25.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

УКРАИНЕЦ ПОД АМЕРИКАНСКИ САНКЦИИ ДОБИЛ МАКЕДОНСКО ДРЖАВЈАНСТВО, ВЛАДАТА ВЕЛИ СÈ Е ПО ЗАКОН

Сите релевантни институции дале позитивно мислење за давање македонско државјанство на Украинецот кој е под американски санкции, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашања.

Порталот Призма вчера објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко, кој е на листата на санкции на Соединетите Американски Држави (САД).

„При издавањето на тоа државјанство биле прибавени сите позитивни мислења од сите релевантни институции согласно со процедурата. Врз основа на тие позитивни мислења Владата донела одлука да додели државјанство“, рече Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, рече дека четири институции дале позитивно мислење да му се даде државјанство на Онишченко.

„Владата има дискрециско право да даде или да одбие државјанство на кој било, којшто аплицирал во овој дел. Сите проверки кои што се од сите четири институции се позитивни“, рече Спасовски.

Според него, позитивно мислење за добивање државјанство во конкретниов случај дале Агенцијата за национална безбедност, Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.

Украинецот Олександр Онишченко сега е македонски репрезентативец во коњички скокови.

Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, кој инаку има и руски пасош, дошла од Федерацијата за коњички спортови.

Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него.

Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси на Врховната рада, е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка. Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.

Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко.

Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина.

Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара.

Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.

Минатата година Македонија ја потресе „пасошка афера“. Балкански криминалци со мито си ваделе македонски пасоши со други имиња и со нив си терале бизниси по светот. Пасошите не се фалсификувани, туку оригинални, а нелегално ги издавале македонски полициски службеници.

Related posts

Ковачевски: Нема закани за безбедноста, ни претстојат економски предизвици

ninja

Избори за ЕП: Макрон може да биде поразен од екстремната десница

admin

Брегу: Не ни се потребни дополнителни институции и иницијативи, за регионална соработка е потребна политичка волја

admin

Како за почеток-Километар по километар до 1,3 милијарди евра за автопатите од Коридорите 8 и 10д

admin

Ковачевски: Ова не е прва посета на Ескобар, нема да биде ни последна

admin

ГЕРМАНИЈА ЌЕ ГО ДУПЛИРА БРОЈОТ НА РАБОТНИ ВИЗИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

ninja