Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок доаѓа во Скопје во момент кога Брисел подготвува нов модел на постепена интеграција на кандидатите во единствениот пазар, но Северна Македонија не е меѓу четирите земји за кои, според „Политико“, се предвидуваат посебни патокази за забрзано приближување кон членство.
Фон дер Лајен ќе се сретне со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски, а Европската комисија соопшти дека разговорите ќе бидат посветени на следните чекори кон членство и на постепената интеграција поддржана од Планот за раст за Западен Балкан вреден шест милијарди евра.
Но посетата доаѓа во политички почувствителен момент за Скопје.
Според нацрт-предлог на Европската комисија во кој увид имал „Политико“, Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора треба да добијат посебни патокази за забрзување на нивниот пристапен процес.
Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, според истиот документ, остануваат во групата земји кај кои процесот се одолговлекува.
„За Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, процесот продолжува да се одолговлекува, што ги зголемува стравувањата од нивно оддалечување од ЕУ и приближување кон Русија или Кина“, се наведува во текстот што го пренесува „Политико“.
Единствениот пазар пред членството
Новиот пристап на Европската комисија предвидува кандидатите да можат постепено да добиваат дел од придобивките од членството уште пред формално да влезат во ЕУ.
Според нацртот, тоа би вклучувало полесен пристап до единствениот пазар, трговија со помалку пречки, истражувачки програми, иновации и индустриска соработка.
„Единствениот пазар е првиот приоритет за економска конвергенција“, се наведува во документот.
Но новите придобивки би биле условени.
Колку повеќе кандидатите навлегуваат во чувствителните делови од европскиот пазар и индустријата, толку повеќе Брисел би барал усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Тоа подразбира соработка во проверката на странските инвестиции, контролата на извозот, примената на санкциите и заштитата на чувствителни технологии.
Меѓу секторите што се разгледуваат се полупроводниците, квантните технологии, биотехнологијата, вештачката интелигенција и вселенската индустрија.
ЕУ сака и геополитичко усогласување
Нацрт-планот практично ја поврзува економската интеграција со геополитичката ориентација на кандидатите.
Пристапот до чувствителните делови од европската економија би зависел и од тоа дали кандидатите ги споделуваат стратешките цели на Унијата и дали ги ограничуваат ризичните врски со земји што Брисел ги смета за безбедносни или економски ривали.
„Онаму каде што овие обврски не се исполнети, учеството мора да остане реверзибилно“, се наведува во нацртот.
Тоа значи дека одредени придобивки би можеле да бидат суспендирани или повлечени доколку земјата престане да ги исполнува договорените услови.
Токму во тој контекст се појавува и предупредувањето дека долгото чекање може да ги турне дел од кандидатите поблиску кон Русија или Кина.
Македонија повторно пред истото прашање
За Северна Македонија, посетата на Фон дер Лајен повторно го отвора прашањето за уставните измени и спорот со Бугарија.
Мицкоски пред посетата рече дека позицијата на Владата е позната, но дека е подготвен за разговор.
„Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни, ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение“, изјави премиерот.
Владата тврди дека сегашните услови биле прифатени од претходната власт и бара поголема предвидливост и гаранции дека нови билатерални барања нема повторно да го блокираат процесот.
ЕУ, од друга страна, досега останува на позицијата дека договорените уставни измени се следниот потребен чекор за отворање на следната фаза од преговорите.
Фон дер Лајен ја завршува турнејата во Скопје
Фон дер Лајен ја започна турнејата во Тирана, по што ќе ги посети Приштина и Подгорица, а во петок ќе пристигне во Скопје. Европската комисија ја опиша турнејата како дел од подготовките за идното членство и постепената интеграција на регионот.
Србија и Босна и Херцеговина не се дел од оваа турнеја поради претстојните избори, а Комисијата најави дека Фон дер Лајен ќе ги посети подоцна.
Во Северна Македонија таа ќе посети и дел од железничкиот Коридор 8, еден од проектите финансирани со европски средства.
Но политичкиот дел од посетата може да биде поважен од инфраструктурниот.
Скопје треба да слушне што конкретно значи новата „постепена интеграција“, дали Македонија може да добие дел од придобивките од единствениот пазар и што значи нејзиното изостанување од групата за која се подготвуваат посебни патокази.
А во позадина стои уште едно прашање што сè погласно се поставува во Брисел: колку долго една кандидатка може да остане блокирана пред европското чекање да почне да создава геополитички последици.

