Главниот уредник на бугарската агенција БГНЕС, Георги Пашкулев, оцени дека последните пораки на премиерот Христијан Мицкоски за намалување на тензиите и за дијалог со Бугарија претставуваат промена во реториката, но не и суштинска трансформација на политиката на Скопје.
Во авторски коментар, Пашкулев тврди дека политиката што Мицкоски ја водел како опозициски лидер, а потоа и како премиер, придонела Северна Македонија да заостанува во евроинтегративниот процес.
Тој ја посочува и разликата во динамиката меѓу Северна Македонија и Албанија, откако двете земји повеќе не напредуваат во исто темпо кон ЕУ.
Пашкулев се осврнува и на најавите од Скопје за нов дијалог со Софија.
Тој изразува сомнеж во искреноста на иницијативата и тврди дека комуникацијата околу дипломатските ноти и средбите била контрадикторна.
Авторот го критикува и фактот што по последните разговори во Софија не биле објавени повеќе детали за содржината на средбите.
Станува збор за негова оценка, а не за официјален став на бугарската влада.
Во коментарот се отвора и прашањето за македонскиот идентитет и јазик.
Пашкулев тврди дека тие не се вистинската суштина на спорот со Бугарија и оценува дека во Скопје тие теми често се користат во политичката реторика.
Тој ја критикува и политиката на македонските власти во однос на употребата на јазикот во билатерални и спортски настани.
Централната теза на авторот е дека Северна Македонија не треба само да ја смени политичката реторика, туку да направи подлабока трансформација на својата политика кон ЕУ и соседите.
Според него, само промена во говорот без промена на суштинската политика нема да донесе напредок во евроинтеграциите.
Пашкулев оценува дека вистинската трансформација би значела појасна европска ориентација и намалување на конфронтацијата во односите со Софија.

