5.8 C
Скопје
12 ноември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

КАМБАНИТЕ БИЈАТ ЗА ВОЈНА ЗА ГОЛЕМА РУСИЈА

Како моќни морски струи, тие настани влечат кон нуклеарна катастрофа. Имено, Америка и Русија се најдиректно инволвирани во украинаката војна. Русија во прецртување на границите на една суверена европска држава по некакви руски етнички линии, а Америка во одбрана на досегашниот светски поредок кој се темелеше на Повелбата на ОН и на меѓународното право.

 

Пишува: Денко Малески

Камбаните  бијат за војна за Голема Русија. „Одете храбро да ја извршите својата воена должност. И запомнете, ако умрете за својата земја, ќе бидете со Бога во неговото цраство“, е повикот на поглаварот на Руската православна црква Кирил.

Војна за што? Против „нацистичкиот “ режим во Киев? Против обидите на Западот да ја нападне и да ја уништи Русија? Не. Со референдумот кој е во тек во областите во Украина населени со Руси и со одлуката на руската Дума да и даде легитимитет на анексијата, работите стануваат појасни. Како некој кој ја познава таа игра на Балканот, мислам дека би можело да се заклучи дека ова е војна за Голема Русија.

Русија во која ќе се соберат сите Руси или онолку колку што е можно. Имено, со распадот на Советскиот сојуз се создаде најголемата дијаспора во светот. Преку ноќ, 30 милиони Руси се најдоа надвор од границите на новата суверена држава – Руската федерација. И додека Милошевиќ веднаш ја почна војната за прецртување на границите на поранешните југословенски републики, идни суверени држави, Јелцин се помири со фактот дека границите на советските републики ќе станат меѓународни граници. Но, тоа не му е по воља на неговиот наследник. Конечно станува појасно за што ламентирал со години Владимир Путин велејќи дека најголемата стратешка грешка на неговата земја е распадот на Советскиот сојуз. Тоа,секако, не било од желбата да живее во демократија  со „сто и една нација“, како што велеше тогашната пропаганда покривајќи го фактот дека Русите доминираа врз останатите народи. Путин ламентирал врз судбината на за руското население и териториите на кои живеат.

Говорот на Путин во предвечерјето на руската агресија врз Украина, тоа неразбирливо бамбурење над судбината на руската нација и „вештачката“ украинска држава, беше, всушност, неговото оправдување за она што ќе следи: инвазија и одземање територија на една суверена европска држава. Како и секогаш, барабаните на национализмот и на војната удираат во ист ритам.

Како дозволивме да дојде до таква жестока конфронтација помеѓу нуклеарните сили која само што не експлодирала во светска нуклеарна војна? Каде згрешивме? Како активен учесник на Конференцијата за Југославија можам да посведочам за големите очекувања во поглед на мирот и демократијата во Европа, кои завладеаа по победата на Западот во Студената војна. Силата нема место во денешна Европа, ни беше речено на Конференцијата за Југославија од страна на западни политичари и дипломати. Ново на европскиот континент, велеше оваа аргументација, е дека империјалистички сили веќе не наметнуваат решенија, затоа што за прв пат во нашата историја живееме во Европа во која сите држави ги почитуваат принципите на неповредливоста на границите, принципите на демократијата, правата на човекот и слободата. Се разбира, сите ние знаеме дека работите не испаднаа токму така: крвавите етнички војни во Југославија само ја потврдија аргументацијата на реалистичката школа во меѓународната политика, дека силата а не правото е она што е одлучувачко во односите меѓу народите. Наспроти реалноста беше реториката дека дошол крај на историјата, дека либералната демократија дефинитивно ги победи диктатурите, дека правото ќе го оджи меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна и запишан во Повелбата на ОН. Идеалистичката школа повторно доби примат над реалистите во меѓунардоните односи. Но, без реалистичкото учење, како што гледаме, можат да се направат страотни грешки.

Заборавивме на лекцијата на Тукидид кој анализирајќи го текот на војната помеѓу  Атина и Спарта, „големите сили“ на своето време им советува на големите сили внимателност во нивно инволвирање на страна на мала град-држава кое би ги вовлекло во воен конфликт што носи повеќе штета од корист и не е во нивен национален интерес. Државниот интерес, самиот опстанок, на двете нуклеарни сили денес, Америка и Русија, упатуваат на нужноста од избегнување на војна меѓу нив, а сепак, по руската агресија и западната поддршка за Украина, настаните како да покажуваат во таа насока. Како моќни морски струи, тие настани влечат кон нуклеарна катастрофа. Имено, Америка и Русија се најдиректно инволвирани во украинаката војна. Русија во прецртување на границите на една суверена европска држава по некакви руски етнички линии, а Америка во одбрана на досегашниот светски поредок кој се темелеше на Повелбата на ОН и на меѓународното право. Но, меѓународното право нема врска со меѓународната политика во која  моќта со тенкови гази преку правните пречки. Имено, сеуште важи милениумското начело на Тукидид дека „Силните го прават она што можат а слабите она што мораат“.  Но, ако е јасен односот меѓу силните и слабите,  што правиме кога ќе се судрат силните кои поседуваат нуклеарно оружје чија употреба би значело крај на човештвото. Вреди ли Америка и ЕУ од една страна и Русија од друга, да отпочнат нуклеарна војна за Украина? Вреди ли за Украина да биде првата жртва на таа војна?

Кога Кенеди во шеесеттите се соочи со кубанската криза, тој направи две работи. Прво, одлучно му покажа на Советскиот сојуз дека е спремен да влезе во нуклеарна војна и објави блокада на островот со американски воени бродови и второ, веднаш побара официјални и приватни патишта за контакт со раководството на СССР за изнаоѓање мирољубиво решение. Како и во кубанската криза, зад завесата на меѓународната политика, би требало да се одвива трескавична потрага по мирно решение на украинската криза.

 

 

Related posts

ЕВРОПСКА УНИЈА ЗА ПОДОБАР СТАНДАРД И ОТВАРАЊЕ НА НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ

admin

ШТО (КОЈ) СТОИ ЗАД ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ „ЦАР БОРИС“?

admin

Милошевиќ ја минира конференцијата за Југославија

admin

ШТО МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ЕВЕНТУАЛНОТО ВКЛУЧУВАЊЕ НА АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ ВО ВЛАДАТА

admin

НЕ МУ ГО ГЛЕДАЈ ЛИЦЕТО, ГЛЕДАЈ МУ ЈА РАБОТАТА

admin

Америка ја губи Југоисточна Азија: Зошто сојузниците на САД во регионот се свртуваат кон Кина?

admin