2.8 C
Скопје
22 февруари, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ПОПУЛИЗМОТ НА РАМА И КРАЈОТ НА „ОТВОРЕН БАЛКАН“

На овие средби, всушност, нема општ интерес. Има само фотографирања, патетичен фолклоризам, популизам и пропаганда. Тоа е златна можност, особено за Рама, да се претстави во улога на регионален државник, кој во Скопје дели лекции како да се промени Уставот за да се оди напред кон евроинтеграциите, додека во Албанија размислува како да ги легализира валканите пари преку фискална амнестија.

Пишува: Џелал Незири

Премиерот на Албанија, Еди Рама, го собра целиот свој владин кабинет и на 14 октомври слета во Скопје. Тој дојде да ја одржи заедничката средба на двете влади, втора по ред по онаа одржана во 2017 година. Исто како и првата, така и оваа втора беше проследена со протоколи и церемонии и произведе вкупно 21 нови договори и меморандуми.

Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Албанија во 1993 година, потпишани се вкупно 37 договори за кои е потребна ратификација во соодветните парламенти. Со овие договори, кои по ратификацијата ги обврзуваат државите да ги спроведат, регулирани се низа прашања во интерес на граѓаните од двете земји – од преминување на границата со лични карти до пристап до европските интеграции. Сите овие важни договори се потпишани пред 2013 година, односно пред Рама да дојде на чело на албанската влада. Во негово време беа потпишани само три ратификувани договори: за социјално осигурување (2016 година), за соработка во областа на образованието и науката (2016 година) и договорот за формирање меѓусебни културни центри (2019 година).

Од друга страна, има вкупно 41 меморандуми, протоколи и договори кои не се предмет на ратификација, а кои се потпишани од 1993 година, но чија имплементација зависи од вољата на институциите на соодветните земји. Вакви се 5-те документи потпишани на првата заедничка средба меѓу владата на Скопје и Тирана, одржана на 15 декември во Поградец, Албанија. Ако на оваа бројка се додадат и 21 документи потпишан на 14 октомври во Скопје, кои исто така не се предмет на ратификација, тогаш нивниот број достигнува 62.

Ако и двете средби произведоа потпишување на необврзувачки документи за страните, кои се забораваат веднаш по нивното потпишување, тогаш каде е конкретниот интерес на граѓаните од ваквите средби? На овие средби, всушност, нема општ интерес. Има само фотографирања, патетичен фолклоризам, популизам и пропаганда. Тоа е златна можност, особено за Рама, да се претстави во улога на регионален државник, кој во Скопје дели лекции како да се промени Уставот за да се оди напред кон евроинтеграциите, додека во Албанија размислува како да ги легализира валканите пари преку фискална амнестија. Во Скопје тој зборува за демократизација на регионот преку проектот „Отворен Балкан“, додека Албанија и понатаму добива критики за влошената состојба со слободата на медиумите. Во Скопје тој зборува за европските вредности кои наводно ги делиме ние во регионот, но Транспаренси Интернешнл ја рангира Албанија на 110-то место, заедно со Босна и Херцеговина, како земји со најголемо присуство на корупција на Балканот. Не само во Скопје, тој насекаде надвор од Албанија зборува со софизам, со готови и убави реченици, кои наликуваат на песни, но во суштина се празен популизам.

Рама на прес-конференцијата со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски ја истакна и важноста на иницијативата Отворен Балкан. Три дена потоа двајцата отпатуваа во Белград на следниот самит на оваа иницијатива. Основана во 2019 година во Нови Сад од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ, Рама и поранешниот македонски премиер Заев, Отворен Балкан се чини дека не успеа да постигне ниту една од своите главни цели: не го исполни инклузивниот принцип, бидејќи не успеа да ги убеди три другите држави од Западен Балкан да се приклучат, додека не обезбеди речиси ниту едно од четирите движења во регионот. Напливот на печалбарите во летниот период и нивното долго чекање на границите на регионот ги демантираше сите документи потпишани со помпезност на претходните самити на оваа иницијатива. Зелените линии за движење на стоки на граничните премини имаат само знаци, но во суштина се нефункционални. Речиси ниту еден договор не ги даде очекуваните резултати, кои беа во интерес на граѓаните од регионот.

Исто како и заедничките состаноци меѓу владите, кои произведуваат само документи кои не се почитуваат, Отворениот Балкан изгледа дека служи само како сцена за пропагандни паради. Откако германскиот канцелар Олаф Шолц, како наследник на Меркел, ги собра лидерите на Западен Балкан во Берлин за да им даде до знаење дека Берлинскиот процес продолжува посилно и со повеќе средства за развој, Отворениот Балкан се појавува како половична и бледа иницијатива, без резултати и што служи само за задоволување на амбициите за регионално истакнување на двоецот Рама-Вучиќ.

Ако една политичка акција се оценува според резултатите што ги дава, тогаш Берлинскиот процес се покажува како единствената иницијатива што произвела придобивки за граѓаните. Покрај вклучувањето на шесте балкански држави како рамноправни, оваа иницијатива произведува документи кои се предмет на ратификација, кои потоа продуцираат разговори без роаминг, унапредување на соработката меѓу младите, конкретни проекти во различни области, заедничко управување со пандемијата, кризна енергија, признавање на дипломи, дозволи и сл. Затоа, мора јавно да се каже дека Отворениот Балкан и заедничките меѓувладини средби се само пропагандни активности, за внатрешно-политички цели, од кои граѓаните немаат никаква корист.

Related posts

Како и зошто стигнавме на оваа дереџе?

admin

МЕНГЕМЕ НА “ТОЛПАТА“ НА ГУСТАВ ЛЕ БОН

admin

Со полна брзина кон 2030 година

admin

СОЛЗА ЗА ЖИВОТ

admin

УСТАВНИ ИЗМЕНИ И АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК

admin

Склучи мир – ќе те судат, предизвикај војна – ќе те слават

admin