21.8 C
Скопје
28 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Сиљановска ја прозва ЕУ: За Канада може, а Балканот со години го оставате да чека

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја обвини Европската Унија за недоследност во политиката на проширување, оценувајќи дека Брисел покажува амбиции за глобален играч и отвора можности за поблиско поврзување со Канада, додека земјите кандидати од Западен Балкан со години ги остава во чекалната.

Говорејќи на Европскиот самит во Салцбург на сесијата „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“, Сиљановска-Давкова рече дека токму проширувањето е тест за способноста на ЕУ да дејствува стратешки.

„Додека со понудите за асоцијативно членство за прекуокеански држави Унијата декларира амбиција за глобална моќ, со одлагањето на сопственото проширување таа практично демонстрира немоќ“, рече Сиљановска-Давкова.

Нејзината порака доаѓа во момент кога се објавуваат информации дека Брисел подготвува појасни патокази за идното членство на Црна Гора, Молдавија, Украина и Албанија, додека Македонија не е меѓу тие четири земји.

„Ниедна држава не понела ваков товар“

Сиљановска-Давкова повтори дека Македонија направила исклучително големи политички отстапки во обидот да напредува кон членство во ЕУ.

Таа потсети на промената на државното знаме, промената на уставното име и на бројните уставни измени што земјата ги направила во изминатите децении.

Според претседателката, голем дел од тие промени биле резултат на надворешни барања.

Таа особено го проблематизираше сегашното условување на напредокот во преговорите со нова промена на Уставот поради спорот со Бугарија.

„Принудувањето на една држава да ја менува својата внатрешна правна структура за да се разреши историски спор отвора сериозно прашање за доследноста на европските принципи“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа се повика на членот 4(2) од Договорот за Европската Унија, кој предвидува почитување на еднаквоста на земјите членки и нивните национални идентитети.

„А сепак, во нашиот случај, уставната промена условена од билатерален историски спор се претставува како тест за нашиот демократски капацитет“, рече таа.

„Директно кон Копенхаген, не преку соседите“

По обраќањето, Сиљановска-Давкова ја сведе својата порака на една политичка формула – Македонија треба да биде оценувана според Копенхашките критериуми, а не според барањата на соседните земји.

„Сакаме да бидеме таму каде што заслужуваме да бидеме. Зошто? Поради Копенхашките критериуми“, рече таа.

„Затоа, да одиме кон Копенхаген – директно, а не преку некои од градовите на нашите соседи.“

Претседателката рече дека Македонија пред сè очекува разбирање од соседите.

Сиљановска ја прозва и Фон дер Лајен

Претседателката ја посочи и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, забележувајќи дека во последното годишно обраќање за состојбата на Унијата не го употребила зборот „проширување“.

„Дали знаете колкупати претседателката на Европската комисија, госпоѓата Урсула фон дер Лајен, го спомна зборот проширување во својот последен говор за Унијата? Ниту еднаш“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа додаде дека Фон дер Лајен кажала дека иднината на Украина, Молдавија и Западен Балкан е во ЕУ, но избегнала експлицитно да зборува за проширување.

„Како Унијата ќе нѐ мотивира да се реформираме, да соработуваме, да бидеме отпорни на трети центри, без проширувањето?“, праша Сиљановска-Давкова.

Три барања до ЕУ

Според македонската претседателка, реформата на европското проширување треба да се темели на три принципи.

Прво, системот заснован на заслуги мора да биде заштитен и земја што ги исполнува објективните критериуми не треба да биде блокирана од друга членка поради прашања што не се дел од европските критериуми.

Второ, идното членство не треба да создаде Европа со членки од прв и втор ред.

„Заштитните механизми може да бидат легитимни, но мора да бидат објективни, пропорционални и временски ограничени“, рече таа.

Трето, постепената интеграција на кандидатите треба да носи конкретни придобивки пред членството, но не смее да стане трајна замена за полноправно членство.

„Помалку патернализам, повеќе партнерство“

Сиљановска-Давкова предупреди дека губењето на кредибилитетот на европската перспектива може да ги зајакне старите поделби на Балканот.

Според неа, проширувањето не е само политика кон земјите кандидати, туку показател за способноста на самата Унија да носи стратешки одлуки.

„Ако сака поголема геополитичка тежина, Европа мора да биде похрабра и поконзистентна: помалку непредвидливост, повеќе меритократија; помалку патернализам, повеќе вистинско партнерство“, рече Сиљановска-Давкова.

Нејзиното обраќање доаѓа во момент кога повторно се отвора прашањето дали различната брзина на кандидатите ќе создаде нова поделба во процесот на проширување – меѓу земјите за кои Брисел веќе подготвува појасна патека кон членството и оние што остануваат заглавени во политички и билатерални спорови.

 

Related posts

Филипче и Мицкоски во клинч во Собранието

admin

Димитриевски тврди „нулта корупција“ – ЗНАМ бара уште едно место во Владата

admin

Трајанов ги носи измените на КЗ пред Уставниот суд

admin

КОЛЕРА И ДРУГИ ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ-ЗАКАНА ЗА ОБЛАСТИТЕ ПОГОДЕНИ ОД ТУРСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС

ninja

Западот нема да дозволи уништување на ОБСЕ

admin

ВЛЕН со порака од Приштина: Се движиме кон обединување во една политичка партија

admin