Меѓу 20 и 30 работници годишно го губат животот на работното место во Македонија, додека се регистрираат околу 2.000 повреди при работа, предупредија претставници на синдикатите на настан посветен на Европската недела за безбедност и здравје при работа.
Претседателот на Синдикатот за градежништво и планирање и потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, оцени дека состојбата со заштитата на работниците со години не бележи значително подобрување.
„Секоја година се повторуваме, но никако да се поправиме во делот за безбедност и здравје при работа“, изјави Пешевски.
Според него, дел од работодавачите сè уште ја третираат безбедноста на работното место како дополнителен трошок, наместо како инвестиција во заштитата на вработените.
Тој предупреди дека ниските плати и несоодветните услови принудуваат многу работници да прифаќаат дополнителни ангажмани, прекувремена работа и работа за време на викендите и празниците.
Заморот, несоодветната механизација и недоволната заштитна опрема, според Пешевски, дополнително го зголемуваат ризикот од несреќи.
Синдикатите бараат повеќе инспектори и превентивни контроли
Пешевски упати критики кон капацитетите на инспекциските служби, посочувајќи дека недостигот од инспектори и ограничените услови за нивната работа ја отежнуваат контролата на терен.
„Инспекциите треба да бидат на терен и да не чекаат некој да се повреди, туку да проверуваат, да прават контроли и веднаш да затворат ако видат дека нешто е ризично“, рече тој.
Синдикатите бараат поефикасни инспекциски надзори, санкции за прекршителите и поголеми обврски за работодавачите да обезбедат исправна опрема и безбедни услови за работа.
Пешевски предупреди и дека професионалните заболувања често остануваат неевидентирани, додека одговорноста за несреќите понекогаш се префрла врз самите работници.
Дурмиши: Безбедноста на работниците е основно право
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека подобрувањето на безбедноста и здравјето при работа останува еден од приоритетите на Министерството.
„Вложувањето во здрави и безбедни работни места е инвестиција, а не трошок“, рече Дурмиши.
Според него, заштитата на работниците не е само законска обврска, туку и прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност.
Министерот нагласи дека за подобрување на состојбата се неопходни поефикасна превенција, унапредување на законската рамка и посилна соработка меѓу институциите, компаниите и синдикатите.
Тој предупреди дека технолошкиот развој и дигитализацијата создаваат нови ризици за вработените, особено во однос на стресот и менталното здравје.
Менталното здравје станува дел од безбедноста при работа
Претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, професорката Јасмина Чалоска, оцени дека заштитата на работниците не смее да се сведе само на формално исполнување на законските обврски.
Според неа, безбедноста при работа претставува основно човеково право и предуслов за одржлив развој на компаниите.
Чалоска предупреди дека здравјето на работниците не смее да биде жртвувано заради зголемување на продуктивноста.
Директорката на Канцеларијата на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, нагласи дека психосоцијалните ризици треба да се третираат со истата сериозност како физичките, хемиските и биолошките опасности.
„Психосоцијалните опасности мора да се идентификуваат и проценуваат, а со нив да се управува со истата сериозност како со физичките, хемиските и биолошките опасности“, рече Харасти.
Претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Мауро Машиоли, истакна дека ЕУ ја поддржува Македонија во зајакнувањето на институциите и приближувањето кон европските стандарди за безбедност при работа.
Две компании наградени за добри практики
На настанот беа доделени национални награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа.
Годинешни добитници се компаниите „ARC Automotive“ и „Лутхман Бацклунд Фоодс Продукција“ од Битола.
Настанот го организираше Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка од Меѓународната организација на трудот, во рамките на проект финансиран од Европската Унија.
Учесниците порачаа дека намалувањето на бројот на повреди и смртни случаи бара континуирани инспекциски контроли, поголема одговорност од работодавачите и навремено препознавање на ризиците, вклучувајќи ги и оние поврзани со менталното здравје.

