Македонската поетеса Јулијана Маринковиќ е годинашна добитничка на меѓународната книжевна награда „Аполон Сирмиенсис“ за 2026 година, што ја доделува Едицијата „Сирм“ од Сремска Митровица, Србија.
Маринковиќ ја добива наградата во категоријата за автор од странство, во конкуренција во која жирито доделува уште две признанија – за домашен автор и за млад творец.
Наградата се доделува од 1989 година и има традиција подолга од три децении.
Признанието вклучува статуетка во форма на главата на античкиот бог Аполон, изработена како реплика на археолошки артефакт пронајден на локалитетот на римскиот град Сирмиум.
Сремска Митровица се наоѓа на местото на некогашниот Сирмиум, еден од позначајните градови на Римската Империја на Балканот.
Маринковиќ досега има објавено осум поетски книги и има добиено повеќе книжевни признанија.
Наградата „Аполон Сирмиенсис“ е уште едно меѓународно признание за нејзината поезија и нејзиното присуство надвор од македонската книжевна сцена.


