14.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Владината коалиција на тест по упадот во М-НАВ

ДУИ ќе дебатирала околу аргументите за разрешување за менаџментот на М-НАВ. Министерката за одбрана не верува дека кој било ќе има силни аргументи да се спротистави на предлогот.

„Ќе дебатираме. Можеби Владата има посилни аргументи од судот“, изјавиле од ДУИ за ТВ 24 во пресрет на денешната владина седница, на која по иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, ќе се одлучува за разрешување на раководството на М-НАВ по упадот на осум лица во оваа институција на 4-ти јануари.

Највата за дебатирање индицира дека аргумент на ДУИ во таа дебата би била одлуката на Кривичниот суд, кој определи поблаги мерки на претпазливост а не притвор за инволвираните во инцидентот, со став дека Обвинителството не доставило доволно докази оти осомничените ги исполниле условите предвидени во кривичното дело што им се става на товар. Односно, дека „самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело”. ОЈО Скопје ја обжали ваква одлука на судијата на претходна постапка.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која со министерот за транспорт Благој Бочварски требаше да бидат консултирани од премиерот за инцијативата за разрешување на менаџментот на М-НАВ, вели дека „не верува дека кој било ќе има силни аргументи да се спротистави на предлогот за разрешување”.

Извори од владејачката коалиција кои инсистираат на анонимност, сметаат дека не би требало да има дилеми околку неопходноста од смена на раководството на М-НАВ после таков сериозен инцидент. Сметаат дека тоа ќе биде тест за коалициските партнери, бидејќи ја засегаат довербата на граѓаните во институциите, и прашањето дали коалициските партнери се залагаат за исти цели.

Приватна работа или јавен интерес 

Основното јавно обвинителство – Скопје на 5-ти јануари донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

ДУИ тогаш соопшти дека силно ја осудува секоја форма на насилство.

„Безбедноста на сите граѓани е најважна за нас. Настаните во М-НАВ се вознемирувачки и од државните институции се третираат со најголема сериозност. Истражните органи мора одлучно да го расветлат случајот“, соопшти партијата.

Иако ДУИ повика истрагата да го расветли случајот, оваа партија исто како и раководството на М-НАВ, инцидентот го оцени само како несогласување меѓу колеги.

„Инцидентот кој се обидува неправедно да и се припише на ДУИ, е резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичкo прашањe, а уште помалку со ДУИ. Станува збор за несогласување меѓу колегите и во никој случај не треба неправедно да се меша партиска политика. Ја осудуваме тенденцијата за постојано мешање на партиите во секоја приватна секојдневна работа“, соопшти ДУИ.
„Приватната и секојдневна работа” во која ДУИ не сака да биде замешана, воопшто не е приватна работа, туку прашање од јавен интерес и прашање на безбедноста во сферата на домашниот и меѓународниот воздушен сообраќај. Како што соопшти ОЈО Скопје, во во критичниот момент на инцидентот, во воздушниот простор над државата се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ.

ДУИ во овој случај е вмешана со партиската припадност на учесници во упадот и насилството во М-НАВ, но партијата не го разреши нејзиниот функционер инволвиран во инцидентот, Беким Незири, кој е претседател на огранокот во Чаир и член на претседателството на ДУИ.

„Демократската унија за интеграција го повторува својот став за владеење на правото и тоа дека никој не е над законот, но воедно и се спротивставува на осудувањето и притисокот на јавноста врз институциите“, порача партијата.

Во јавноста, пак, сомнежот е дека институциите се токму под притисок на политиката, имајќи ги предвид изречени благи мерки на претпазливост за сторителите, кои Обвинителството ги обжали.

Претседателот Стево Пендаровски претходно ја поддржа иницијативата на Владата со која е најавена целосна смена на сите раководни структури во М-НАВ, а целосна поддршка му даде и на МВР, за во најкус можен рок да ги расчисти настаните. Претседателот нагласи дека ничиј личен или политички интерес не може да биде над правниот поредок и непреченото функционирање на институциите.

Укажувачите да бидат заштитени 

Сега искреноста на партиите ќе биде под големата лупа на јавноста, а особено постапувањето на институциите. Платформата на граѓански организации против корупцијата, вчера во Отворено писмо побара институциите целосно да ги расветлат деталите околу инцидентот во М-НАВ.

„Сметаме дека сите оние кои во своето работно опкружување, особено во јавниот сектор, се залагаат и делуваат против партиски вработувања, без разлика на националната припадност при вработувањата, треба да бидат заштитени. Каков било напад по оние што се одлучиле да застанат во заштита на законитоста при вработувањата, претставува сериозна закана по доброто управување, борбата против корупцијата и клиентелизмот, и ќе делува обесхрабрувачки за идни слични потенцијални иницијативи на работните колективи во јавниот сектор. Борбата против корупцијата е должност на сите, па затоа иницијативите кои доаѓаат од јавниот сектор треба да бидат заштитени и поттикнати“, порачаа 18 организации.

Платформата побара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, да ги испитаат и сите индиции или ризици од корупција во работењето на М-НАВ на кои досега е укажано, за системот да им демонстрира на досегашните и идните сведоци на корупцијата – дека има поента да пријават корупција, и дека по нивните сведоштва ќе се постапува. /DW

Related posts

Џон Малкович настапи на Охридско лето, Античкиот театар исполнет до последно место

admin

ВИДЕО | Автоматски воздушно такси веќе на продажба

admin

Доналд Трамп: Зошто Европа не дава повеќе пари за да и помогне на Украина?

admin

НОВ СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО ТУРСКО-СИРИСКИОТ ПОГРАНИЧЕН РЕГИОН

ninja

ПОЕВТИНА СТРУЈА ЗА 518 КОМПАНИИ, УЧИЛИШТА И ИНСТИТУЦИИ

ninja

Индустриските производи поскапи за 4.2 проценти

admin