4.8 C
Скопје
21 февруари, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗАНАСЛОВНА

ВРЕМЕТО КАКО ЛЕК ВО ОДНОСИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

Одлагање на внесувањето на бугарската заедница во уставот за после парламентарните и претседателските избори во 2024, неколку месеци по завршувањето на скриниг процесот, е лоша идеја. Тоа би било бегање од проблемот кое ќе отвори нови проблеми. Имено, како и порано, многу зависи од водството. Новата гарнитура би можела да не врати на слепиот колосек на кој чекавме триесет години.

Пишува: Денко Малески     

Пред Мирот од Вествалија од 1648 година, Европа, цело столетие, ја пустошле религиозни војни. На пршањето зошто запрале војните и што е прочината за потпишувањето на мирот кој го означи раѓањето на модерната држава во која владетелот ја определувал религијата, науката има еден интересен одговор. Тој не звучи ни малку „научно“ и гласи: веројатно, на луѓето им дошло преку глава од војни и заклучиле дека во животот има и попаметни работи од взаемно убивање.

Столетија подоцна, на почетокот од деведесеттите, додека, на универзитетот Колумбија, траеше конференцијата посветена на новата суверена држава Република Македонија, по улиците на Њујорк се бркаа претставници на македонската и на грчката дијаспора, а учесниците на конференцијата ги евакуираа преку пожарникарските скали. Во 2010, на конференција со иста тема, „Македонија“, во истите простории на универзитетот, атмосферата беше полна со разбирање и толеранција. Но, и дваесет години беа малку. Требаше да поминат уште осум години , за, во 2018, дефинитивно да се постигне договорот во Преспа. После безмалку триесет години „војување“, беше постигнат „мир“ меѓу двете држави кој, до денешен ден, ја нема поддршката на мнозинството граѓани од двете страни на границата.

Но, демократското урердување во Македонија и Грција, со повремена смена на власта по пат на избори, произведе две политички гарнитури со иста цел. Тие, во даден меѓународен контекст на обновен ривалитет меѓу Америка и Русија, смогнаа сили да му се спротистават на мнозинството и да повлечат напред, кон мир и соработка, со членство на нашата држава во НАТО. Македонија, сега Северна Македонија, и Грција најдоа попаметни работи од перманентна конфронтација и постигнаа компромис.

Така ќе биде и со Бугарија. Ќе се соочиме со вистините и ќе најдеме попаметни работи од расправиите за минатото кое, и онака, не може да се промени, за разлика од сегашноста. Компромисот за отпочнување на преговорите со ЕУ, „францускиот предлог“, повторно не е поддржан од мнозинството граѓани од двете страни на границата, но демократскиот процес произведе политичари кои заедно со големите сили, во дадени меѓународни околности обележани од руската агресија врз Украина, постигнаа компромис кој означува почеток на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ.

По бурните три години во кои Бугарија стави вето а потоа и го повлече, настана затишје а ние сме на вистинскиот колосек кој води кон Европа. И Унијата направи отстапка од правилото дека не можат да се внесуваат билатерални проблеми во процесот на пристапни преговори за да не стоиме во место и за да не пропаднеме какао држава. Сега треба да внимаваме да не не исфрли од европскиот колосек некаква диверзантска акција, како што е референдумот, на пример. Потребно ни е водство кое на народот ќе му ја објасни важноста од интеграцијата на Македонија во Унијата и посветена активност на политичарите која ќе го расчистува патот до целта.

Одлагање на внесувањето на бугарската заедница во уставот за после парламентарните и претседателските избори во 2024, неколку месеци по завршувањето на скриниг процесот, е лоша идеја. Тоа би било бегање од проблемот кое ќе отвори нови проблеми. Имено, како и порано, многу зависи од водството. Новата гарнитура би можела да не врати на слепиот колосек на кој чекавме триесет години.

Почетниот оптимизам за брзо апсолвирање на историските теми меѓу Македонија и Бугарија е зад нас, но првите важни пробиви во таа насока се направени. Како и секогаш и секаде, во оваа почетна фаза најгласни беа националистите од двете страни на границата. Но, за својата слобода да кажат што мислат се изборија и малкуте либерални умови од  двдете страни на границата. Значи, дебата е отпочната а со тоа е скршено едно табу дека за македонско-бугарските односи не се зборува.

Во еден свет во кој силните го прават она што можат а слабите она што мораат, одвивањето на разговорите со Бугарија под надзор на ЕУ оди во наш прилог. Имено, битно е двете држави да негуваат односи на добрососедство и да не ги злоупотребуваат демократските европски механизми за националистички цели. Истото се однесува и за поведението на претставниците на националните малцинства и клубовите кои ги формираат: покрај права кои произлегуваат од европската конвенција,  запишана е и обврската правата да се користат за подобрувањето на атмосферата на меѓусебно разбирање, добрососедство , мир и соработка. Права и обврски, тоа би било во духот на Европа.

 

*Текстот е објавен во рамки на проект подржан од НЕД. Ставовите се исклучиво на авторот.

Related posts

Советот на ЕУ со заклучоци за дигитализацијата: Сите правата да се применуваат и во онлајн светот

admin

Руската војска нема да купува оброци од фирмата на Пригожин

admin

Протести за зголемување на платите за 78 отсто, исто како за функционерите

admin

Се испитува телефон, два пиштола и контактите на Палевски

admin

Интеграција која дезинтегрира!

admin

Средба Столтенберг-Османи: НАТО е клучен фактор за безбедноста на Западен Балкан

admin