Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со Премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст. Основите на даночната реформа се поставени со Стратегијата за даночна реформа 2021-2025 година, која Владата ја усвои на крајот од 2020 година, како дел од Програмата на Владата. Целта беше да се обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето и ќе биде во функција на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.
Пишува: Фатмир Бесими
Во рамки на Стратегијата дефинирани се пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите кои ги администрираат јавните приходи. Првиот се однесува на поголема праведност во оданочувањето, преку кој треба да се обезбеди секој да го плаќа својот праведен удел од данокот. Вториот приоритет е да се постигне поголема ефикасност и ефективност при наплатата на приходите, преку анализа и доуредување на даночната основа, зајакнување на капацитетите на институциите, модернизација и автоматизација на процесите, како и посилна институционална координација. Исто така, како приоритет се утврдува зголемената даночна транспарентност, во насока на подобрувањето на правната рамка за транспарентност и размена на информации, соработката меѓу финансиските институции и даночната администрација во Република Северна Македонија со финансиските институции и даночни администрации од другите земји и поголем поттик на даночните обврзници да ги пријавуваат сите релевантни информации. Четврт приоритет е подобрување на квалитетот на услугите, односно поедноставување и забрзување на постапките и намалување на административниот товар. Петтиот приоритет е еколошкото или „зелено“ оданочување преку кое ќе се поттикнат даночните обврзници да го намалат своето однесување или активностите кои придонесуваат за загадување, како и стимулирање на даночните обврзници за користење обновливи извори на енергија, заштита на природните ресурси, одржлив економски развој и подобрување на квалитетот на животот.
Оптимален даночен систем
Според економската теорија, принципите на оптимален даночен систем се праведност и еднаквост; стабилност, предвидливост и правна извесност; неутралност; финансиска покриеност на потребите за спроведување на јавните функции и услуги; едноставност и јасност на правилата и економичност, односно позитивен сооднос помеѓу собраните давачки и административните трошоци за нивно прибирање. Адам Смит во „Богатството на нациите“ ќе посочи дека „оданочувањето треба да ги следи четирите принципи: праведност, сигурност, едноставност и ефикасност“. Светски познатите економисти Менкју, Ремзи и Марелес сметаат дека оптималниот даночен систем е оној кој ќе ја максимизира општествената благосостојба преку сет на ограничувања.
На почетокот на деведесеттите години, со воведувањето на новиот општествен систем во нашата земја, се воведе и нов фискален систем, заснован на принципот на алокативна неутралност на даноците и буџетот, според кој со инструментите на фискалната политика нема да се поддржуваат определени сектори. Оттогаш имаше неколку поголеми даночни реформи, меѓу кои воведувањето на Данокот на додадена вредност, кој го замени дотогашниот данок на промет на производи и услуги. Исто така во неколку наврати беше менувана и даночната стапка кај данокот на доход, од прогресивна во пропорционална и обратно.
Даночниот систем е жива материја, тој служи за да осигура функционирање на државниот апарат и јавните услуги, како и да има соодветна улога во алоцирање на средствата за поттикнување на економскиот раст и развој. Соодветно на тоа, тој низ времето треба да се менува за да одговори на современите услови и потреби. На пример, новите технологии и дигитализацијата од корен ги менуваат сите општествени и економски процеси, вклучително и даночниот систем, како од аспект на даноците и стимулациите, така и од аспект на поедноставување на административните процеси и заштедување на средства и време.
Повисоки приходи од даноци за поквалитетни јавни услуги
Податоците покажуваат дека наплатата на даноците како процент од БДП кај нас, е под процентот кај земјите во регионот, и воедно е далеку под просекот на земјите во ЕУ-27 и развиените земји. Ако се разгледаат историските податоци за квантитативните показатели на ефикасноста на даночниот систем, евидентна е потребата од промени. Јазот помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и во Северна Македонија е значителен, односно во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси кај ЕУ-27 во просек учествуваат со 38,4% во БДП, додека кај нас 27,7%, или за 10,7 процентни поени помалку. Јазот во текот на анализираниот период од 2008 до 2020 година се продлабочува, односно во 2020 година јазот достигнува 13,9%. Во однос на земјите од Западен Балкан, анализирајќи ги само даночните приходи без социјалните придонеси, имаме убедливо најниско учеството на даночните приходи во БДП која во 2020 година изнесуваше 16,1%, додека Црна Гора 23%, Косово има 22,3%, Србија 20,1% и Албанија 17,3%. Доколку се анализира и подолг период може да се види дека постојано имаме негативна разлика во однос на регионот. Тоа е резултат на неколку фактори, пониски даночни стапки, поголеми даночни ослободувања, како и сивата економија и ефикасноста во наплатата.
