7.8 C
Скопје
2 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

МАКЕДОНИЈА УВЕЗЕ 40 МИЛИОНИ ЕВРА СТРУЈА – КОЈ СЕ ОФАЈДИ?

Само за месец и половина Македонија потроши над 40 милиони евра за увоз на струја. Македонските термоцентрали работат само со половина од капацитетот , па државата мора да увезува. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски обвинува „за многу криминал и корупција“ при набавките на струја.

Само во изминатите месец и половина, ЕСМ увезе струја за над 40 милиони евра, покажуваат официјалните податоци. Струјата е купена од пет фирми, кои имаат лиценци за трговија со струја. Повеќе од половина од оваа сума, односно 21,7 милиони евра, е за набавки преку фирмата ЕТМТ Енерџи, покажуваат официјалните податоци на ЕСМ.

Во ноември е набавена струја за 24,6 милиони евра, а во декември досега се потрошени 16,3 милиони евра.

Во ноември биле набавени скоро 96 илјади мегаватчаса струја, а во декември досега се купени скоро 40 илјади мегаватчаса. Просечната цена по која се набавувала струја во ноември била скоро 257 евра, а во декември 411 евра за мегаватчас.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски постојано обвинува „за многу криминал и корупција“ при набавките на струја.

Над 21 милиони евра за албанската ЕТМТ Енерџи

Фирмата ЕТМТ Енерџи, според податоците на Централниот регистар, била формирана лани во март, а нејзин сопственик е Енер Траде ШПК од главниот град на Албанија, Тирана.

Регулаторната комисија за енергетика на 27 мај лани, два месеци по нејзиното основање ѝ издала лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија со електрична енергија.

Управител на фирмата во Македонија е Фламона Емини.

Енер Траде како што тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со Артур Мицкај кој е сопственик на 50 отсто од фирмата и е директор на Форумот на млади на Социјалистичката партија Албанија на премиерот Еди Рама.

Интернет страницата на оваа фирма е во изработка. Според податоците за трговија со струја во Источна и Југоисточна Европа, трговската активност на оваа компанија рапидно пораснала во 2021 и 2022 година, не само во Албанија, туку и во регионот. Освен во Албанија, во моментов, Енер трејд има подружници во Македонија, Косово и во Словенија, а преку нив работи и во Србија, Црна Гора и Унгарија, а најавува дека наскоро ќе почне да работи и во Бугарија и во Грција.

Инфографика - Увоз и увозници на струја во Македонија ноември/декември 2022
Инфографика – Увоз и увозници на струја во Македонија ноември/декември 2022

Словенците искеширале скоро 11 милиони евра

Фирмата ГЕН-И Продажба за месец и половина инкасирала 10,7 милиони евра од продажба на струја на ЕСМ. Оваа фирма е регистрирана во Македонија уште во 2007 година со почетен влог од 10 илјади евра, се наведува во Централниот регистар. Управител е Словенецот Игор Копривникар, кој е и директор на мајката фирма – словенечката ГЕН-И Груп, која има подружници во 16 држави, а работи во над 20 земји во Европа.

Сопственикот на Макстил тргува и со струја

Фирмата Дуферко МК му продала струја на ЕСМ во вредност од скоро 5 милиони евра за месец и половина. Основач на оваа фирма и нејзин управител е Иоанис Панагиопулос од Грција со две илјади евра. Косопственик е италијанската фирма Дуферко Енергиа С.П.А. Фирмата е основана на 21.02.2019 година. Фирмата има свои претставништва во Лугано и Луксембург. Тргува со струја со Западна Европа и Грција.

Италијанската групација Дуферко од Џенова е основана 1979 година од Бруно Болфо и е дел од интернационален холдинг, формиран првенствено да работи во железарскиот и челичарски сектор. Со текот на годините го рашири бизнисот во различни сектори на меѓународно ниво, како во енергетскиот, бродскиот, трговскиот и индустрискиот сектор.

Групацијата Дуферко од 1997 година е сопственик на Макстил, дел од скопската железарница.

Данците продале струја за над 3 милиони евра

Компанијата Данске комодитис ДООЕЛ Скопје за месец и половина продала струја во вредност од 3,1 милиони евра. Оваа фирма е основана во 2011 година со странски капитал во вредност од 908 илјади евра. Управители е Хелле Остеаард Кристиансен и Јакоб Молер Соренсен. Остеаард е директорка и на мајката фирма Данске комодитис А/С од Данска, која тргува со струја во 40 земји ширум светот.

Сопственик на Данске комодитис е норвешката државна енергетска компанија Еквинор.

