11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

КАКО ДА СЕ ЗАУЗДА ГАЛОПИРАЧКАТА ИНФЛАЦИЈА

Македонската економија преживува тешки денови под налетот на економската и енергетската криза. Цените растат до плафон, инфлацијата урива рекорди. Државниот завод за статистика пресмета 19,8% инфлација во октомври, во споредба со истиот период лани, што ја позиционира земјата како водечка во регионот.

Цените на храната за една година пораснале дури за 32,4%. Или конкретно, за една година најмногу поскапел лебот и житата и тоа за речиси 50%, млекото, јајцата и сирењето за нешто повеќе од 40 отсто, а маслото за 40, 3 отсто… Инфлаторниот шок станува сѐ посилен и покрај мерките на власта, кои засега речиси и да не покажуваат никаков ефект. Граѓаните се нервозни и се жалат дека не можат да врзат крај со крај:

„Ова е веќе ужас. Со две плати не можеме да истераме до 20-ти во месецот. До каде ќе оди ова не знам. Едвај човек може да се прехрани, а каде се сметки, потреби на деца…“, се жали скопјанката Благица која ја сретнавме пред еден од маркетите.

„Како се снаоѓам? Па веќе сум во длабок минус, платата ми доцни и така. Ако не се постарите дома и нивната пензија тешко нас. Веќе ми е страв да влегувам во маркети, секој ден сметката е се повисока, а торбата се попразна“, реагира скопјанката Божана која исто така ја сретнавме пред еден од маркетите.

Владините мерки со краткорочен ефект 

Инфлацијата продолжува да расте и покрај сите мерки кои до сега ги преземаа надлежните. Уверувањата и прогнозите беа дека ценовниот шок треба да се стабилизира, што се насетуваше и со движењата на светските пазари. Се случи сепак она што најмалку се посакуваше, што е изненадувачки и отвора дилеми на што конкретно се должи. Дел од експертите предупредуваат дека овојпат причините повеќе треба да се бараат на домашен терен:

„Кај инфлацијата во октомври нема апсолутно ништо ново во однос на она што се случува веќе некое време. Инфлацијата продолжува да расте и тоа повторно поради цената на храната, која е зголемена за околу 3% во однос на претходниот месец. Ова се случува во услови кога глобалната цена на храната, според податоците на Обединетите нации, има стагнација. Тоа говори дека поскапувањето на храната во Македонија не е движено од надворешни фактори, туку потекнува од дома. Конкретно, поскапувањето се должи на тоа што супермаркетите и трговците со храна неоправдано ги креваат цените на храната, во обид да профитираат од инфлаторниот бран“, коментира за Дојче Веле, Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Клучната дилема е дали и како треба да се интервенира за да се спречи натамошниот раст на инфлацијата. Најновите мерки на владата за намалување на цената на храната, преку намалување на цената на струјата за фирмите од прехранбената индустрија, според Јовановиќ ќе имаат само минимален и краткорочен ефект. Скокот на цената на храната во Македонија според него не се должи на цената на струјата, па затоа и пониската цена на струјата нема да спречи цената на храната да продолжи да расте.

„Можно е да видиме одредено минимално намалување на цената на храната сега поради поевтината струја, или поверојатно – да видиме забавување на растот на цената, но тој ефект ќе биде само краткотраен и по многу кратко време, фирмите повторно ќе почнат да ги креваат цените“, укажува Јовановиќ.

Како да се ублажи ударот? 

Единственото решение во моментов според него е да се интервенира кај цените на основните прехранбени производи:

„Единствен начин да се заузда веќе галопирачката инфлација е ако владата ги замрзне, или ограничи, цените на основните прехранбени производи, и воведе строги казни за трговците кои нема да го почитуваат ограничувањето. Такво нешто направи соседна Албанија во март и цените на храната таму оттогаш се намалија за 1-2%. Во Македонија во истото тоа време цените на храната се зголемија за 23%“, предупредува економистот.

