Универзитетот на Југоисточна Европа ја зајакнува својата улога во европската универзитетска алијанса ChallengeEU, откако на последниот состанок на Стратешкиот одбор беше оценет меѓу членките со најдобри резултати во првите 18 месеци од проектот.
Состанокот се одржа на Универзитетот за природни науки и технологии на Латвија (LBTU), каде што беше потпишан и договор за прием на Универзитетот во Запорожје, Украина, како асоцијативен член на Алијансата.
Со проширувањето на ChallengeEU се отвораат нови можности за мултилатерална и билатерална соработка меѓу универзитетите членки, вклучително и во областа на наставата, истражувањето и дигиталната трансформација.
На состанокот беше разгледан и Извештајот за напредокот во првите 18 месеци од проектот. Според оценката презентирана пред Стратешкиот одбор, УЈИЕ е меѓу две до три членки со најсилни резултати и највисоко ниво на исполнување на досега поставените цели.
Во рамките на проектот, УЈИЕ го предводи Работниот пакет 2 (WP2), кој е фокусиран на унапредување на дигитализацијата во деветте европски универзитети членки на Алијансата.
Улогата на УЈИЕ во овој работен пакет му дава значајно место во развојот на заедничките дигитални решенија и во поврзувањето на универзитетите вклучени во ChallengeEU.