Експертите на Светската банка укажуваат дека уделот на даночните приходите во БДП е значаен за економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата, бидејќи е потребно државите да располагаат со потребните средства за да инвестираат во иднината и за да постигнат одржлив економски раст. Исто така, ова е значаен сигнал за инвеститорите, колку државата има капацитет и колку е одржлива нејзината позиција во сервисирањето на своите обврски. Развиените земји, вообичаено, имаат повисок удел, со тоа што просекот кај земјите од ОЕЦД во 2019 година изнесува 33,8%, или двојно повеќе од кај нас.
Анализирајќи ја вкупната наплата на даноците како процент од БДП, како и на одделните даноци како процент од БДП во периодот од 2008 до 2020 година, покажува дека е потребна поголема даночна реформа со која ќе добиеме поефикасен систем. Дополнително оваа потреба се зајакнува во периодот од изминатите три години, кога ние, заедно со светот, се соочивме со најголемите економски предизвици од Големата депресија наваму. Последователните шокови и владината реакција за нивното ублажување, го намалија фискалниот простор кај нас, како и кај повеќето земји во развој. По кризата предизвикана од пандемијата, фискалната консолидација, стана потреба и приоритет во јавните финансии. Тоа значи дека е неопходно да се рационализираат расходите, но исто така да се оптимизира и приходната страна.
Даночен трошок и економската оправданост
Даночен трошок е системска разлика во даночниот третман на одделни категории даночни обврзници или активности, за сметка на што се наплаќаат помалку даноци во буџетот. Едноставно кажано, станува збор за финансиска поддршка на одредени категории граѓани и фирми, преку ослободување од плаќање на одреден данок или пониска даночна стапка од редовната со цел постигнување на некоја општествена, економска или социјална цел за одреден временски период. При утврдување на овие даночни ослободувања, секогаш се гледа економскиот бенефит да биде поголем од даночниот трошок.
Со тек на време, откако овие индиректни буџетски трансфери ќе ја извршат својата цел, стануваат непотребен товар за буџетот, а истовремено ја ставаат соодветната категорија на граѓани и фирми во непотребно привилегирана положба во однос на останатите. Во тој случај штетата која ја носат овие исклучоци е двојна, и по основ на буџетот и по основ на останатите даночни обврзници, а со тоа претставуваат и потенцијален извор за даночна нерамноправност.
Повеќето земји на Организацијата за економска соработка (ОЕЦД) и Европската унија (ЕУ), како дел од буџетскиот процес, наложуваат изготвување извештаи за даночните расходи на годишна основа и нивна cost-benefit анализа. Целта е поголема транспарентност за креаторите на политики, парламентарците и општата јавност преку обелоденување на податоци за пропуштените приходи кои произлегуваат од даночните олеснувања.
Во извештаите од страна на меѓународните финансиски институции за земјава се укажува на високите даночни трошоци. Исто така, при анализа на нашиот даночен систем, се забележуваат голем број на даночни ослободувања како и долга листа повластени стапки, најдолга од сите земји во регионот. Некои од овие ослободувања датираат од пред долг временски период и со текот на времето ја извршиле целта и ја изгубиле својата намена. Сега тие претставуваат единствено трошок за буџетот и неоправдана привилегија за одредени даночни обврзници, што создава дисторзија на пазарот.
Во заложбата за градење на праведен даночен систем, кој ќе биде фер за сите обврзници, ефикасен, ќе ја врши својата редистрибутивна улога и ќе го поддржува економскиот раст, тргнавме од даночните трошоци. Суштината на новиот даночен концепт, кој е дел од пошироката даночна реформа, е проширување на даночната основа. Проширување на даночната основа значи зголемување на бројот на даночните обврзници. Тоа ќе го постигнеме преку преиспитување на даночните трошоци кои веќе ја извршиле својата функција, како и преку воведување на дел од субјектите од неформалната во формалната економија преку бескомпромисната борба со сивата економија.
Со новиот Закон за буџети, а по пример на ОЕЦД и на ЕУ, поставуваме и системско решение, обврска за изготвување на годишни извештаи за даночните трошоци и нивно ревидирање соодветно на нивниот придонес.
Инклузивен процес за оптимален даночен концепт
Врз основа на Стратегијата за даночна реформа, изработивме Нацрт-концепт, кој е дел од севкупната даночна реформа. Нацрт-концептот имаше за цел да постави основа – идеја, од која би тргнала комуникацијата со засегнатите страни. Концептот на даночната реформа се засноваше на праведност, односно на проширување на даночната основа преку: 1) ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и 2) борба против сивата економија. Нацрт-концептот содржеше мерки со вкупно проценет фискален ефект од 6,1 милијарда денари, кои се базираа на претходно направени истражувања и анализи, споредби со други земји, како и извештаи и препораки од страна на меѓународните финансиски институции.