Загрижени се и во Владата од каде велат дека работат деноноќно за да се ублажи ударот кој доминантно е последица на надворешни влијанија:

„Нивото  на инфлација е високо, не само кај нас, туку во сите држави и е резултат на порастот на цените на гасот, на електричната енергија и на прехранбените производи. Не само што тоа ме загрижува, туку тоа е нешто на што деноноќно работиме со министрите“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој очекува дека актуелната мерка за 80 евра мегават час струја за производителите на основните производи ќе даде резултат. За ограничување на цените засега не се размислува:

„Сметам дека тоа што јавно  го кажаа претставниците на стопанските комори на состанокот со министерот за економија, доколку е донесена таква одлука, за најмалку 10 проценти да биде намалена цената на овие прехранбени производи, дека тоа и ќе го направат.  Но доколку не биде направено државата има  механизми и може да интервенира, рече Ковачевски.

Синдикатите бараат повисоки плати 

Растот на цените е клучниот проблем кој создава притисок. Инфлацијата ги јаде и онака ниските плати и пензии. Само за илустрација, минималната кошничка која ја пресметува синдикатот за еден месец изнесува 51.540 денари. За две години таа е поскапена дури за 17.700 денари, или денес не може да се наполни со една просечна и една минимална плата. Работниците се очајни:

„Со ваква драматично висока инфлација Господ нека ни е на помош. Ова е неиздржливо. За сметки и да се прехрани човек нема. А каде се извршители, камати, ништо. Ваков хаос досега не сум видел. Едноставно надвор од контрола е работата“, реагира Марјан Ристески, од Конфедерацијата на синдикални организации.

Синдикатите бараат повисоки плати, но засега попусто тропаат на вратата на владата оти пари како што им рекле оттаму нема:

„Во петокот имавме економско социјален совет на кој беа сите министри и едноставно велат дека нема пари. Нема ништо од барањето за усогласување на платите, дури и колективните договори еднострано ги укинаа што е спротивно на сите закони. Буквално ни кажаа дека со ова што ние го бараме нема да може да се истурка со плати до наредниот септември, а камоли до крајот на наредната година“, реагира Ристески.

Синдикатите веќе се мобилизираат и најавуваат поконкретни чекори:

„Катастрофа е ова што се случува, ќе свикаме состанок да видиме што ќе правиме. Го повикавме и Сојузот на синдикати заедно да настапиме. Не исклучуваме ниту протести. Нека кажат барем дека не бива, нека викнат луѓе кои што знаат како да ги решат работите, а не да се глуми дека се е под контрола. Нека се мобилизираат со експерти со се`, оти вака се оди во бунар. Ништо не функционира како што треба, ниту Влада, ниту Парламент, ниту Град Скопје, ништо“, критикува Ристески.

Највисока инфлација во регионот 

Економистите со месеци наназад предупредуваа дека не смее да се дозволи инфлацијата да стигне до критични 20% бидејќи контролата потоа ќе биде многу потешка. Критики во континуитет пристигнуваат и од страна на опозицијата. Последните податоци според ВМРО ДПМНЕ се потврда дека инфлацијата е надвор од контрола. Критикуваат дека надлежните реагираат несоодветно и задоцнето:

„Ја нема никаде јасната борба од страна на централната банка за сузбивање на инфлацијата. Ја нема јасната борба од фискалната политика дека ќе и помогне со рестрикции во буџетот на монетарната политика за сузбивање на инфлацијата. И во 2023 година буџетот и понатаму е експанзивен и инфлаторен“, реагираа од ВМРО ДПМНЕ

Стапката на инфлација во Македонија е највисока во целиот регион и според податоците од меѓународните финансиски институции. Во најновиот извештај на Светска Банка се забележува дека Македонија има највисока стапка на инфлација во изминатите 25 години.

Проекциите се дека инфлацијата ќе расте. Државата се соочува и со ризик од стагфлација, односно раст на цените при намалено производство. Во Србија, стапката на инфлација е 14%, во Косово 12,7% , Хрватска 12,8 отсто, Босна и Херцеговина 17,3%./DW

Related posts

Како важна бугарска тема делумно се покрива со „Македонија“?

admin

ИСЛАМ АБАЗИ ЌЕ ЈА НАСЛЕДИ ВИЛМА РУСКОВСКА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО

ninja

Трошоците за живот се зголемуваат секој месец, а платите еднаш годишно

admin

Се намалува бројот на учениците во С.Македонија

admin

Путин спремен да користи и нуклеарно оружје: Африканската иницијатива не донесе мир во Украина

admin

Спречена блокада на сите полетувања и слетувања на скопскиот и охридскиот аеродром

admin