Скромни 440 илјади евра за фирмата на контроверзниот Вук Хамовиќ

Фирмата Енерџи фајнансинг тим ДООЕЛ Скопје во овие месец и половина на ЕСМ му продале струја во вредност од 441 илјади евра. Фирмата е регистрирана во 2014 година со почетен влог од 50 илјади евра, од кога и работи на македонскиот пазар. Управител е Христина Давидовска.

Фирмата е во сопственост на холдингот ЕФТ интернејшнал инвестментс од Лондон, која тргува со струја во над 20 држави во светот.

Основач на фирмата во 2000 е српски бизнисмен Вук Хамовиќ. Иако Хамовиќ никогаш не бил осуден, неговите бизниси привлекуваа внимание на обвинителите и истражителите во повеќе европски земји.

Во 2008 година, британската Канцеларија за сериозни измами поднесе кривична пријава против ЕФТ за наводен поткуп на српски функционери, но неколку месеци подоцна се повлече со образложение дека „нема реални изгледи за осуда“.

Во 2004 имаше истраги и во Босна и Херцеговина за злоупотреба на средства и во Србија за деловните аранжмани меѓу ЕФТ и државната компанија за електрична енергија. Истраги имаше и во 2007 година.

Неговиот син Милош Хамовиќ во 2011 година во Босна и Херцеговина беше обвинет за перење пари.

До септември ЕСМ продаде вишоци струја за 6,8 милиони евра

До септември државната ЕСМ целосно ги покриваше потребите на регулираниот пазар и од почетокот на годинава продаде струја во вредност од скоро 6,8 милиони евра. Струјата повторно ја купуваа истите пет големи фирми. Околу половина од струјата и тогаш ја купи албанската ЕТМТ Енерџи.

Мицкоски во септември обвини дека има штелување на тендерите зашто „ЕСМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 30 август до 6 септември, од 2 до 7 часот во вкупна количина од 2000 MWh.

Албанската државна енергетска компанија КЕШ исто така распишува оглас но за набавка на струја за периодот од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на ЕСМ во вкупна количина од 2100 MWh“, обвини тогаш Мицкоски.

ЕСМ ја продава таа струја за 337 евра за мегаватчас, а албанската државна енергетска компанија КЕШ ја купува струјата по 525,55 евра за мегаватчас. Ако се одбијат транспортните трошоци, со тоа Македонија е оштетена за над 10,8 милиони евра, обвини Мицкоски.

На ова реагираше директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој со цртање на
табла објаснуваше колку струја се произведува и како се продава. Според него конкретно вишокот на струја од 2 до 7 часот кој што се продава се врши преку транспарентна и конкурентна постапка, а цената се формира врз основа на добиените понуди.

„На оваа објава за продажба на овие ноќни вишоци може да се јави секое правно лице“, рече Ковачевски и додаде дека ако не се продава вишоците на струја ќе треба да се пуштат слободно во системот и да не се наплаќаат, а со тоа АД ЕСМ би имале нула приходи.

ЕСМ треба да ги задоволи потребите на домаќинствата и малите фирми кои се на регулираниот пазар. Сепак, поради високите берзански цени, владата го задолжи државниот производител на струја да обезбеди поевтина електрична енергија и за училиштата, болниците, водоводните претпријатија и фирмите од прехранбениот сектор, кои досега набавуваа струја на слободниот пазар.

Дополнително, ЕСМ годинава целосно треба да обезбеди струја за покривање на техничките загуби во мрежата по цени пониски од берзанските.

Надлежните постојано повторуваат дека ЕСМ произведува доволно струја за домаќинствата и малите фирми, но мора да увезува за да обезбеди струја за фирмите што беа дополнително додадени.

Сепак, анализите покажуваат дека кога термоцентралите би работеле со полн капацитет, ЕСМ може да произведе доволно струја за да ја покрие оваа потрошувачка без да увезува. Во изминатите недели, термоцентралите РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј работеле со само 40 отсто од инсталираниот капацитет.

Related posts

Шолц во Атина: Може ли Грција да ја снабдува ЕУ со енергија?

ninja

Русија го губи енергетскиот пазар, Германија потпишува 20 годишен договор за снабдување со течен гас од САД

admin

Мега-извозен центар во Скопје, Даути: Ги отвораме портите на европскиот пазар за домашните производи

admin

Бесими најави граѓанска обврзница за ликвидност на буџетот

admin

Трагедија во Либија: 5.100 загинаа, тела се насекаде, внатре во куќите, на улиците, на море

admin

Над 60 загинати и 145 повреди: најсмртоносниот терористички напад во Русија

admin