Процесот на широка расправа на Нацрт-концептот се одвиваше во текот на два месеци. Имавме средби и дискусии со академската и бизнис заедницата, невладиниот сектор, како и политичките партии. За овој период, слушајќи ги одделните аргументи и анализирајќи ги, дел од мерките беа повлечени или одложени и некои беа ревидирани, притоа се прифатија и нови иницијативи. Процесот на носење на оваа даночна реформа е најдобар пример за демократска и инклузивна постапка. Најдобар показател за тоа е и приемот на новините во јавноста, кои беа проследени со одобрување, што е реткост имајќи ја предвид специфичноста на темата, односно дека секогаш некој ќе биде засегнат.
Мора да се истакне дека фискалниот ефект на оваа реформа се очекува да биде околу 4,2 милијарди денари (70 милиони евра), што во време на покачување на цената на капиталот на финансиските пазари е значајно за нашата заложба за фискална консолидација.
Со ревидираниот Концепт на даночна реформа, кој беше доставен и усвоен од Владата, се предлагаат измени во три закони – Законот за данок на добивка, Законот за данок на личен доход и Законот за данок на ДДВ.
Данок на добивка
Иако претходно беше разгледувано, по консултациите со бизнис-заедницата, а со оглед на специфичните тековни економски услови, донесовме одлука да не се даночи реинвестираната добивка за сите видови инвестиции, наместо првичниот предлог ослободувањето да се однесува само за инвестициите во дигитализација и во обновливи извори на енергија. Сепак, ќе се направи законска измена со која ќе се утврдат механизми со кои ќе се оневозможи злоупотреба на ова ослободување, односно во случај обврзникот неправилно да ги применува одредбите за реинвестирана добивка да биде задолжен со петкратен износ од данокот кој би го платил кога не би го користел ослободувањето. На овој начин ќе се спречи или намали можноста од злоупотреба на даночното ослободување и даночна евазија. Понатаму, за микро и малите трговци се предвидува поедноставен даночен модел со можност за избор за плаќање на вкупниот приход или на остварената добивка. Кај донациите кај спортот системот за ослободување ќе се направи промена во ваучерскиот систем, ќе се реализираат преку програма на Влада, преку директно финансиска поддршка од буџетот.
Ослободувањата по основ на придонеси во доброволниот пензиски фонд уплатени за работниците останува, исто така, во насока на поддршката за развој на човечки капитал.
Ослободувањата за уплаќање на животно осигурување за работниците беше мерка која беше донесена при развојот на осигурителните друштва во земјава. Целта е постигната и сега тоа треба да се темели на пазарни услови. Секако, доколку работодавецот има интенција да држи квалитетни работници, ова не би преставувало пречка да продолжи да го уплаќа.
Премиите за приватно здравствено осигурување за работниците исто така беше едно од ослободувањата кои ги разгледувавме со анализата, а потоа и ги дискутиравме со општествените чинители. Со оглед на тоа што го гледаме здравјето како еден од приоритетите од аспект на човечкиот капитал, како и од аспект на продуктивноста, ова ослободување останува на сила.
Исто така, ќе се направат интервенции кај ослободувањата за заштитните друштва, со тоа што и понатаму продолжува поддршката за вработување на лица со посебни потреби, преку посебен закон.
Данок на личен доход
Со Концептот за даночна реформа се предлага укинување на одредбата на Законот за личен доход со кој од 1 јануари 2023 година требаше да стапи на сила прогресивна даночна стапка. Од аспект на принципот на праведност, ова решение отвора повеќе дилеми, на пример, ако едно лице во повеќечлено семејство има повисока плата, а останатите немаат никаков приход, со претходно поставеното решение тоа лице ќе требаше да плати повисок данок од лица во домаќинство каде сите заработуваат, поединечно помалку, но домаќинството има многу повисоки приливи. Оттаму, ќе се разгледа и овој контекст и ќе се прават и понатаму анализи, но и ќе се разгледаат и други модели на поголема праведност во оданочувањето на личниот доход.
Во време на високи стапки на инфлација, важно е да се поттикне граѓаните да штедат. Оттаму, одредбата која постоеше со постоечкиот Закон за личен доход, да се даночат каматите на орочените депозити од 1 јануари 2023 година, се одлага до влезот на земјава во ЕУ.
Одредбата пак која се однесува на оданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд стекнати од 1 јануари 2023 година, а кои ќе се оттуѓат во рок од две години од стекнувањето, останува и предвидено е годишно пресметување и плаќање на данокот, врз основа на решение од УЈП изготвено врз основа на извештај од Централниот депозитар за хартии од вредност, односно од Друштвата за управување со инвестициски фондови.
Кај Законот за личен доход се доуредуваат и немонетарните бенефиции за менаџерите, односно користењето на службени возила за приватни цели, недвижности на компанијата, како и опции за акции. Се допрецизира даночната основица за нивно оданочување.
