македонија.
Според Николовски, влијанието на универзитетите врз економскиот раст е особено видливо во техничките и технолошките области, каде што универзитетите можат директно да придонесат кон развојот и примената на новите технологии.
Но, надвор од економската димензија, тој го гледа универзитетот пред сè како простор во кој треба да се развива критичкото мислење, кое го смета за темел на едно демократско општество.
“Дефинитивно универзитетска автономија“, вели тој, нагласувајќи дека токму на универзитетот се развива критичкото мислење, кое го смета за темел на либералната демократија.
Во таа смисла, според него, директното државно мешање и контрола врз универзитетите би имале негативни последици врз нивниот развој. Таквата контрола, оценува Николовски, би донела затворање и стагнација и би создала паралели со други политички модели, наместо да придонесе кон изградбата на демократската држава кон која се стремиме.
За него, универзитетската автономија не е само формален институционален принцип, туку предуслов универзитетот да може да ја исполнува својата општествена функција, да создава знаење, да поттикнува критичка дебата и да создава простор за различни мислења.
Друго прашање што директно се однесува на квалитетот и вреднувањето на академската работа е користењето на меѓународните индексирања, особено SCOPUS и Web of Science.
Николовски ги смета овие критериуми за релевантни, но истовремено укажува на еден значаен проблем – нееднаквоста во ресурсите со кои располагаат истражувачите и академските институции во различни земји.
Според него, овие системи многу често ги фаворизираат економски помоќните земји и истражувачите кои имаат пристап до многу повеќе финансиски, институционални и академски ресурси.
Тој нагласува дека ова создава парадокс за земјите со поограничени истражувачки капацитети. “Дури и кога имаме квалитетни истражувања овде, без соодветни ресурси не можеме доволно да ги презентираме и промовираме за да бидат објавени во овие индекси“, истакнува тој.
Насочувајќи го вниманието кон иднината, Николовски го опишува универзитетот во 2035 година како институција со силна меѓународна димензија. Тој го гледа идниот универзитет како „многу сериозен меѓународен простор“ за размена на искуства, мислења и знаења.
Но, интернационализацијата, според него, не треба да значи само академска мобилност или соработка со странски универзитети. Универзитетот треба да ја зачува и својата критичка и општествена функција.
Тој посочува дека универзитетот треба да биде институција која го негува критичкиот дух, но истовремено и простор што придонесува кон општествената кохезија – потреба која, според Николовски, е особено значајна во денешното општество.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

