10.8 C
Скопје
17 октомври, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Економска анализа на платите во Македонија

Пишува: Ристе Костовски

Платата е основна категорија во економијата на труд, како надомест кој што го добиваат вработените за вложениот труд. Платите ја играат најважната улога во градењето благосостојба во едно општество.

Она што е важно за динамиката на раст на платите е самиот систем на плати да биде поставен на одржливи основи т.е. платите да растат следствено на растот на продуктивноста. Ова на долг рок ќе ја зголеми вкупната факторска продуктивност, а со тоа и конкурентноста и капацитетите за раст на самата економија.

Во продолжение ќе следи кратка квантитативна анализа на платите во нашата економија.

Табела број еден движење на вкупната просечна плата од 1999 до 2025 година

Година  просечна плата
1999 10,029
2000 10,526
2001 10,592
2002 11,550
2003 11,955
2004 12,534
2005 13,125
2006 13,854
2007 14,586
2008 16,095
2009 19,958
2010 20,554
2011 20,848
2012 20,903
2013 21,146
2014 21,394
2015 21,904
2016 22,342
2017 22,927
2018 24,276
2019 25,215
2020 27,184
2021 28,717
2022 31,868
2023 36,622
2024 41,246
2025 45,202

Извор: НБРМ

Од табелата може да се забележи континуиран раст на вкупната просечна плата за периодот од 1999 до 2025 година. Тука треба да се има во предвид дека станува збор за просечна нето плата, така што важна димензија на таа анализа е како оваа плата е дистрибуирана (распределена) т.е. колкав процент од населението прима просечна плата, каква е алокацијата по сектори итн.

Графикон број 1. Квартална анализа на движењето на просечната плата 2006-2026

Извор: НБРМ

Од приложениот графикон може да се забележи континуиран раст на вкупната просечна плата почнувајќи од 2006 до 2026 година. Во однос на интензитетот за растот на платата може да се забележи дека законското воведување на минимална плата во одредена мера има ефект на нивото на вкупната просечна плата.

Имајќи ја во предвид поврзаноста на платите и продуктивноста, во продолжение е даден графикон на кој е прикажано движењето на продуктивноста по квартали од 2018 до 2026 година.

Извор: НБРМ

Од графиконот може да се забележи дека во одредени години каде продуктивноста опаѓа вкупната просечна плата расте. Она на што може да биде последица растот на просечната плата во години во кои опаѓа продуктивноста е растот на минималната плата. Тука сериозно треба да се постави прашањето за поставеноста на моделот на раст на минималната плата.

Во продолжение, со цел конзистентност на анализата, ќе го анализираме движењето на минималната плата, која што меѓу другото е и социјална категорија.

Година Минимална плата
2012 8050
2013 8050
2014 8800
2015 9590
2016 10080
2017 12000
2018 12165
2019 12507
2020 14934
2021 15194
2022 18000
2023 20175
2024 22567
2025 24379

Извор : Собрание на РМ

Од табелата  може да се забележи континуиран раст на минималната плата. Прашање кое е важно тука да се постави е дали порастот на минималната плата води до раст на продуктивноста преку покачување на таргетите и нормите во приватниот сектор. Оттука, неопходна е декомпозиција т.е. потребно е да се квантифицира продуктивноста на работниците на кои е покачена минималната плата.

Понатаму, дали поставениот модел на минимална плата врши компресија на платите во компаниите, како и прашањето дали во континуитет се зголемува контингентот на вработени кои примаат минимална плата. Овие прашања може да дадат одговор за оптималноста на системот на минимална плата во нашата економија.

Понатаму, доколку анализата ја деривираме на регионално ниво, може да се забележат диспропорции во просечните плати по дадени региони што индицира за диспропорции во самиот регионален развој. Според тоа ефектите на минималната плата т.е. нејзиниот раст веројатно се хетерогени во самите региони.

Просечна исплатена нето-плата по вработен, 2021 година

Вардарски регион Источен Југозападен Југоисточен Пелагониски Полошки Североисточен Скопски
23959 23541 25615 22961 26663 26011 23117 32769

Извор: ДЗС

Во тој контекст говорат и податоците на ДЗС, каде што имаме одредени разлики во просечно исплатената плата по региони.

Во крајна инстанца прашање кое треба да се постави и на кое треба да се даде одговор за нашата економија е дали и колку расте вкупната факторска продуктивност (TFP), која симплифицирано може да се дефинира како коефициент меѓу агрегатниот аутпут и агрегатниот инпут. Секако, претставувањето на вкупната факторска продуктивност во моделите на економски раст е многу комплексно, но во основа таа е индикатор за агрегатната ефикасност.

Заклучок

Покачувањето на минималната плата е позитивно за најниските слоеви бидејќи може да влијае врз намалување на ризикот од сиромаштија, меѓутоа голем јаз меѓу продуктивноста и минималната плата може во основа да влијае врз некои инфлаторни тенденции. Затоа е важна оптималноста на политиките.

 

 

 

Related posts

Изборниот модел како шпанска серија

admin

Зошто политиката кај нас е најпрофитабилна професија (бизнис)

admin

Оригиналниот грев: Кралот Лир од Вашингтон

admin

Албанска Левица

admin

Индекс на политички интегритет: Случај – Злоупотреба на боледувања кај јавни службеници

admin

Штетни надворешни влијанија се присутни и во медиумите во Северна Македонија

admin