Една од најкоментираните мерки, оданочувањето на хонорарците, е поставена така, доколку сакаат тие, на доброволна основа да добијат можност да се регистрираат на платформа и да плаќаат придонеси и тоа на различна висина од плата, минимална, просечна или до 2 милиони денари. Тоа ќе биде овозможено од 2024 година, со поминување на соодветен закон.
Данок на додадена вредност
Целите врз основа на кои се темели реформата кај Данокот на ДДВ се понатамошно зајакнување на принципите на неутралност и конкурентност, преку стеснување на листата на добра и услуги за кои се применува повластена стапка на данокот на додадена вредност, како и оданочување на определен промет. Се врши и допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници во поглед на правото на добивка на претходен данок, што ќе овозможи поголема правна сигурност за даночните обврзници, и поголема ефикасност во спроведување на контролата.
Со оглед на тековната ценовна криза и со цел заштита на стандардот на граѓаните повластената стапка за основните прехранбени производи останува 5%. За полуксузните прехранбени производи, оставаме повластена стапка, но таа ќе изнесува 10%.
Исто така, земајќи ги во предвид барањата и иницијативите, кои произлегоа од широката дискусија, донесовме одлука за воведување на повластена каматна стапка за производите за менструална хигиена, односно намалување на ДДВ-то од 18% на 5%.
Бескомпромисна борба со сивата економија
Воведувањето на неформалниот сектор во формалната економија е од клучно значење за зголемување на даночната база и со тоа наплатата на давачките, без притоа да се воведуваат нови даноци и да се покачуваат постојните. Тоа е првиот постулат во постигнување на праведност на даночниот систем: „Секој даночен обврзник ќе плати ист данок за иста даночна основа, без исклучок.„ И нема никакво оправдување за неплаќање на данок, освен истиот да се плати.
Се преземаат и ќе се преземаат активности за зголемување на капацитетите за поефикасно прибирање на приходите и намалување на сивата економија, со што ќе се зајакне праведноста на даночниот систем. Особен акцент ќе се стави на дигитализација на процесите во даночната и царинската администрација, за што веќе е утврдена динамика на реализација, за да може да се одвива паралелно со даночната реформа. Во Управата за јавни приходи се подготвува теренот за воспоставување е-фискализација и е-фактура, како и системот на одбележување и следење “track and trace” за акцизните добра (особено тутунот, алкохолните пијалаци и нафтените деривати) од страна на Царинската управа, како и другите процеси на дигитализација во овие две институции.
Со Акцискиот план за сузбивање на сивата економија планирани се и низа други мерки кои ќе ги стимулираат субјектите да се префрлат во формалната економија, бидејќи ќе им биде поисплатливо и ќе имаат поголем бенефит од тоа.
Данок на екстра добивка како иницијатива од јавната дебата на дополнителна дискусија со стопанските комори
Вонредните даноци се пракса во повеќе земји во светот кои во услови на вонредни состојби воведуваат даноци од привремен карактер за да ги коригираат дисторзиите на пазарот. Во економската теорија и политика, логиката на ваквите даноци се базира на редистрибуција на дел од неочекуваните високи приходи кои одредени компании ги стекнуваат заради конјуктурите на пазарот или други вонредни состојби. Во светот низ историјата има повеќе примери за такви решенија. Слични иницијативи има и сега за време на енергетската криза, при што во некои земји се предлага т.н. Данок на екстра профит. Новата Влада на Велика Британија најави дополнителен данок на екстра добивка во висина од 35% за период 2023-2028 година за компаниите во енергетскиот сектор. Унгарија во мај 2022 година најави оданочување на екстра профитите во енергетскиот сектор, финансискиот сектор, авиотранспортот и трговијата на мало за период 2022-2023 година, при што за енергетскиот сектор таа достигнува висина од 65%. Во ноември во Хрватска беше најавено данок на екстра профит од 33% за сите компании со годишни приходи над 40 милиони евра, а кои оствариле добивка повисока од 20% од нивниот годишен просек за период 2018-2021 година. Минатата недела Италија најави данок на екстра профит во висина од 50% за компании од енергетскиот сектор кои имаат профит повисок од 10% од просекот 2018-2021 година и ќе се примени во 2023 година.
За време на јавната дебата за нацрт-Концептот за реформи на даночната политика од страна на повеќе чинители од општеството се покрена дискусија со предлози за воведување на данок на екстра добивка. Иако има повеќе примери на земји кои што пристапија кон воведување на данок на екстра добивка, тргнувајќи од принципот на инклузивност при дефинирање на економските политики, како што најавивме на заедничката прес-конференција за даночните реформи со Премиерот, тој предлог ќе го дискутираме дополнително со стопанските комори, додека во меѓувреме во Министерство за финансии се прават подетални анализи за фискалните и економските импликации.
*Авторот е Министер за финансии на Република Северна Македонија