10.8 C
Скопје
15 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Барутана на чекање: Експерти ќе проверуваат дали Водно може да се лизне

Нацрт-ДУП-от за „Барутана“ на Водно нема да биде ставен на гласање во Советот на Општина Центар додека не се добие дополнителна стручна проценка за стабилноста на теренот и не се решат спорните прашања околу сообраќајниот пристап, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Општината ќе побара од планерската куќа да нарача посебна студија од Градежниот факултет за ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините.

„За Водно мора да бидеме особено внимателни. Не е доволно само да се исполнат формалните процедури, туку мора да бидеме сигурни дека решенијата се безбедни, законски и во интерес на граѓаните“, рече Герасимовски.

Планот нема да оди пред Советот без дополнителни гаранции

Герасимовски рече дека Општина Центар има законска обврска да почне постапка за нов ДУП откако претходниот план беше укинат во 2025 година, но нагласи дека тоа не значи автоматско усвојување на новиот план.

Според него, додека не се најдат законски и прифатливи решенија за сите отворени прашања, тој нема да предложи планот да биде ставен на дневен ред.

Според презентираните податоци, со новиот нацрт-план вкупната површина за градба се намалува од 43.429 на 29.439 квадратни метри, односно за 33,3%.

Истовремено, зеленилото во градежните парцели се зголемува од 20% на 40%.

Герасимовски рече дека не се воведуваат нови градежни парцели, туку се задржуваат оние што постоеле во претходната планска документација, но со намалена површина за градба.

Институциите дале позитивни мислења

За нацрт-планот досега позитивни мислења или согласности дале повеќе институции, меѓу кои Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“, Катастар, Агенцијата за електронски комуникации, ЕСМ – Дистрибуција на топлина, Агенцијата за цивилно воздухопловство, ЈП „Водостопанство“, МВР и надлежни сектори во Министерството за животна средина.

Позитивно мислење дала и Дирекцијата за заштита и спасување.

Герасимовски, сепак, нагласи дека тоа не значи дека постапката е завршена.

Втора јавна анкета за сообраќајното решение

Едно од отворените прашања е пристапната сообраќајница.

Општината најави втора јавна анкета на која граѓаните повторно ќе можат да достават забелешки и предлози.

Ќе се разгледуваат можности за промена на дел од планираните улици поради конфигурацијата на теренот и тешкотиите за нивна реализација.

Герасимовски рече и дека Општина Центар нема со свои средства да го расчистува теренот или да го преземе финансирањето на улиците предвидени со планот.

По завршувањето на стручните и јавните процедури, Град Скопје и Министерството за транспорт повторно ќе треба да дадат позитивни мислења.

Дури потоа планот би можел да стигне пред Советот на Општина Центар.

„Дали ќе се изгласа, тоа е веќе политичко прашање“, рече Герасимовски.

Нацрт-планот претходно беше изгласан во Советот на 14 јули 2026 година, при што против гласаа советници од ЗНАМ, „Шанса за Центар“, Левица и по еден советник од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

 

Related posts

СДСМ му предаде документи на Мицкоски за наводни незаконски постапки на Меџити

admin

Незири: Исходот од локалните избори може да го отвори патот за предвремени парламентарни

admin

Германија се свртува кон Индија за да го ублажи недостигот на работна сила

admin

Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг, кои се нивните стратегии?

admin

ЕУ има резерви на нафта за неколку месеци, но ризикот од недостиг расте

admin

По изборите, ЕУ повторно испраќа пораки до Северна Македонија: уставните измени остануваат клучен услов за почеток на преговорите

admin