12.8 C
Скопје
14 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

МОЖЕ ЛИ ДРЖАВАТА ДА ГО „ОДБЛОКИРА“ СКОПЈЕ?

Министерот Ристо Пенов вели дека државата може насилно да ги тргне автобусите од улица. Приватните превозници му порачаа дека може и тенкови да прати, но протестот е законски.

Скопје е под 24 часовна блокада на приватните превозници, кои најавија дека ќе останат на улиците се додека не се исполнат нивните барања за исплата на долговите. Блокадите предизвикаа метеж, нервоза и незадоволство кај граѓаните кои бараат итно решавање на проблемот и „ослободување“ на виталните крстосници во градот.Проблемите со сообраќајот во главниот град, кои траат веќе со недели нанесуваат огромна штета на сите. Може ли државата да го „одблокира“ главниот град и да ги отстрани приватните превозници, кои со 200 автобуси го блокираат крвотокот на градот?

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, вели дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници. „Автобусите може насилно да бидат тргнати од улиците, но засега само се следи ситуацијата“, изјави синоќа (5.12) во Дневникот на ТВ Сител министерот за локална самоуправа.

„Еве, да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот, па Владата презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот“, рече Пенов.

Огромни штети 

Според него, протестот и блокадите не се насочени ниту кон ЈСП, ниту кон градоначалничката Данела Арсовска,туку кон граѓаните. Долгот ако е еден милион, тогаш штетата од блокадите само денеска е еден милион, посочува Пенов.

Министерот е дециден дека ова е политички протест и дека има начин долгот кон приватните превозници да се исплати „Советот може да и наложи на градоначалничката од некоја ставка од Буџетот да одвои пари за исплата на долгото, но тоа не се прави, туку се оди со политички памфлети“, посочи Пенов.

Тој во вторникот при посетата на Струмица повтори дека граѓаните трпат огромни штети од блокираниот сообраќај. „Не можам да кажам кои мерки ќе ги преземеме, но ја следиме таа ситуација, непријатна е. Преголема штета трпат граѓаните заради, можам да кажам, некакво самоволие кое е присутно на улиците во Скопје. Тој протест треба да биде насочен кон тие што го креираат или тие што мислат дека им го креираат проблемот. Вака, штетата ја плаќаат граѓаните, секој по половина час најмалку во денот вози повеќе, троши гориво, се губат работни часови, бизниси, што е огромна штета за граѓаните“, рече Пенов.

блокада Скопје превозници
Министерот Ристо Пенов вели дека државата може насилно да ги тргне автобусите од улица. Приватните превозници му порачаа дека може и тенкови да прати, но протестот е законски.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„И тенкови да прати – протестот е законски“ 

Приватните превозници пак, му возвратија дека „може и тенкови да прати“, но протестот според нив е законски. „Протестот на приватните превозници е законски и е законски најавен, доколку Ристо Пенов смета дека има нешто што е погрешно во целиот случај и дека може нешто да стори за да престане протестот, тогаш нека го направи тоа. Може и тенкови да ни испрати или можат да стрелаат врз возачите на блокадите“, вели директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Приватните превозници поради долгови од Градот веќе втор ден ги блокираат клучните раскрсници во Скопје.

Власта одговорноста за хаосот во Скопје власта ја префрла кај ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска која ја имаше нивната поддршка на локалните избори. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, со прст посочуваат кон СДСМ, ДУИ и Левица чии кадри, како што велат од партијата, управуваат со хаосот продуциран од Арсовска.

блокада превозници Скопје
Приватните превозници поради долгови од Градот веќе втор ден ги блокираат клучните раскрсници во Скопје. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Разумно решение

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека системот на јавниот превоз во Скопје е од 1980 година, а она што му треба на главниот град е решенија од 2040 или 2050 година, за каков што го смета проектот за Бас рапид транзит (БРТ).Овој проект беше стопиран од новата градоначалничка Данела Арсовска и мнозинството во Град Скопје, со образложение дека не е еколошки исплатлив проект.

Но, Битиќи вели дека БРТ системот не може да биде поштетен за Скопје од автобуси кои сообраќаат, а се 30 години стари.  „Мислам дека за жал состојбата во Градот Скопје е од 1980 година, не наликува на еден град кој е престолнина на земја што аспирира да биде членка на ЕУ. Во Град Скопје ни требаат решенија од 2040 или 2050 година и сметам дека БРТ е едно такво решение. Жалам што не се седнува и да се видат, да им остави на тие што се најразумни и најповикани да кажат кое е најразумното решение за превозот во Градот Скопје, а остануваме на ставот дека БРТ е решение кое треба да примени“, вели вицепремиерот.

Колапсот во Скопје трае веќе неколку недели, најпрво поради незадоволство ја возачите на ЈСП поради неподмирени плати, а ескалираше со блокади на приватните превозници, коишто се вклучени во јавниот превоз.  Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не ги прими на средба превозниците, по што ги извести дека ќе ги раскине договорите со нив и дека ќе распише нов оглас за избор на превозници.

Related posts

Русија поседува дел од бугарскиот брег на Црното Море, а се чини дека на Софија не и пречи

admin

“Евергранд” може да стане уништувачка топка за кинеската економија

admin

ТЕХНИЧКА СИМБОЛИКА ЗА ПРЕМИЕРОТ АЛБАНЕЦ

ninja

Реформите и учебниците како систем „капка по капка“

admin

Тренчевска: Стравовите за безбедноста на работниците бргу ќе исчезнат затоа што „Бехтел и Енка“ е сериозна компанија

admin

ТАРАВАРИ СО „ПРАЗНИ РАЦЕ“ ЗАМИНА ОД ВЛАДАТА

ninja