Ракетата SLS на НАСА со вселенското летало Orion полета во средата од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида, започнувајќи ја мисијата Artemis II – прва мисија со екипаж во рамки на програмата Artemis и прв американски лет со астронаути кон длабока вселена по повеќе од пет децении.
Леталото полета во 18:35 часот по источно американско време од рампата 39B, носејќи ги астронаутите на НАСА, Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и канадскиот астронаут Џереми Хансен, на околу 10-дневна мисија околу Месечината и назад кон Земјата.
НАСА соопшти дека двата цврсти ракетни потиснувачи успешно се одвоиле околу две минути по полетувањето, по што централниот степен продолжил да го турка Orion кон орбитата. Подоцна биле исфрлени заштитните панели и системот успешно преминал во горната фаза на летот.
Главните мотори на централниот степен се исклучиле според планот, а степенот се одвоил од криогенскиот погонски модул, означувајќи крај на првата голема погонска фаза на мисијата, соопшти агенцијата.
Набргу потоа, четирите соларни панели на Orion целосно се отвориле и почнале да произведуваат електрична енергија, што е еден од клучните чекори за конфигурирање на леталото за престој во орбита и за патувањето кон Месечината.
Следни клучни маневри се зголемување на најниската и највисоката точка на орбитата, со што леталото ќе се подготви за операции во длабока вселена, по што е предвидена и демонстрација на рачно маневрирање на Orion во близина на друг вселенски објект.
Artemis II е првиот лет со екипаж во новата американска програма за враќање на луѓето на Месечината. Мисијата има цел да ги тестира системите за одржување во живот, комуникациите и клучните операции во длабока вселена, како подготовка за идни слетувања на Месечината и, подоцна, мисии кон Марс.
Лансирањето следуваше по повеќечасовни подготовки и неколку технички проверки во текот на денот, вклучително и проверка на безбедносниот систем за уништување на ракетата во случај на отстапување од траекторијата, како и дополнителни проверки на капакот и заптивките на леталото.
НАСА претходно соопшти дека временските услови биле 90% поволни за лансирање.
Мисијата Artemis II, покрај техничкото значење, претставува и симболично враќање на човештвото на летови со екипаж надвор од ниската орбита околу Земјата, што последен пат беше направено во ерата на програмата Apollo.

